На туризмот не влијаат толку ни цените, ни услугата, колку што може да влијаат насилните инциденти и криминалот, вели претседателката на Стопанската комора за туризам на Македонија, Лела Крстевска. Таа вели дека домашните одморалишта имаат понуда се сечиј џеб и вкус и оти не се согласува оти туристичката сезона во Охрид е толку лоша колку што се претставува. Другите работи може да се менуваат и да се прилагодуваат, но најмногу мора да се внимава на безбедноста, вели таа.
Она што не смее да ни се случува се инциденти, да не речам криминални и агресивни дејствија коишто се случуваат во туристичките дестинации, тоа е она што навистина му пречи на туризмот.Лела Крстевска, претседателка на Стопанската комора за туризам на Македонија.
„Она на што навистина треба да пазиме и она што навистина сериозно влијае на развојот на сезоната, оваа и идната, е безбедноста и сигурноста на туристите. Она што не смее да ни се случува се инциденти, да не речам криминални и агресивни дејствија коишто се случуваат во туристичките дестинации, тоа е она што навистина му пречи на туризмот“, вели Крстевска во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.
Би имале помалку да кажеме униформирани или видливи полициски сили што ги вознемирува граѓаните, односно туристите и од друга страна би имале една пријатна ситуација за туристите, кои ем се чувствуваат безбедно, ем не се нападно видливи полициските сили.Владимир Пивоваров, универзитетски професор.
Половина од плажите во Охрид среде туристичка сезона беа без спасители на вода. Момче од кочанско се удави во Охридското Езеро. Во кабаре во Охрид, двајца охриѓани нападнале гости од Турција и од САД и им нанеле физички повреди. Двајца скопски тинејџери без избодени со нож во масовна тепачка во центарот на Охрид пред Илинден. Ова се само неколку случаи извадени од полицискиот билтен од изминатиов месец.
Инцидентите не може целосно да се спречат, но може да се работи на превентива за нивниот број на се сведе на минимум, вели професорот по безбедност Владимир Пивоваров.
„Народот треба да е во една корелација со институциите, пред сè со полицијата околу осознавање на можните идни проблеми и околу откривање и докажување на веќе сторените кривични дела. Тука веќе има сериозен проблем, затоа што граѓаните ја имаат изгубено довербата во институциите и поради тоа таа соработка апсолутно не се остварува. Доколку би се остварувала би се постигнал двоен ефект, би имале помалку да кажеме униформирани или видливи полициски сили што ги вознемирува граѓаните, односно туристите и од друга страна би имале една пријатна ситуација за туристите, кои ем се чувствуваат безбедно, ем не се нападно видливи полициските сили“, вели Пивоваров.
Тој вели дека позитивен пример за превентива е соработката меѓу македонската и српската полиција во Охрид по убиството на српски турист пред четири години.
„Превенцијата после случајот со убиството на српскиот државјанин почнавме да ја применуваме со заедничко патролирање на нашите полицајци со полицајци од Србија, што е добар исчекор и се очекува да даде резултати“, вели Пивоваров.