Достапни линкови

Поарно жештини, отколку поплави


Граѓаните полесно се снаоѓаат со жештините отколку со поплавите и ненадејните поројни дождови.

Само што помислија дека живеат во некоја држава од телевизиските вести, на скопјани им пристигна познатото пекол жешко лето, секој ден се пожешко. И се чини во него полесно се снаоѓаат отколку во поплавите и ненадејните поројни дождови. Вака си имаат ред. На прошетка одат рано наутро, лекарските препораки ги знаат напамет.

Под ладовина наутро одам да пазарувам, да земаm леб, млеко, не можам цел ден да седам во станот.
Анкетиран граѓанин.

„Цел живот јадам зеленчук и овошје, препораките ги знам.“

„Повеќе чорби, помалку месо.“

„Под ладовина наутро одам да пазарувам, да земам леб, млеко, не можам цел ден да седам во станот.“

Малку парадоксално, но еден повозрасен господин вели дека временските прилики му станале незабележливи покрај многуте проблеми кои мисли секојдневно како да ги реши.

Кога ми доаѓаат сосетките, ми викаат арно ти е тебе на северна страна, а ние ти доаѓаме како да ти е слава секој ден. Ако нека доаѓаат, не ми сметаат.
Анкетиран граѓанин.

„Не ми пречи, воопшто не му обрнувам внимание на времето, како што стареам верувајте климатските промени ми се занемарливи.“

Повеќето прилично подготвено се враќаат на соодветниот ритуал. На прошетка до 11 претпладне, потоа дома, со спуштени ролетни и вклучен климатизер, така се до вечерта. За оброците бираат претежно овошје и зеленчук, прават лесни јадења. Оваа добра сосетка со стан на северната страна по цел ден има гости од јужните станови. Не и пречи тоа, такви се условите, а и дружбата е одлична.

„Кога ми доаѓаат сосетките, ми викаат арно ти е тебе на северна страна, а ние ти доаѓаме како да ти е слава секој ден. Ако нека доаѓаат, не ми сметаат.“

Во Скопје летата и порано биле пеколни. Но последниве години сонцето некако поинаку пече, се жалат некои од нив. А техниката отиде далеку. И на работа и дома и во кола и во продавниците , температурата веднаш паѓа за повеќе од петнаесет степени. Сите знаат дека тоа не е здраво, но им изгледа како единствен избор.

„Клима дома, во кола исто така клима.“

Ретки се привилегираните да ладат на природен начин.

„Живеам во стара куќа со дебели камени ѕидови.“

„Јас живеам на приземје и ладно е.“

Ова беше само првиот бран ова лето и според најавите нема да трае уште долго. Кон крајот на викендов доаѓа повторно дожд. Со оглед нас искуството од почетокот на летово, тука вреди да се биде малку попретпазлив.

XS
SM
MD
LG