Достапни линкови

Политички дијалог нема, опозицијата во „илегала“


Откако Груевски и Заев не успеаја сами да ја надминат политичката криза, Брисел упати низа забелешки на наша сметка, а неофицијално и посредник во разговорите меѓу власта и опозицијата.

Нема никакви сигнали за оживување на политичкиот дијалог во земјава, меѓуетничките односи се тензични, медиумската слика во земјава е неповолна, а не може да зборуваме и за владеење на правото. Со овие забелешки кои деновиве уште еднаш на наша адреса ги упати официјален Брисел, се согласуваат и дел од домашните експерти. Аналитичарот Рамадан Рамадани вели дека ситуацијата може да се подобри само со поактивна улога на опозицијата.

Не може никој да побара техничка влада, не е сега дали некој може да помогне или не може, едноставно треба да се откаже од тоа барање за техничка власт, тоа не може да помине. Кој ќе прифати такво нешто, зошто да прифати?
Владимир Божиновки, политички аналитичар.

„Мислам на операционализација на тие барања и конечно да ја преземат иницијативата во свои раце, а не да бидат во состојба само да чекаат што ќе направи власта“, изјави Рамадани.

Владимир Божиновски од Институтот за политички и политиколошки истражувања пак, вели дека опозицијата е виновна за таквата слика. Најголемиот проблем според него е барањето за техничка влада, а излезот го гледа во откажување на опозицијата од тоа барање.

„Не може никој да побара техничка влада, не е сега дали некој може да помогне или не може, едноставно треба да се откаже од тоа барање за техничка власт, тоа не може да помине. Кој ќе прифати такво нешто, зошто да прифати?“, изјави Божиновски.

Опозицијата еднаш ја послуша таканаречената меѓународна заедница и ред е сега таа да ја послуша опозицијата, конкретно европските институции да ја послушаат, па повеќе да се вмешаат.
Рамадан Рамадани, политички аналитичар.

Во меѓувреме, медиумите јавуваат дека во земјава пристигнал Петер Ванхаут, белгискиот експерт од Делегацијата на Европската Унија, кој треба да биде посредник во разговорите меѓу власта и опозицијата, иако информацијата официјално не ја потврдува ниту една од партиите. Дали и колку меѓународните претставници може да помогнат во надминувањето на политичките недоразбирања и подобрување на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата?

„Опозицијата еднаш ја послуша таканаречената меѓународна заедница и ред е сега таа да ја послуша опозицијата, конкретно европските институции да ја послушаат, па повеќе да се вмешаат, оти очигледно е дека оваа криза не може да биде решена од домашните“, вели Рамадани.

Божиновски е убеден дека до септември опозицијата ќе се откаже од барањето за техничка влада и оти и во редовите на партијата постојат несогласувања околу одредени нивни постапки. Ако ваквата политичка криза продолжи, ќе изгуби само опозицијата, уверува Божиновски.

„Ако поставиш како услов нешто што не е остварливо,тогаш може, в случајов опозицијата може најмногу да изгуби. Парламентот е на некој начин местото каде треба да се води таа политичка битка и кадешто најмногу ќе има визибилност“, изјави Божиновски.

Засега нема најави за нова средба меѓу Никола Груевски и Зоран Заев со белгискиот посредник. Откако на 24 јуни средбата заврши неуспешно, се прекинаа и обидите да се продолжат разговорите. Главното барање на СДСМ е да се формира техничка влада и повторно спроведување на изборите, што за власта е неприфатливо. Премиерот Никола Груевски вчера повтори дека нема да прифатат уцени од типот техничка влада во каква било форма.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG