Можен ли е политички дијалог со реална платформа?, гласи прашањето во насловот на нашиот текст во врска со ставовите на амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет, изнесени во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Првата реакција е коментарот на редовниот Пиле кој смета дека заедничка платформа не може да се изгради затоа што власта не го ни спомнува главниот проблем - решението на спорот за името.
Заедничка платформа не може да се изгради затоа што власта не го ни спомнува главниот проблем - решението на спорот за името.Коментар на читател.
Миле од Охрид го повторува својот став дека нашава редакција „лаже и манипулира“, како што напишал и дека не постоел знак на еднаквост меѓу вистината и она што ние сме го импутирале со поддршка од разни наводни експерти, аналитичари и коментатори, каков што бил Пиле.
Во врска со инсистирањето на амбасадорот Ралф Брет за ефективен дијалог меѓу власта и опозицијата, Незабеган само напишал: „Дијалог се води во слобода, а не за слободата!!!“
На таа тераса веројатно ќе бидат пуштени граѓаните на отворените денови на владата за да го видат Солунското Поле и да го воспеваат премиерот.Коментар на читател.
„Милионска владина тераса за сиромашна раса“ е наслов на прилогот што испровоцирал повеќемина од вас, почитувани, да го кажете своето мислење во врска со најновите зафати на власта на зградата на владата со нова фасада и за панорамското тркало во Вардар кои ќе земат нови милиони евра од народните пари, поточно од буџетот. Перо иронично напишал дека на таа тераса веројатно ќе бидат пуштени граѓаните на отворените денови на владата за да го видат Солунското Поле и да го воспеваат премиерот, а Незабеган искоментирал: „ВМРО-ДПМНЕ - раса, искочи на владина барок тераса, да видиш гладна народна маса!“
Според бројот на коментарите на прашањето во нашиот Хајд парк, дали сте задоволни од платата, изгледа народов ни е задоволен од сумите што ги добива како надоместок за сработеното. Фидан од Велес напишал дека за скопјани и само за нив нема зима, а Петар од Битола смета дека минималната плата од 8.600 денари треба да биде само социјална помош и дека минималецот не е доволен за еден човек, а камоли за фамилија. Нашиот народ не верува многу во одлуката дека сите фирми мораат да им исплатат надомест за годишен одмор, популарниот К-15, на вработените. Во коментарите, Анонимен и Вработен од Скопје пишуваат дека во приватните фирми парите ќе им бидат исплатени, но потоа земени од следната плата на вработените,а тие ќе си молчат од страв да не ја изгубат работата.