Достапни линкови

Мирно во Ѓорче Петров по синоќешните тензии


Само искршените прозорци на локалните дуќани, слаткарници, запалените маалски ресторанчиња, сведочат за тоа што се синоќа се случуваше низ улиците на населбата во која беше убиено 19 годишно момче.

По синоќешните немири во населбата Ѓорче Петров, денеска е мирно. Забележлива е вообичаената раздвиженост на жителите и секојденевниот сообраќаен хаос. Улиците се чисти и проодни. Полициски возила има само на одредени места. Само искршените прозорци на локалните дуќани, слаткарници, запалените малски ресторанчиња сведочат за тоа што се синоќа се случуваше низ улиците на населбата во која беше убиено 19 годишното момче.
Ми јавија дека се случува нешто, кај ќе дојдеш, хаос било.
Сопственик на дуќан во Ѓорче Петров.

Сопствениците на дел од дуќаните кај кои е предизвикана голема штета велат дека денеска е мирно, но исплашено раскажуваат за синоќешните инциденти.

„Ми јавија дека се случува нешто, кај ќе дојдеш, хаос било“.

„Јас сакав да дојдам со полициска придружба да видам што е работата, они не ми гарантираа, не сакаа да дојдам и не смеев да дојдам“.

Дел од сопствениците ја чекаа полицијата за да направи записник на предизвиканата штета на објектите, која пак во некои од случаите не се сведува само на искршените излози, туку и на украдена роба. Повеќето од нив не сакаат да зборуваат пред микрофон, но изразуваат жалење поради убиството на младото момче. Апелираат до своите сограѓани да се воздржат од провокации и ескалација на тензиите.
Искршен објект во Ѓорче Петров.
Искршен објект во Ѓорче Петров.
И од полицијата потврдуваат дека ситуацијата е под контрола и дека се превземени потребните мерки за безбедност. Повеќе детали најавуваат во текот на денот.
Јас сакав да дојдам со полициска придружба да видам што е работата, они не ми гарантираа, не сакаа да дојдам и не смеев да дојдам.
Сопственик на дуќан во Ѓорче Петров.


Во меѓувреме, Советот и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров изразија жалење за убиеното момче во близина на Европската очна клиника, но и загриженост за подигнатите тензии. Од Општината ги повикуваат надлежните институции, а посебно министерството за внатрешни работи да ги превземат сите неопходни мерки од нивна надлежност за враќање на мирот и безбедноста и заштита на животот и имотот на граѓаните. Од Општината апелираат до граѓаните да се воздржат од какви било активности спротивни на закон и да делуваат врз какви било изливи на насилство, се вели во писменото соопштение до медиумите.

До вчерашните инциденти во Ѓорче дојде по убиството на 19 годишниот матурант од средното медицинско училиште, од страна на лице кое претходно влегло во куќата на убиениот и одзело велосипед. Откога го забележале момчето и неговиот татко со автомобил тргнале кон крадецот. Набрзо го стигнале, но кога се доближиле до крадецот момчето било прободено со остар предмет неколку пати во срцето.

Во знак на револт поради убиството, голема група граѓани синоќа се собраа и предизвикуваа инциденти од Порта Влае па се до седиштето на Општината. Бројни противпожарни екипи навреме ги локализираа неколкуте пожари кои пламнаа по продавници и угостителски објекти, а беа запалени од толпата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG