Достапни линкови

За граѓаните, политичарите и судиите се најкорумпирани


Според перцепцијата на граѓаните, најмногу корупција има кај политичките партии, нивните лидери и судиите, потоа следуваат царината и царинските службеници, покажале истражувањата на Факултетот за безбедност - Скопје.

Највисок степен на корупција, граѓаните препознале кај политичките партии, нивните лидери и судиите, потоа следуваат царината и царинските службеници и носителите на државни функции, покажале двете истражувања на Факултетот за безбедност - Скопје. Едното било спроведено минатата година, а другото на почетокот на оваа година. Истражувањето е спроведено во над 30 општини во земјава во кое учество земале над 1.000 испитаници. Деканот на факултетот, Оливер Бачановиќ, вели дека темата корупција заслужува внимание.
Минатата година највисоко на скалата како најкорумпирани се оценети судиите, а годинава политичарите.
Цане Мојановски, раководител на истражувачкиот тим.

„Го комплетиравме тимот и се одлучи да ја анализираме и оваа условно речено жешка тема, да ја реализираме на истражувачки начин преку емпириско истражување. Мислам дека овие податоци, токму поради карактерот и на примерокот и поради методите што се применети, нудат релевантни податоци врз основа на коишто соодветни институции во Република Македонија ќе преземат соодветни мерки и активности“, вели тој.
Се поставува прашањето какво е мислењето на граѓаните не само за оваа проблематика, туку и за која било, ако најголем број на сознанијата ги добиваат преку медиумите.
професор Марјан Николовски, главен истражувач.

Раководителот на истражувачкиот тим, Цане Мојановски, вели дека не наишле на поддршка кај сите институции врз кои било спроведено истражувањето. Според него, резултатите покажуваат дека нивото на корупција во земјата е сè уште високо застапено кај некои институции и професии.

„Од нула до 10 оценуваа граѓаните, резултатите се движат од пет нагоре за сите области. Минатата година највисоко на скалата како најкорумпирани се оценети судиите, а годинава политичарите. Ние минатата година не наидовме на соодветна соработка со Основниот суд Скопје 2 и Јавното обвинителство, а имавме солидна соработка со царинските работници и со Министерството за внатрешни работи“, вели Мојановски.

Главниот истражувач, професор Марјан Николовски, вели дека над 50 проценти од граѓаните се изјасниле дека информациите за корупција ги добиваат од медиумите.

„Ова е посебно битно, затоа што и минатата година и оваа година тој процент е над 50 отсто. Се поставува прашањето какво е мислењето на граѓаните не само за оваа проблематика, туку и за која било, ако најголем број на сознанијата ги добиваат преку медиумите. Се поставува прашањето и за објективноста на медиумите, доколку одредени структури влијаат врз медиумите, тогаш автоматски ќе значи и креирање на јавното мислење за која било проблематика во државата“, вели Николовски.

Од Факултетот за безбедност најавуваат дека истражувањето ќе продолжи и во наредните години со цел да се споредат резултатите од степенот на корупција по години. ­­
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG