Достапни линкови

Кајакарот Николовски се врати со убедлив триумф


Атанас Николовски
Атанас Николовски

Кајакарот Атанас Николовски по едноиполгодишна пауза се врати на кајакарските патеки и убедливо триумфира на 46-тиот Илинденски кајак слалом, кој се возеше на патеката Матка кај Скопје.

Повеќекратниот македонски првак Атанас Николовски на најдобар можен начин се врати во кајакарските натпревари, откако изминатиот викенд убедливо триумфира на 46-тиот Илинденски кајак слалом, кој се возеше на патеката Матка кај Скопје. Новата победа на Николовски е шеста на ИКАС, со што стана апсолутен рекордер на ова силно меѓународно натпреварување (учествуваа 95 кајакари од 10 земји).
Искрено, имав доста трема бидејќи после 1,5 година враќање и настап пред својата публика и на свој терен е доста тешка работа.
Атанас Николовски, кајакар.

Но, она што посебно радува е тоа што тој до овој триумф дојде на својот прв натпревар по едноиполгодишна пауза, односно откако пред речиси две години не успеа да се избори за настап на ОИ во Лондон. По тоа разочарување, Атанас размислувал и за крај на кариерата, што за среќа не се случи, па тој благодарение на во моментов многу подобрата психичка подготвеност докажа дека сè уште има сили за настап на врвната сцена.

„Работевме многу на психичкиот дел од настапите, бидејќи во Аугсбург кога требаше да се избори олимписката норма, јас психички доста паднав. Така што, работевме на тоа да се вратам психички да можам да ги издржам натпреварите. Искрено, имав доста трема бидејќи после 1,5 година враќање и настап пред својата публика и на свој терен е доста тешка работа. Меѓутоа ете, на крајот сето она што го вложив се исплатеше и резултира со еден одличен успех за почеток на сезоната“, изјави Николовски.
Сè уште не сум вратен во онаа форма во која бев пред да се повлечам. Меѓутоа, полека - полека ја градиме формата и се фокусираме на она што е најбитно, 2015-та и 2016-та година кога треба да ја исполнам нормата за ОИ во Рио де Жанеиро.
Атанас Николовски, кајакар.

Тој е задоволен од ваквиот развој на настаните, но е и свесен дека допрва го очекува макотрпна работа за да дојде до посакуваната форма, со која ќе се обиде да го поправи киксот од пред две години.

„Нормално сè уште не сум вратен во онаа форма во која бев пред да се повлечам. Меѓутоа, полека - полека ја градиме формата и се фокусираме на она што е најбитно, 2015-та и 2016-та година кога треба да ја исполнам нормата за ОИ во Рио де Жанеиро. Така што, имам целни натпревари кои треба да ги извозам и, нормално, оние најзначајните каде што треба да ја изборам нормата“, додаде актуелниот директор на ИКАС.

За остварување на таа цел, покрај со тренинзи, Атанас ќе се подготвува и преку настапи на неколку врвни натпревари. Првиот е наредниот месец во Светската серија во Љубљана, по што следува ЕП во Виена. За летниот период се предвидени две трки од Светскиот куп во Словенија и во Германија, а круната на актуелната сезона треба да биде септемврискиот Мундијал во САД, каде што ќе атакува на пласман во финалната трка.

„Тука настапуваат 190 натпреварувачи, кои сите се во одлична форма и сите возат добро. Така што, јас пред сè се надевам на пласман меѓу 40-те најдобри, односно во полуфиналето, а потоа, нормално борба за во финалето. Мислам дека според она што го извозев на Илинденскиот кајак слалом, полуфинале на СП и пласман меѓу првите 20-ина не е никаков проблем“, истакна на крајот Атанас Николовски.
XS
SM
MD
LG