Достапни линкови

Чуркоски, 40 години вљубеник во кајакарството


Ристе Чуркоски, кајакар, тренер и селектор.
Ристе Чуркоски, кајакар, тренер и селектор.

Љубовта кон кајакарството и по 40 години не го напушта познатиот струшки кајакар Ристе Чуркоски. Вели дека со оваа спортска пасија ќе продолжи додека има сила и ентузијазам.

Речиси 40 години во кајак во вода, секојдневно другарувајќи со езерото и брановите, во одлична форма и на 50-тина години. Младешката желба прерасна во спортска пасија, која трае до денес, а ќе продолжи додека има сила, воља и ентузијазам.
Во секој период од овие 40 години активност со кајакот, имав нешто што ме влечеше да го правам тоа
Ристе Чуркоски, кајакар

Вака изгледа портретот на познатиот струшки кајакар, тренер и селектор Ристе Чуркоски, по професија геометар, меѓу стружани познат како Чурка, кој четвртата спортска деценија ја заокружува со остварување на дамнешниот сон востановувајќи го првиот меѓународен кајак маратон, кој по ланскиот подвиг кога Чуркоски за шест часа и 55 минути превесла 90 километри, како прв кајакар обиколувајќи го Охридското Езеро, неодамна му се оствари на 30-километарската патека со препреки на реката Црн Дрим Струга-Глобочичко Езеро-Струга, кога меѓу 12-те кајакари од Македонија, Србија и Грција, овој ветеран беше четврт со време од 1 час и 57 минути.

Како почна оваа успешна спортска приказна на брегот на Охридското Езеро, што се уште трае.

„Во секој период од овие 40 години активност со кајакот, имав нешто што ме влечеше да го правам тоа. На почетокот гледав дека кајакарите се
добро градени и развиени, што за мене беше предизвик да се стремам како спортист, по што почнаа да си доаѓаат резултатите со самата работа и тренинзи. Станав републички пионерски првак на Македонија, потоа државен првак на Југославија, па репрезентативец сениорски на Југославија, уште како пионер, после почнаа да ме влечат резултатите, се до сениорската конкуренција, кога станав државен првак на Југославија повеќекратен во едносед, двосед и четверец, балакански првак, учесник на светски првенства и финалисти во кајак двосед“, раскажува Чуркоски.
Од 2005 година наваму, целиот мој живот, од бизнис го преориентирав на спортот, а причина плус за тоа беше што двете мои ќерки почнаа да веслаат. Можам да констатирам дека ако имаме малку поддршка, ние ќе летаме.
Ристе Чурковски, кајакар.

Тој бил и кандидат за олимпијадата во Сеул, а многупати и страдал поради бирократско-политички проблеми, по што како бизнисмен го спонзорирал кајакарскиот спорт кај нас, кој е на многу ниски гранки, за што сведочи и очајната состојба на некогаш славниот кајак-кану клуб Црн Дрим од Струга, кој постои 70 години.

„Тоа е македонски синдром, да се уништи се што е добро и напредно. Жалосно во сета таа работа е тоа што најголема штета претрпе спортот, како и што никој не нема последици во овие работи. Од 2005 година наваму, целиот мој живот, од бизнис го преориентирав на спортот, а причина плус за тоа беше што двете мои ќерки почнаа да веслаат. Можам да констатирам дека ако имаме малку поддршка, ние ќе летаме. Сега не само што немаме поддршка, туку имаме кочници од некои институции.“

Чуркоски тврди дека кајакот и спортот му се смисла во животот.

„Живееме во едно време-невреме, со немштија и многу проблеми, па мене спортот многу ме опушта, ако не е тој не знам што ќе се случуваше со мене, а им препорачувам и на сите наместо да седат дома и дремат во некоја депресија, да си излезат надвор и со една прошетка да се испразнат преку сигурносен вентил. Порано тренирав од шест до осум часа дневно, сега сум ветеран, одам на тренинг од еден до два часа, горе долу сум редовен, ја одржувам кондицијата, линијата ми е добра, килажата супер, расположението максимално добро. Па со кајак ќе се занимавам додека ме служи здравјето и додека можам, до 101 година, што велат“, полн со живот вели Ристе Чуркоски.

Тој верува дека со поголем слух и поддршка од државата, кајакарската федерација и локалните власти, маратонот во кајак може да стане светска манифестација, за која имаме услови, Македонија може да прерасне во дестинација за подготовки на екипите и центар за производство на чамци, од што ќар може да има спортот, угостителството, хотелиерствот, туризмот и стопанството.
XS
SM
MD
LG