Достапни линкови

Претседателската кампања позитивна, параламентарната не


Никола Спасов, основач на Агенцијата за испитување на јавното мислење и стратегиски комуникации Рејтинг.
Никола Спасов, основач на Агенцијата за испитување на јавното мислење и стратегиски комуникации Рејтинг.

Кандидатите за претседател водат позитивна кампања, додека парламентарната кампања може да оди веројатно и малку понегативно, вели во разговор за Радио Слободна Европа Никола Спасов од Агенцијата Рејтинг.

Господине Спасов, каква политичка кампања можеме да очекуваме во наредниот период?

Што се однесува до претседателските избори, сметам дека кандидатите пред се на големите партии, зборувам за Стево Пендаровски и Ѓорге Иванов, ќе водат позитивна кампања, бидејќи мислам дека тие ќе ги промовираат оние лични позитивни вредности и она за што ќе се залагаат доколку бидат избрани, така што тука се очекува и таква медиумска кампања, ќе бидат доста на терен, движење меѓу граѓани, но пред се со позитивни пораки. Додека парламентарната кампања може да оди веројатно и малку понегативно, очекувам партиите понегативно да одат една на друга, мислам дека веќе тоа и го започнаа. Овој пат сметам дека и опозициската СДСМ ќе има солиден медиумски настап, закуп на медиумско време, така што ќе се оди со една медиумска кампања, од тој аспект не очекувам нешто поразлично од она што сме го виделе до сега.

Што треба да направат политичките партии за неопределените гласачи да излезат од дома и да гласаат?

Неопредлените гласачи во основа секогаш гласаат „за“, не гласаат против. Доколку сакате да ги извадите на гласање со негативна кампања, тие не се вадат, тие напротив само се отфрлаат. Ако некоја од партиите навистина сака да направи промена кај тие неопределни гласачи, потребно е да понуди нешто ново, нешто свежо и нов концепт за којшто тие ќе бидат реално мотивирани да излезат и да го поддржат. Во голем дел од тие неопределени, се не само неопределени, туку и разочарани, кои покажуваат дека имаат голема недоверба кон сите политички партии и најчесто се случува голем дел од нив да не излезат на гласање, бидејќи едноставно не препознаваат соодветна политичка понуда. Мислам дека она што е потребно да се направи таа промена е пред се нови идеи, нови понуди, нов пристап во политиката кај партиите, за да луѓето препознаат свежина за која би можеле реално да гласаат.

Дали може да очекуваме вистинска промена во политичката кампања во однос на претходните години, имајќи ги предвид новите измени во изборниот законик?

Промени ќе има, меѓутоа дел од оние промотивни активности пред се на владата во изминатите кампањи, сега со новиот изборен законик се забранети, така што од тој аспект сметам дека сечењето ленти и фрлањето лопати, отворање на нови места итн., нема да бидат алатки и начин на промоција на политиките во кампањата, што значи дека тие треба да се заменат со друг тип на активности и од тој аспект мислам дека ќе имаме малку поразлична кампања, меѓутоа колку и дали ќе се придржуваат партиите кон тоа останува допрва да видиме.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG