Достапни линкови

Поповски - Да се актуелизира двојната формула за името


Интервју со Зоран Поповски
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:31 0:00

Интервју со Зоран Поповски

Јас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула. Мислам дека тоа би било едно решение коешто би било навистина прифатливо доколку успееме да ја убедиме Грција дека друго ништо не нè интересира поврзано со нивната територија и со нарушување на нејзиниот територијален интегритет, вели Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ за претседател на Македонија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Поповски, во јасноста има мислење дека претседателската функција не е највлијателна функција во државата. Како може шефот на државата да придонесе кон спроведувањето клучни реформи?

Формално да, функцијата Претседател на Република Македонија е врвна функција во државата, но неговите ингеренции се ограничени. Меѓутоа, ако некој сака да делува, да влијае во општеството, има многу инструменти со коишто тоа може да го прави. Суспензивното право е една од тие можности, понатаму сензибилизирањето на јавноста од позицијата Претседател е многу полесно во однос на прашања за кои има несогласувања со извршната власт, особено во меѓународната политика, значи претставувањето на државата, комуникацијата со високите претставници на ОН, ЕУ, НАТО итн. Сето тоа ми дава за право да верувам дека можеби во најголема мера влијанието што ќе го има во општеството позицијата Претседател зависи од личноста.

Дали функцијата е падната во сенка на владата, посебно ако се има предвид дека во последно време сите закони од Собранието, без разлика на реакциите во јавноста, добиваа указ од претседателот на државата?

Симптоматично е што во овие 5 години во текот на мандатот апсолутно ниеден закон којшто е донесен во Собранието не е оспорен од страна на Претседателот. Или оваа политика што се води е толку идеална па претседателот нема забелешки на неа или веројатно ова второто дека влијанието на претседателот е толку минимизирано, што тој не си дозволил да преземе нешто во свои раце. Јас тоа го почувствував и на своја кожа во времето кога организиравме незадоволство поради бруталното донесување на Законот за високо образование и кога од него, прво како колега, побаравме да поразговараме, а потоа и како претседател, ние немавме можност да се видиме и тој без никаков проблем го потпиша тој закон. Оттогаш кај мене тлее тој впечаток дека навистина нема од таа страна никаков интерес работите да се поместат во смисла на отворање на јавна дебата, во смисла на поттикнување на политичкиот дијалог во државата, јас во сегашниот претседател не гледам таква личност.

Како сметате дека може да се поттикне процесот на евроатлантски интеграции, посебно приклучувањето во НАТО, имајќи предвид дека Претседателот е врховен командант на армијата?

Веројатно и граѓаните се заситени од многу декларации дека наш императив е влегување во ЕУ и во НАТО, но ние фактички многу малку правиме за тоа да го реализираме во пракса. Јас сакам малку обратно да ги поставам работите. Мислам дека треба да ја стабилизираме внатрешно државата, треба да ја јакнеме довербата меѓу политичките партии, понатаму меѓуетничката стабилност мора да ја подигнеме на повисоко ниво, да ги зајакнеме институциите на системот, да го ослободиме правниот систем од сериозни политички влијанија, да обезбедиме подобро ниво на слобода на медиумите и тогаш како внатрешно добро организирана држава мислам дека ќе бидеме многу попосакуван партнер за членство во ЕУ, во НАТО и во други организации. Исто така проблемот со името мислам дека премногу праволиниски го гледаме. Мојот пристап е да се обидеме да ги развиваме односите со нашите соседи на ниво на целни групи, граѓани, во областа на културата, спортот, уметноста и кога тоа ќе го направиме во рок од неколку години, тогаш прашањето за името ќе стане апсурдно, како што впрочем пред некој ден и поранешниот генерален секретар на НАТО, господинот Робертсон, тој прво не го разбира проблемот околу името, смета дека е апсурден и смета дека кај и да е, Грција веќе со своето однесување почнува да ги иритира другите партнери и дека многу е блиску моментот кога Македонија ќе стане дел од НАТО. За ЕУ мислам дека ќе треба да бидеме малку потрпеливи, меѓутоа јас велам мора да почнеме со мали чекори. Ако гледаме исклучиво на високо политичко ниво, тогаш излез од оваа ситуација практично нема.

Меѓународната заедница неколку пати повторува дека е подготвена да прифати какво било решение за името сè додека Македонија и Грција се согласуваат и дека прво е името, па после НАТО. Се вели дека Грција е незаинтересирана, но се забележува дека и Македонија не дискутира за ова прашање. Како може да се придвижат работите?


Ние многу лесно за откажуваме од понуди за асистенција, особено околу спорот за името. Паметам, пред година и неколку месеци, францускиот претседател Франсоа Оланд од Брдо кај Крањ каде што се одржуваше Самитот на ЕУ додека Словенија претседаваше со ЕУ, тој понуди медијаторство и ние некако толку лесно го одбивме, а во меѓувреме не успеавме да мотивираме уште некои држави освен Австрија, Шведска, балтичките земји, Хрватска, Словенија, коишто отворено заговараат почеток на преговори без решавање на проблемот со името, мислам дека во тој поглед имаме уште простор за делување. Мој впечаток е дека и дипломатијата, таква каква што е сега, не го дава полниот придонес поради тоа што тоа сè уште не е професионална дипломатија, сè уште имаме неискусни луѓе коишто влегуваат во дипломатските претставништва, или се тоа истрошени политички кадри или релативно млади луѓе без искуство и сето тоа остава лош впечаток за државата. Меѓутоа, ако тука ставиме крај на ваквото да речам селектирање и регрутирање на кадри во дипломатијата и ако знаеме дека имаме навистина изградени капацитети коишто врз основа на сериозни анализи ги водат тие преговори, мислам дека тогаш и тие ќе сфатат дека од оваа страна имаат сериозен партнер за разговор.

Грција нè избегнува затоа што ние оставаме впечаток дека сме несериозни?

Мислам дека со постапките во последните неколку години, со обидот да се стави фокус на историјата, особено со овие интервенции во централното градско подрачје, каде што направивме да речам една перманентна изложба на скулптури за којашто ни се чудат најголем дел од луѓето во светот, мислам дека тоа кај луѓето остава впечаток дека навистина сакаме нешто да промениме во смила во јавноста да оставиме впечаток дека ние сме доминантни, дека сè почнува од тука и тоа веројатно ги иритира, не само Грците, туку и меѓународната јавност и станавме мета за потсмев, многу пежоративно, особено во меѓународните медиуми...

Тој проект како да добива и поддршка од електоратот кај нас, беше во програма, луѓе го гласаат...

Да, јас многу пати сега во комуникацијата со граѓаните велам, ако е тоа вашиот избор, особено за луѓето што живеат надвор од Скопје, во ред. Ако вие сметате дека и понатаму треба да се инвестира во Скопје, да се градат споменици, нема проблем, гласајте ги овие луѓе. Јас мислам дека таа пракса треба веќе да престане. Јас не сум нихилист, има работи коишто се важни, театарот е важен, не може држава без зграда на Филхармонија, меѓутоа да имате уште 50-тина... Пред неколку месеци, кога беше мојот колега од Америка, каде што јас предавам како визитинг професор на Охајо Стејт Јуниверсити, шетајќи низ плоштадот, онака искрено ме праша: Кога ќе ви заврши оваа изложба, каде ќе ги ставите овие скулптури? Јас му одговорив, ова е перманентна изложба, ова не е изложба за сега, така што тоа е искрениот впечаток и мислам дека тоа создава негативна перцепција за Македонија во меѓународната јавност.

За спорот кажавте дека сите компромиси се исцрпени и оти црвените линии се децидно поставени. Дали ваквиот однос може да придонесе кон решение или постои ризик за понатамошно кочење на преговорите?


Во право сте, меѓутоа ние направивме отстапка со знамето, во меѓувреме сме признаени од 136 земји, донесена е одлука од Меѓународниот суд на правдата во Хаг за да речам позицијата на Македонија којашто е формално-правно гледано исправна во споредба со нашиот јужен сосед. Значи, сè тоа се аргументи коишто одат во прилог на ова што го велам. Црвените линии се исцртани во смисла на името Македонија и задржување на идентитетот на граѓаните. Меѓутоа, договор со Република Грција околу взаемното ословување, впрочем нашиот јужен сосед има неколку имиња, па можете да го викате и Грис и Елада и Хелас, така што во таа комуникација јас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула. Мислам дека тоа би било едно решение коешто би било навистина прифатливо доколку успееме да ја убедиме Грција дека друго ништо не нè интересира поврзано со нивната територија и со нарушување на нејзиниот територијален интегритет.

Како овој став се разликува од досегашниот став на актуелниот претседател Ѓорге Иванов?

Да, ама неговиот став е ерга омнес, Република Македонија со сите и насекаде.

Како проблем се издвојува финансирањето на армијата. Како може да се пристапи до обезбедување повеќе средства за АРМ од претседателската функција?

Прво морам да кажам дека припадниците на АРМ се гордост на оваа држава, затоа што тие практично учествуваа во извезување на мир во критичните региони во светот, како што се Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина и ние сме многу горди на нив кога тие се наши амбасадори, меѓутоа имам впечаток дека многу работи им се закинати, ако ги споредиме со други припадници на безбедносните сили во Македонија. Прво и основно мислам дека мора да го подигнеме стандардот на тие луѓе, мора на долги патеки да го решаваме егзистенцијалното прашање и нивното вработување, затоа што во случај на потреба, ние мора повторно да сметаме на тие луѓе. Ние нашиот безбедносен систем не можеме да го базираме само на актуелните професионални војници. Тие луѓе се обучувани, државата инвестирала во нивното знаење и вештина и тие секогаш ќе треба да бидат на располагање. Е сега, ако државата во меѓувреме не води сметка за нив, тогаш не можете да очекувате дека тие посветено ќе застанат на браникот на државата, затоа моја цел ќе биде овој буџет којшто годинава изнесува ми се чини околу 95 милиони евра да го зголемиме. Понатаму исто така имам впечаток дека многу често ги забораваме разузнавачките служби кои исто така се под ингеренции на Претседателот. Постои слаба координација меѓу разузнавачките служби во цивилниот и во воениот сектор и мислам дека и таму недостасува техничка опременост на Агенцијата за разузнавање, којашто е под директна надлежност на Претседателот на државата и имам впечаток дека и таму мора да инвестираме во подигнување на техничкото ниво на таа служба и генерално имаме потреба од модернизација на техниката во армијата, мораме да ги следиме современите трендови за да ги задоволуваме стандардите на НАТО.

Општо гледано, буџетот оди Влада во Собрание каде што ќе се изгласа и после се троши. Каде во овој процес може претседателот да влијае?

Може да влијае со пенкалото. Кога ќе се донесува Законот за буџет или Законот за извршување на буџетот, доколку не е задоволен од одредени решенија, тој може едноставно тие закони да ги врати, да ги објави своите несогласувања со тие закони. Јас сум свесен дека во повторена постапка можеби сето тоа може да се бајпасира, меѓутоа ќе остане во јавноста впечаток дека Претседателот со некои работи од таму не се согласува, со нерационално трошење на јавните пари за работи за коишто смета дека тоа не е баш наменски и со ред други работи така што ќе ја сензибилизира јавноста на начин да сепак потоа се врши притисок врз извршната власт тоа да не оди баш по патот по кој тие си го замислиле.

Покрај странските извештаи за падот на слободата на изразување, се создава стравување дека во текот на кампањата ќе бидеме сведоци на тоа што популарно се нарекува навивачко новинарство. Како гледате на медиумите во пресрет на изборите?

Јас тоа го чувствувам секој ден на своја кожа. Имам впечаток како најголем дел од медиумите да посакуваат бипартизам во Република Македонија и не е баш многу пријатно кога ќе видите, особено во печатените медиуми, на две страни елаборација на профилите на двајца кандидати, а потоа во последните неколку редови да прочитате дека освен овие двајца има уште двајца други кандидати за коишто ништо друго не е напишано. Меѓутоа не се жалам, тоа сепак е избор на тие куќи. Мој впечаток е дека медиумите се под силно политичко влијание, најголем дел од нив, дека секој јавно изнесен збор е предмет на критика. Впрочем и секојдневните прес-конференции коишто ги организираат владејачката и опозициската партија само го надополнуваат тој впечаток и ако сакате, дури и во време на претседателска кампања, каде што ние треба да се натпреваруваме со идеи, со пораки кон граѓаните, најголем дел од медиумскиот простор е преплавен со взаемни препукувања помеѓу овие две партии.
XS
SM
MD
LG