Достапни линкови

Бомби со хемиски отрови демнат во битолско


Во битолскиот регион се уште има бомби стари еден век, но тоа не значи дека се помалку опасни, зашто експлозивот нема рок на траење, велат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Во битолскиот регион се уште демне опасност од неексплодирани бомби со хемиски отрови, алармираат експерти од Дирекцијата за заштита и спасување. Станува збор за убиствени средства останати од Солунскиот фронт, кој минувал во близина на градот за време на Првата светска војна. Тоа што бомбите се стари еден век, не значи дека се помалку опасни, зашто експлозивот нема рок на траење, вели пиротехничарот Драгољуб Поповски од Дирекцијата за заштита и спасување.
Се наoѓаат и артилериски гранати полни со хемиски отрови и опасноста кај нив е уште поголема од другите.
Драгољуб Поповски, Дирекција за заштита и спасување.

„Особено во битолскиот регион опасноста демне од неексплодирани средства од Првата светска војна, кога масовно се користеле хемиски отрови. Се најдуваат и артилериски гранати полни со хемиски отрови и опасноста кај нив е уште поголема од другите. Посебно внимание обрнуваме и имаме посебен начин и техника на уништување. Опасноста при експлозија во градска средина е десет пати поголема отколку на отворено“, вели Поповски.

Покарактеристични примери се кога под темелите на куќа во битолско беа пронајдени 50 парчиња неексплодирани гранати од Првата светска војна. Гранати биле соѕидани во речното корито на Диовските Kапеници. При копање водовод во Новаци бил пронајден магацин со 460 стари експлозивни средства.
Најголема опасност е во лето кога има опасност од пожари и можат експлозии да настанат, но и при градежни работи со удар во запалките на артилериските гранати.
Ѓорги Стефанов, пиротехничар.

„Во битолско најопасни се мариовскиот дел и територијата на Новаци, таму најмногу се пронајдени неексплодирани убиствени средства. Најголема опасност е во лето кога има опасност од пожари и можат експлозии да настанат, но и при градежни работи со удар во запалките на артилериските гранати. Радиус една експлозија може да има до 150 метри“, вели пиротехничарот Ѓорги Стефанов.

За жал, опасност демне и од неексплодирани средства останати од конфликтот во 2001 година.

„ Се наоѓаат во струшкиот, тетовскиот, кумановскиот регион и во појасот кон албанската граница. Тие се опасни бидејќи станува збор за сосема нови убојни средства, кои можат во секој момент да експлодираат. По акцијата што беше спроведена за собирање и уништување на тоа оружје, луѓето што не ги предадоа денес се плашат да ги чуваат дома. Се случува заедно со сметот да го стават во контејнер или да ги фрлат во некоја меѓа, грмушка крај пат“ рече Драгољуб Поповски, пиротехничар во Дирекцијата за заштита и спасување од Kичево.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG