Достапни линкови

Цивил - Избери демократија, неместо дискриминација


Џабир Дерала и Џелал Хоџиќ, граѓански активисти.
Џабир Дерала и Џелал Хоџиќ, граѓански активисти.

Невладината Цивил за в петок најавува протест како завршница на проектот „Избери демократија“. Целта, според нив, е јакнење на свеста кај граѓаните за човековите права и промовирање на солидарноста како вредност.

Како завршница на проектот „Избери демократија“ невладината Цивил организира протест в петок во 12 часот напладне, чија цел е, како што велат, јакнење на свеста кај граѓаните за човековите права и промовирање на солидарноста како вредност. Овој проект Цивил го започна пред шест месеци при што, како што информираше претседателот на невладината организација, Џабир Дерала, има собрано обемен материјал од конкретни случаи и форми на кршење на човековите права.
Во голем дел се работи за кршење на економските и социјалните права, откази од работното место, правото на штрајк, етничката дискриминација, слободата на изразување и медиумските слободи, верските права.
Џабир Дерала, Цивил.

Во рамките на проектот организирана е трибината под наслов „Крени го гласот“, „Ѕидот на плачот“ подигнат на Широк Сокак, „Ѕидот на нееднаквоста“ во Тетово. Во рамките на четирите работни групи собрани се вкупно 297 информации за разни видови на дискриминација и кршење на човековите права. Пред објавувањето на извештајот во целост, Дерала начелно информира за каков вид на случаи станува збор.

„Во девет од десет случаи се работи за кршење на човековите права и слободи од страна на институциите, односно од претставници или вработени во тие институции. Во голем дел се работи за кршење на економските и социјалните права, откази од работното место, правото на штрајк, етничката дискриминација, слободата на изразување и медиумските слободи, верските права.“

Цивил нотира во својот извештај и дискриминација по однос на политичката припадност и постоењето политички затвореници што, како што велат, станува посебен проблем. Цивил ќе направи сите овие случаи да стасаат до соодветните институции, иако забележува и дека голем број од граѓаните бараат да им биде заштитен идентитетот. Постои голем страв кај граѓаните јавно да го изразат својот протест во однос на нарушувањата на човековите права, но постојат и индикатори кои говорат за подигнатата јавна свест кај граѓаните во однос на борбата за нивна заштита.

„Ако пред неколку години имаше ситуација во која на јавен настан доаѓаат, 10-12 или 15 граѓанки и граѓани, сега гледаме дека нивната бројка е трицифрена. Тоа многу не охрабрува бидејќи тоа е еден од индикаторите дека јавната свест е зајакната.“

На петочниот собир поканети се и претставниците на политичките партии, Владата, Претседателот на државата, пратениците во Собранието, порачаа од Цивил. Организацијата ги повикува сите граѓани од Скопје и од целата држава да дојдат на собирот и да ги слушнат поединостите од истражувањето направено во рамките на проектот. На насобраните ќе им се обратат и други активисти од граѓанскиот сектор.
XS
SM
MD
LG