Достапни линкови

Замрзнување на преговорите за името е замрзнување на евроинтеграциите


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Предлогот за замрзнување на преговорите со Грција во суштина е обид да се оживее политички мртвата хашка пресуда, две ипол години по нејзиното добивање, вели Стево Пендаровски.

Универзитетскиот професор и претседател на Советот за НАТО интеграции на СДСМ Стево Пендаровски оцени дека предлогот за замрзнување на преговорите со Грција во суштина е обид да се оживее политички мртвата хашка пресуда, две ипол години по нејзиното добивање. Таквата пресуда нема политички потенцијал, предупреди Пендаровски, а замрзнувањето на преговорите значи дека нема да има никакви активности и дека практично нема што да бараме во Брисел во однос на нашите апликации за влез, односно за започнување на преговорите, вели Пендаровски.
Наместо да кажете дека ги прекинувате преговорите и да го навлечете револтот на делови од меѓународната заедница кои ќе ве прашуваат зошто го правите тоа, вие велите не, ние ги замрзнуваме, но во суштина ги прекинувате.
Стево Пендаровски, универзитетски професор и претседател на Советот за НАТО интеграции на СДСМ.

„Наместо да кажете дека ги прекинувате преговорите и да го навлечете револтот на делови од меѓународната заедница кои ќе ве прашуваат зошто го правите тоа, вие велите не, ние ги замрзнуваме, но во суштина ги прекинувате. Тоа значи дека нема да има никакви активности кај Нимиц, значи ни провизорни, ни формални, ни симболични, какви што беа во изминатите неколку години, а не пак суштински со кои може да се дојде до пробив во преговорите. Значи де факто прекинување на преговорите“, вели Пендаровски.
Јавна дебата за односите на Република Македонија со соседите и спорот за името, во организација на „Социетас Цивилис“-Скопје и МЦМС.
Јавна дебата за односите на Република Македонија со соседите и спорот за името, во организација на „Социетас Цивилис“-Скопје и МЦМС.

Вчера, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски го повтори неговото мислење дека земјава треба да ги замрзне преговорите со Грција сè додека официјална Атина не ја признае пресудата од Меѓународниот суд, на дебатата организирана од МЦМС и Институтот за демократија на која беа претставени резултатите од истражувањето за спорот за името.

Сигурно би имало влијание и врз меѓуетничките односи, ако тоа нагло се прекине и ако граѓаните не се спремат. Така што, лесно е да се каже да се прекинат преговорите, но што понатаму.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.
Аналитичарот Алберт Муслиу коментира дека не го поддржува мислењето за замрзнување на преговорите и оцени оти од таквата одлука не би имало придобивки и дома.

„Затоа што кај нас и политичките партии ги имаат евроинтеграциите во нивните агенди, но во зависност од партијата, редоследот на приоритетите е различен. Сигурно би имало влијание и врз меѓуетничките односи, ако тоа нагло се прекине и ако граѓаните не се спремат. Така што, лесно е да се каже да се прекинат преговорите, но што понатаму“, вели тој.

Во врска со пресудата од Хаг, Муслиу рече дека таа не го менува консензуалниот начин на одлучување во ЕУ, а со сличен став е и Пендаровски.

„Македонската влада кога би се согласила со овој предлог би продолжила да верува дека таа пресуда има потенцијал. За жал, таа пресуда нема никаков политички потенцијал и тоа требаше да биде јасно од почетокот кога поднесувавме тужба во Хаг од едноставна причина што нема имплементациони механизми таа пресуда кога било да стане реалност“, вели Пендаровски.

Како и да е, резултатите од истражувањето на МЦМС и Институтот за демократија покажаа дека меѓу граѓаните расте бројот на оние што сметаат дека не треба да дојде до каква било промена на името, а политичарите одговорноста ја лоцираа кај Грција дека не сака да дојде до решение. Според експертите, политичарите треба да кажат што понатаму, а Стево Пендаровски смета дека е потребен консензус дома меѓу политичките субјекти.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG