Достапни линкови

Синоличка Трпкова - Гледаме изживување врз сè човечко и вредно


Синоличка Трпкова, актерка.
Синоличка Трпкова, актерка.

Се сеќавате на последниот филм за Бетмен, кога се воспоставува комплетна анархија под превез за правда на угнетените, затворените, гладните и кога всушност општествениот шљам владее и пресудува. Тој дел од филмот ние сега го живееме, вели Синоличка Трпкова, позната македонска актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во интервју за Радио Слободна Европа.

Се обидувате стварноста да ја гледате со душа, додека наоколу луѓето наседнуваат на играта секој против секого. Може ли да се разбере ова однесување коешто мене ми оди во склоп како луѓето доброволно да се откажуваат од слободата? Како успеавме да дојдеме до една таква состојба?

Мојата лична е борба е како да останам будна и да не заспијам во овој таканаречен вечен сон за Македонија. Да се опреш на тој отровен и леплив сон е денеска ми се чини најтежок предизвик. Тоа е сон на власта во кој врнат пари и е уште полеплив од оној американскиот сон. Тоа е лажната слобода, има медиумски опојни средства, тоа е најотровниот лепак што го дишеме и секако во комбинација со дијазепамите кои се едни од најтрошените лекарства кај народот. Така веројатно на некој начин ја заспиваме слободата. Интересно е што кога живеев во Холандија, еден од моите бивши пријатели, Босанец инаку, историчар во Холандија, пред десетина години ми рече има само еден поопасен фундаментализам од исламскиот, а тоа е македонскиот. Јас го прашав зошто. Вели, тоа е единствен од таков тип во историјата, каде што оружјето е насочено кон сопствениот брат.

Може да се насети кого вие посочувате како одговорен за ваквата реалност и за тоа што тоа што не успеавме да ги наметнеме вредностите премина во едно масовно иселување на вредните луѓе од Македонија.

Тоа дури и ми изгледа како еден сосема нормален процес во овие 23 години на пример. Мене не ми е воопшто тешко да кажам дека сега во овој момент тоа што ни се случува и што сме на најдлабокото дно директен виновник е оваа власт, но ако ме прашате воопшто до скоро што сум размислувала, мислам дека дури и се залажувавме дека ќе биде подобро до извесен момент. Мислам дека претходната власт ја пропушти шансата да создаде еден систем на вредности или ако ништо друго, барем да го задржеше оној континуитет што веќе постоеше и што го имавме и што го знаевме. Знаете, кога еден народ е држен долго време во една летаргија, во лага, во неизвесност, во сон за некое подобро утре, најлесно се храни со омраза. Тоа е како во филмовите во кои има сцени со насилство, доволно е само еден да покаже агресија, тоа е токму оваа власт и фактички сите му се придружуваат. Ова што сега го гледаме во овој момент мислам дека е изживување врз сè човечко и вредно, а масата се пали на тоа. Се сеќавате на последниот филм за Бетмен, кога се воспоставува комплетна анархија под превез за правда на угнетените, затворените, гладните и кога всушност општествениот шљам владее и пресудува. Тој дел од филмот ние сега го живееме.

Во која мера верувате дека денеска поединецот има сила, ете со такви настапи, да го смени правецот на процесите?

Да бидам искрена не сум оптимист, затоа што околу мене гледам сè повеќе конформисти кои бараат некоја лична сатисфакција повеќе одошто индивидуи спремни да ризикуваат. Ние сме поделени во секоја смисла на зборот. Освен режимот како калап што секојдневно функционира и отпорот против овој режим почнува да шлајфува и станува дел од истиот тој калап. Според мене, вистинските будења и од сон и од тој вештачки сон одат длабоко од срце, значи тоа треба да биде како потреба за вода, за воздух и исконска потреба за достоинствен живот.
XS
SM
MD
LG