Достапни линкови

Адеми - И да забраниме сè, ситуацијата нема да се промени без ветар


Интервју со Абдулаќим Адеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:44 0:00

Интервју со Абдулаќим Адеми

Во вакви метеоролошки услови, ние и да забраниме сè, ситуацијата нема да се промени во следните 10 дена, доколку немаме промена на метеоролошките услови. Сè има влијание, меѓутоа најголемо влијание имаат метеоролошките услови, вели министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми.

Министре, дали владата со тоа што им препорача на граѓаните да не излегуваат од дома поради загадениот воздух, наместо да преземе соодветни мерки со кои граѓаните ќе можат да дишат почист воздух, призна дека нема решение како да се излезе од еколошката криза во која влезе Скопје и уште три други градови во Македонија?

Прво треба мерките на владата да ги сфатиме како мерки за заштита пред сè од квалитетот на воздухот и мерки за предупредување и за информирање на населението, се со цел тие да бидат добро информирани за штетните влијанија на воздухот врз нивното здравје. Сметаме како влада дека најбитни се превентивните мерки, се со цел оваа ситуација да не се повторува. Тие мерки можат да се преземат со добра координација од сите надлежни институции од централната и од локалната власт и со поддршка од невладиниот сектор, но и од граѓаните. Затоа што, индустријата, сообраќајот, градежништвото, грејната сезона во домаќинствата, сите имаат влијание врз квалитетот на воздухот. И токму затоа владата апелираше до граѓаните да користат квалитетни материјали за греење, исто така ги информираше и за штетните влијанија. Сметаме дека помалку ќе не чини доколку имаме превентивни мерки, отколку да имаме последици. И токму затоа, на тоа што на некој начин е во наши раце можеме да влијаеме, меѓутоа тоа што не е во наши раце, како метеоролошките и климатските услови, тие не можеме да ги менуваме.

Меѓутоа, пошироката јавност, а и опозицијата обвини дека енормното загадувањето во Скопје, Битола, Тетово и Кичево доаѓа од индустријата и дека големите загадувачи работат ноќе кога струјата е поевтина. Дали владата не може да се справи со големите загадувачи и тука да интервенира, па велите не се тие?

Поголемите капацитети кои подлежат на А интегрирани дозволи во Скопје не работат во моментов. Работат само оние кои имаат еколошки стандарди и исто така и тие работат со помал капацитет, така што не можеме да извлечеме констатации врз основа на податоците од мерните единици кои некогаш имаат некој пик. Тоа може да се случи од различни фактори, на пример ако е недела навечер, може да биде од домаќинствата, може да биде и од сообраќај, затоа што во тој момент може да се враќаат повеќе граѓани, кои биле надвор од градот за викенд. Значи има повеќе фактори и не може да констатираме дека тоа е од индустријата или е од домаќинствата или е од сообраќајот, затоа треба подолга анализа за да дадеме поточни констатации. Меѓутоа, тоа што го кажав, дека сите имаат влијание можат да бидат фактор за такви пикови кои ни се појавуваат во различни периоди во денот.

Зошто Тетово е најзагаден град, а не Гостивар, кога се блиску? Изгледа дека во Гостивар се греат на парно, а во Тетово на дрва, или проблемот е Југохром? И дали ако се инвестира во субвенционирање на филтри ќе се намали загадувањето?

Морам да појаснам. Ние мериме квалитет на воздух во неколку градови во Македонија и тоа во градовите во кои на некој начин се седиштата на поголемите капацитети. Токму затоа не даваме податоци за Гостивар и за други градови, бидејќи прашањето беше за Гостивар и за Тетово. Во Тетово влијание има и Југохром кој е лоциран на 10 километри воздушна линија од Тетово, меѓутоа влијание има и местоположбата, има и сообраќајот и домаќинствата. Исто така за Тетово има и еден друг проблем, кој јас неколкупати го повторувам, местополжбата на мерната станица е малку проблематична , затоа што кога беше поставена во близина немаше објекти, а сега мерната станица на некој начин е заробена од објекти и нема струење на воздухот и може да ни даде податоци само од објектите кои се во нејзина близина, а не податоци за целиот град. Токму затоа предвидовме во 2014-та таа станица да се дислоцира на друга локација, според параметрите ние ќе одредиме која локација е точна. И третото прашање беше за субвенционирање на филтри. Законот беше усвоен во 2004 година, имаше преоден период од 10 години за сите инсталации да се усогласат, односно да се инвестира во еко – стандарди. Некои веќе инвестирале милионски суми и сега не е во ред ние да субвенционираме некого кој воопшто не покажал интерес да инвестира во еко стандарди и да субвенционираме некого кој досега профитирал, за разлика од другите кои инвестирале. Тоа се приватни капацитети, тоа е нивна одговорност. Само еден процент од нивниот профит досега да одвојувале за еко – стандарди, сигурно дека досега ќе ги исполнеле сите услови кои се предвидени во оперативните планови.

Зошто не се презема ништо да се намали загадувањето кое доаѓа од сообраќајот, да се воведе поинаков сообраќаен режим? Дали сега ја плаќаме цената на она што беше игнорирано претходно, кога се бараше да не се дозволува влез на поволни возила?

Ние предложивме и усвоивме за товарните возила да не се движат во урбаните средини во периодот од 7 до 19 часот, освен за возилата кои вршат дотур на храна и лекови и тоа се применува. Меѓутоа доколку воведуваме целосна забрана, треба да се исполнат некои други предуслови. Мора да имаме посебни паркинзи надвор од Скопје или надвор од Тетово, мора да имаме добро организиран јавен превоз кој ќе ги транспортира патниците од тие паркинзи до централното градско подрачје и со тоа може да создаваме други жаришта. Целта на владата не е да се помести лошиот квалитет на воздухот од центарот на друго населено место. Се размислува за воведување на „пар -непар“, кој на некој начин би го намалил сообраќајот барем до 50 отсто, но тоа како мерка може да не потсети на некои претходни периоди кога се воведуваше „пар –непар“, но во тие години се воведуваше заради недостиг на нафта. Мора сите мерки кои ќе се предложат да немаат негативни ефекти во други територии и врз населението.

Министре, но од некаде треба да се почне. Јавноста обвинува дека има и многу мали фабрики за кои е прашање дали работат според прописите. Дали имаше инспекции, еве не слушнавме дека е затворен капацитет поради користење опасни материјали?

Ние редовно вршиме контроли на сите капацитети. Морам да објаснам дека има капацитети кои имаат А-интегрирани дозволи и се во наша надлежност да вршиме надзор и Б-интегрирани капацитети кои се под надлежност на општините, меѓутоа ние добро се координираме со овластените инспектори на општинско ниво, а особено во овој период имаме зачестени контроли и имаме редовни дневни контроли, меѓутоа дали се затворени, тоа не можам да ви одговорам, затоа што тоа е во надлежност на општините.

Имаше критики да не се сече шумата на Водно. Екологистите предупредуваат дека тоа се белите дробови на градот, меѓутоа сечењето и проектите на Водно продолжуваат. Дали мислите дека со тоа се прави ненадоместлива штета? Од каде Скопје ќе добива воздух?

За секој проект што се развива во Македонија, било да е плански документ или инфраструктурен проект или некој капацитет, мора да има студија за влијание врз животната средина и мора да има јавна расправа и ние секогаш предупредуваме и даваме точни укажувања кои мерки треба да се преземат за ублажување на негативните ефекти од проектот врз животната средина. Значи, тоа што велиме дека се сече шумата или дрвјата во парк-шумата, тоа мора да биде точно утврдено и како бројка, но и како површина и како траса. Доколку е за пат, мора да знаеме точно, меѓутоа и да се надомести доколку е потребно, доколку според проектот е предвидено дека мора да се сече, меѓутоа секогаш предупредуваме и внимаваме тоа да нема негативно влијание врз животната средина, така што ако сакаме некој инфраструктурен проект којшто е поголем, како да речеме инфраструктурата за Сончев Град, мора во проектот да се предвидат и се предвидени точни мерки за ублажување на негативните ефекти.

Од горе уништување на шумата на Водно, од долу интензивно градење во рамки на проектот Скопје 2014. Ова дополнително го зема здивот на граѓаните. Дали ова што ни се случува сега, дали граѓаните се жртви на погрешно водени политики? Дали не се предвиде дека сево ова ќе се случи?

Мора прво да имаме предвид дека ова не се случува поради градежните активности. Ова прво се случува поради грејната сезона и поради метеоролошките услови. Ваква ситуација имаат и земјите во регионот, значи не е само во Македонија. Во вакви метеоролошки услови, ние и да забраниме сè, ситуацијата нема да се промени во следните 10 дена, доколку немаме промена на метеоролошките услови. Се има влијание, меѓутоа најголемо влијание имаат метеоролошките услови.

Велите дека има загадување и покрај затворањето на големите индустриски загадувачи. Има ли податоци каков воздух дишат скопјани кога работи поранешна Железара?

Секако дека имаме и ние за разлика од другите држави информираме во реално време. Граѓаните, институциите, било кој, имаат достапни информации, имаат информации на веб страницата, доставуваме и дневни извештаи и во реално време граѓаните знаат каков квалитет на воздух дишат.

Велите дека и во други градови има загадување. Ќе се преземат ли конкретни мерки за справување со ситуацијата, со оглед на тоа дека кај нас се бројат на прсти колку индустриски капацитети работат, а имаме толку големо загадување? Како се доведовме во ваква состојба?

Секоја општина мора да има план за амбиентален воздух со мерки како да се справи во вакви ситуации. Општините треба да бидат подготвени доколку дојде ваква ситуација кои мерки треба да се преземат веднаш. Дали тоа ќе биде редуцирање на производството на капацитети, дали ќе биде пренасочување на сообраќај итн., сега засега само Општина Битола има таков план. Тој план го подготвивме ние преку проект и веќе се задолживме самите себе до септември следната година да подготвиме вакви планови и за Град Скопје, за Тетово, Кичево и евентуално за уште некој друг град.

Колку се опасни овие честички што ги дишат граѓаните на Македонија и што предизвикуваат тие, дали се канцерогени?

Светската здравствена организација ги прогласи за штетни, ги прогласи како канцерогени и токму затоа се повеќе стануваат строги дозволените количини на ваквите ПМ честички. Ако пред неколку години тоа беше 150 милиграми на метар кубен, сега се 50. Во ЕУ се размислува веќе тоа да се намали и на 25. Ние како држава мора да бидеме подготвени да преземеме мерки, затоа што после неколку години квалитетот на воздухот за кој сега се смета дека е лош, ќе биде уште полош доколку не преземеме мерки и не се поправи сликата.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG