Достапни линкови

Рецитал на сопранистката Јосифов и пијанистот Имери во КИЦ


Сопранистката Биљана Јосифов и пијанистот Дино Имери.
Сопранистката Биљана Јосифов и пијанистот Дино Имери.

Со одбрани дела од Моцарт и Шуберт, во вторник, на 24 декември од 20 часот, во Салон 19.19 на Културно информативниот центар во Скопје, ќе се претстават Биљана Јосифов - најистакнатата македонска оперска пејачка од помладата генерација и пијанистот Дино Имери, еден од најталентираните ученици на професорот Симон Трпчески.

Сопранистката Биљана Јосифов и пијанистот Дино Имери од поодамна влегуваат во редот на најталентираните млади македонски музички уметници кои ги имаат сите предиспозиции за убава интернационална кариера. Од таму, сосема разбирливо е што нивниот рецитал што треба да се одржи овој вторник во Салон 19.19 на КИЦ, се очекува со нагласено внимание кај сите љубители на убавата музика. А, за оваа пригода, согласно предновогодишната расположба, тие се одлучија за дела од творештвото на големите Моцарт и Шуберт, програма која не само што ќе им овозможи да ја пренесат сопствената позитивна енергија туку и наново да понудат искричења од нивните творечки можности.
Пред сè најбитно е да создадеме атмосфера во која ќе има многу позитивна енергија меѓу нас и потем таквото чувство да им го пренесеме на присутните.
Биљана Јосифов, оперска пејачка.

Биљана Јосифова, оперска пејачка.
Биљана Јосифова, оперска пејачка.
„Пред сè најбитно е да создадеме атмосфера во која ќе има многу позитивна енергија меѓу нас и потем таквото чувство да им го пренесеме на присутните. Да ѝ дариме на публиката моменти во кои ќе ужива. Посетителите да слушнат музика која што ќе ги разведри и ќе ги натера барем само за момент да заборават на грижите и заедно да ѝ се препуштиме на убавината на творби од класиката. Сите заедно да уживаме во една рецитална концертна вечер“, истакнува оперската певица.
Би сакала да добивам што повеќе улоги во Операта, да учам, да растам на сцената, да излезам со рецитал на интернационлната сцена.
Биљана Јосифов, оперска пејачка.

Дино Имери, пијанист.
Дино Имери, пијанист.
Родена 1989 година во Крушево, Биљана Талеска, сега Јосифов, уште од најраната возраст покажала афинитети кон музиката. Ова најнапред ја води во Средното музичко училиште во Битола на отсекот по соло пеење во класите на професорите Пеце Митревски и Магдалена Наумовска, за да образованието го продолжи на Факултетот за музичка уметност кај прославената оперска певица Славица Петровска Галиќ. Под нејзино менторство најпрофесионално го надградува својот изведувачки профил, за да во 2012 година додипломските студии ги заврши со највисока оценка Cum Laude. Постдипломските студии ги продолжува на оваа наша високообразовна институција и полека, но стамено, го започнува својот од на професионалната оперска сцена.

Зад себе има неколку бележити улоги во делата од репертоарот на МОБ и три солистички концерти, а критиката веќе ја издвои како „најистакната македонска оперска пејачка – сопранистка од помладата генерација“.

„Уште на 18-годишна возраст настапив во улогата на втората дама во „Мала волшебна флејта“, потоа ја пеев Дона Ана во моцартовата „Дон Џовани“, цели две години и во некаде 30-на претстави заедно со премиерата бев Јованче во операта „Јованче и Марика“, па настапив во „Хофманови приказни“ од Јах Офенбах и еве сега сум исправена пред нов предизвик – добив и работам лик од претставата „Мастерклас“ која на репертоар е планирано да се најде во февруари 2014 година“, вели таа.

Говорејќи, пак, за своите планови во иднина, Биљана Јосифов вели дека би сакала своето образование и усовршување да ги продолжи во Германија, но потенцира дека за тоа ќе размислува откако ќе ги заврши магистерските студии во родната земја.

„Најнапред сакам да ја завршам мојата магистратура, вториот дел од постдипломските студии кај професорката Славица Петровска Галиќ и дури потоа да продолжам чекор по чекор понатаму. Би сакала да добивам што повеќе улоги во Операта, да учам, да растам на сцената, да излезам со рецитал на интернационлната сцена. Сè зависи од тоа како ќе ми се спојат коцките. Имам планови за во иднина и се надевам, здравје Боже, дека некои од нив ќе се реализираат. Тоа е тоа, самото време ќе си покаже колку се реални моите очекувања“, вели Јосифова.

Од друга страна, не е новина ако се каже дека Дино Имери, со силината на сопствениот талент и раскошната изведба, влегува во редот на оние пијанисти кои громогласно го најавуваат својот исчекор не само на домашната сцена туку и на меѓународен план. Како ученик на еминентните руски педагози Људмила и Борис Романов тој студиите со највисока оценка ги заврши на Факултетот за музичка уметност во Скопје, за да потем со просек 10 магистрира под менторство на прославениот пијанист Симон Трпчески.

Инаку, младиот Имери досега со успех се претставувал во Италија, Австрија, Франција, Хрватска и на најголемите културни манифестации во Македонија, а добитник е и на повеќе значајни признанија, меѓу кои неколку први награди на Државниот натпревар по музика и втора награда на Интернационалниот „Моцартина – М“.

На третиот Европски пијано натпревар овој уметник беше меѓу 10 најдобро рангирани млади пијанисти, а добитник е и на специјално признание од Конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ за учество во Европската пијано програма и изведбата на дела од Хајдн и Лист.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG