Достапни линкови

Затворени новинари во Европа - само во Македонија и во Турција


Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез.
Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез.

На министрите Бесими и Ивановски им кажав дека во Европа не постојат затворени новинари поради такви обвиненија, рече генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, осврнувајќи се на случајот со новинарот Томислав Кежаровски. Гутиерез изрази загриженост за слободата на изразување во Македонија.

Слободата на изразување во Македонија е во опаѓање и тоа сериозно нè загрижува, порача генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез кој е во посета на Скопје.
Имав можност да се сретнам со новинарот Томислав Кежаровски... На министрите Бесими и Ивановски им кажав дека во Европа не постојат затворени новинари поради такви обвиненија.
Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари.

„Имаме неколку точки на загриженост во врска со слободата на изразување во Македонија. Забележуваме извештаи кои покажуваат дека опаѓа слободата во Македонија и многу организации се согласуваат со тоа, Европската унија, Стејт департментот, невладините организации Фридом хаус и Репортери без граници, како и нашите членки во земјава ЗНМ и ССНМ“, рече Гутиерез.

Една од главните точки на загриженост е притисокот врз одредени медиуми, рече Гутиерез. Според него, неразбирлива и скандалозна е одлуката на судските органи за 4,5-годишна затворска казна на новинарот Кежаровски.
Многу новинари во Македонија работата без договори, без осигурување, без платен годишен одмор, без право на боледување и сето ова мора да се промени.
Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари.

„Имав можност да се сретнам со новинарот Томислав Кежаровски секако, во неговата куќа и морам да кажам дека се изненадив колку силна личност е тој, и забележав дека има верба која верувам потекнува поради тоа што тој знае дека е невин. На министрите Бесими и Ивановски им кажав дека во Европа не постојат затворени новинари поради такви обвиненија“, изјави Гутиерез.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари посочува дека Македонија и Турција се единствените земји во Европа во кои има затворени новинари. Дополнителна точка за загриженост е недостигот на плурализам во Македонија, констатира Гутиерез и според него таа состојба се должи делумно и на владините кампањи.

„Ги замолив господата Бесими и Ивановски да го споделат извештајот којшто го напишаа до Европската комисија за владините кампањи и владиното огласување. Мислам дека не е само право на новинарите да знаат што содржи тој извештај, туку исто така и граѓаните имаат право да знаат како се трошат средствата“, изјави Гутеиерез.

Тој се осврна и на актуелниот предлог закон за медиуми за кој смета дека не е најдоброто решение, а акцент стави и на законот за работни односи.

„Знаеме дека многу новинари во Македонија работата без договори, без осигурување, без платен годишен одмор, без право на боледување и сето ова мора да се промени,“ порача Гутиерез.

Од федерацијата се убедени дека Владата треба и може да игра важна улога за подобрување на актуелната ситуација, конкретно преку прекинувањето на судските постапки и апсењата и користењето на рекламите како алатка за цензура.

Разговорот со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски го опиша како тежок, а признанието на министерот дека постои простор за подобрување на медиумското законодавство го оцени како позитивен чекор.

„Не навлеговме во детали, но за мене е важно тоа што е подготвен да разгледа нови конкретни идеи во врска со медиумските закони, доста зборувавме за регулацијата и тој прифати дека за интернетот и за печатените медиуми принципот треба да биде на саморегулација. Тоа е еден востановен стандард во демократските земји во Европа, а тој ми објасни дека сопствениците не сакаат саморегулација, но јас му објаснив дека Владата може да им наметне саморегулација на сопствениците и тоа е направено во многу земји“, изјави Гутиерез.

Додаде дека не е тука за да дели лекции на Владата и на новинарите, туку да ги поддржи претставниците на Федерацијата и да ги пренесе погледите на новинарската заедница во Европа.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG