Достапни линкови

Искршен штабот на ВМРО- ДПМНЕ во Охрид


Партиите го осудија чинот на кршење на партиски штабови и апелираат да се најдат сторителите

На неколку месеци пред претседателските избори и евентуалните предвремени парламентарни избори во Охрид почна кршењето на штабови на политички партии. Прв на мета беше штабот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Демолиран е надворешниот дел од главниот штаб, искршени се неколку прозорци како и надворешната врата.
Вандалите можат да прават што сакаат, но граѓаните довербата и на владата и на локалната самоуправа им ја дале да работата во нивни интерес.
Атанаско Михаилов, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

Од партијата на власт не сакаат да коментираат околу можните сторители. Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Атанаско Михаилов рече дека со овој чин се покажало дека на некого борбата против организираниот криминал и корупција му смета.

„Очигледно е дека насилниците сакаат да предизвикаат проблеми таму каде што ги нема, но и да покажат дека борбата против корупцијата и
криминалот на некого му смета. Вандалите можат да прават што сакаат, но граѓаните довербата и на владата и на локалната самоуправа им ја дале да работата во нивни интерес. Ние ќе продолжиме без разлика на заканите и сите инциденти кои ќе се случуваат да работиме во интерес на граѓаните“, рече Михаилов.
Сметаме дека ова е поединечен и изолиран чин. Наша задача е како политички фактори да ги вложиме сите заложби да нема вакви деструктивни појави“.
Томислав Тунтев, претседател на ОК на СДСМ во Охрид.

Томислав Тунтев претседател на ОК на СДСМ во Охрид рече дека насилничкото однесување на поединци и демолирањето на било чии партиски простории не смее да биде начин на изразување на сопствени политички ставови и мислења.

„Пред надлежните органи да го кажат својот конечен збор ние не би сакале да се бавиме со шпекулации или со непотврдени ставови и мислења.“

РСЕ: Мислете дека ова има поврзаност со изборите кои треба да бидат на пролет?

„Не верувам. Сметаме дека ова е поединечен и изолиран чин. Наша задача е како политички фактори да ги вложиме сите заложби да нема вакви деструктивни појави“, рече Тунтев.

Ванчо Костовски претседател на ОК на ВМРО - Народна во Охрид, рече дека за случувањата најдобриот одговор можат да го дадат од партијата на власт.

„Дали ова се внатрешно политички пресметки оставаме на господата од ВМРО-ДПМНЕ да си одговорат на тоа прашање. Не би сакал да прејудицирам и однапред да кажувам, меѓутоа најверојатно тие самите ќе си дадат одговор. До сега ова е незабележано во поновата политичка историја, од 1993 година навака. Причините поради кои дојде до овој немил настан нам не ни се важни, само повикуваме што поскоро да се откријат“, рече Костовски

Од ВМРО-ДПМНЕ уште изразуваат разочарување од насилниците кои, како што велат, пробале на ваков начин да предизвикаат политички тензии, кои во минатиот период ги немало во Охрид. Од полицијата велат дека работат на откривање на сторителите.
XS
SM
MD
LG