Достапни линкови

Сонатна вечер на интернационалното „Дуо Дали“ во КИЦ


Дуо Дали, Лиза Марија Шуман и Дарко Костовски.
Дуо Дали, Лиза Марија Шуман и Дарко Костовски.

Македонскиот пијанист Дарко Костовски и германската виолинистка Лиза Марија Шуман, или заедно „Дуо Дали“, утревечер од 20 часот, во Културно информативниот центар во Скопје ќе одржат сонатна вечер. Овие исклучителни солисти и признаени европски музичари, пред домашната публика ќе се претстават со програма во која се одбрани дела од великаните Моцарт, Григ и Франк.

Во мноштвото актуелни главноградски културни настани, концертот на „Дуо Дали“ во Културно информативниот центар во Скопје, иако најавуван некако срамежливо, дефинитивно заслужува особено внимание. Имено, по подолго време, домашната публика ќе има можност за нова средба со еден од големите таленти што ги изнедрило нашево поднебје – пијанистот Дарко Костовски, кој во оваа пригода ни доаѓа со германската виолинистка Лиза Марија Шуман. Тие ќе одржат сонатна вечер за да го претстават своето видување на делата од великани како Моцарт, Григ и Франк.

Салата овде во Салон 19.19 е многу добра. Реновирана е, но мал минус е можеби инструментот – пијаното. Тоа не ги задоволува баш моите критериуми за врвно орудие.
Дарко Костовски, пијанист.
Роден во 1978 во Скопје, Костовски образованието го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, за да потем на само 15-годишна возраст, како најмлад студент, биде примен на Музичката академија во Келн, Германија, во класата на професор Арбо Валдма. Во текот на студиите добива награда „DAAD“ за најдобар странски студент на оваа прочуена високо-школска установа на која во 2000-та дипломирал со највисока оцена CUM LAUDE и четири години подоцна магистрирал со признанието „Konzert Examen“.
Начинот на кој што тој свири е она што јас го чувствувам длабоко во себе. Има некоја чудна хемија во нашата изведба.
Лиза Марија Шуман, виолинистка.

Згора на ова, како победник на Меѓународните натпревари во Чешка, Италија и во Германија, тој има богата концертна активност музицирајќи во престижните сали по Европа со оркестри како Келнската или Филхармонијата на Талин, Загребските солисти и други.

Неговиот ентузијазам за камерна музика го води до соработката со германската виолинистка Лиза Марија Шуман, со која во 2010 година ќе го формираат „Дуо Дали“, а на една од сцените во родната Македонија доаѓа по пауза од цели пет години. Во пресрет на оваа сонатна вечер во КИЦ, пијанистот вели дека, како уметник, секогаш се стреми да се претстави во најубаво професионално светло и дека секоја нова средба со публиката, посебно со домашната, му е особено драга и за него претставува поттик да го даде својот максимум.

„Колку јас да чувствувам дека треба да го дадам својот максимум, мора и условите исто така да бидат перфектни. Салата овде во Салон 19.19 е многу добра. Реновирана е, но мал минус е можеби инструментот – пијаното. Тоа не ги задоволува баш моите критериуми за врвно орудие, па затоа ќе мора како волшебник да се поставам на еден инструмент кој можеби и нема да го даде потребниот фидбек, тоа што јас силно го посакувам. Значи ќе мора да дадам плус енергија за да стигнеме до пожелуваната реакција на публиката“, вели Костовски.

За виолинистката Лиза Марија Шуман, пак, познато е дека е една од најталентираните од својата генерација. Родена 1988 во Келн, на 11-годишна возраст станала студент во класата на познатиот професор Захар Брон на тамошната прочуена академија, а првиот концерт го имала веќе наредната сезона. Победник е на бројни меѓународни натпревари во родната Германија, Русија и Полска и како музичар соработувала со врвни инструменталисти како Матијас Бухолц, Леонид Горохов, Јинг Санг Ли, Фредерик Костер и други.

Нејзиниот репертоар опфаќа дела од барокот, класиката, романтизмот до современи дела на XX век, а за тригодишната соработката со нашиот Костовски истакнува дека започнала по сугестија на некој нејзин пријател, но дека израснала во чин што обајцата многу ги исполнува.

„Начинот на кој што тој свири е она што јас го чувствувам длабоко во себе. Има некоја чудна хемија во нашата изведба и иако зад себе веќе имаме многу концертни настапи ова дефинитивно ова е само почеток на нешто што допрва треба да дојде. Годинава како „Дуо Дали“, со многу ентузијазам и свеж начин во приодот кон класичната музика настапивме на познатиот фестивал „Еурегио“, потем и на Интернационалната недела на камерна музика во Монтелпулциоано во Италија и допрва не чекаат уште многу перформанси во рамките на актуелната турнеја по Европа“, вели Шуман.

Инаку, Костовски и Шуман се штитеници на славната професорка Вивиен Хагуер, а во 2014 година „Дуо Дали“ се очекува да го објави првиот носач на звук на кој е планирано да се најдат изведби на дела од големиот Бетовен.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG