Достапни линкови

„Името“ под монопол на власта


Претседателот Ѓорге Иванов, посредникот на ОН Метју Нимиц и преговарачот Зоран Јолевски.
Претседателот Ѓорге Иванов, посредникот на ОН Метју Нимиц и преговарачот Зоран Јолевски.

Политички партии бараат информации за преговорите околу името со Грција. Опозицијата тврди дека е недозволиво што нема консултации, а владејачката ДУИ бара и дебата. Премиерот Никола Груевски, пак, смета дека тој што треба да знае си знае. Така, според опозоцијата, не се постигнува консензус каков што има другата страна во спорот.

Недозволиво е за вакво чувствително прашање како што е прашањето за името да нема консултации меѓу власта и опозицијата, велат од најголемата опозициска партија СДСМ. Во последните седум години ова прашање е монополизирано од страна на владејачката партија, реагираат социјалдемократите.
Очигледно е дека на премиерот Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ се што не е ВМРО-ДПМНЕ во оваа држава е вишок и смета дека нема потреба да бара мислење од останатите субјекти во политичкиот живот.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Очигледно е дека на премиерот Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ се што не е ВМРО-ДПМНЕ во оваа држава е вишок и смета дека нема потреба да бара мислење од останатите субјекти во политичкиот живот. Погледнете дека другата страна постојано има заеднички консултации меѓу опозицијата и власта пред и после секоја посета на Господинот Нимиц на Атина. Сметаме дека е апсолутно недозволиво ова што се случува во моментов“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов
Посредникот Метју Нимиц со преговарачот на Македонија, Зоран Јолевски.
Посредникот Метју Нимиц со преговарачот на Македонија, Зоран Јолевски.

Лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов кој вчера излезе со иницијатива до посредникот Метју Нимиц покрај средбата со државниот врв, на заедничка средба да ги информира сите парламентарни политички партии за досегашниот тек на разговорите, не сакаше да ја коментира изјавата на премиерот Груевски кој вчера рече дека тие што треба да бидат се информирани.
Мојот коментар сега не е потребен. Подобро е сега да ги прашате овие од СДСМ, дали премиерот или било кој ги информирал, ако ги информирал, тогаш зошто постојано тврдат дека не се информирани.
Павле Трајанов, Демократски Сојуз.

„Мојот коментар сега не е потребен. Подобро е сега да ги прашате овие од СДСМ, дали премиерот или било кој ги информирал, ако ги информирал, тогаш зошто постојано тврдат дека не се информирани, а даваат поддршка, не знам на што даваат подршка.“

Лидерот на НСДП Тито Петковски тврди дека сите детали околу процесот на преговорите ги знаат само неколкумина луѓе околу премиерот.
Прашањето за името не е прашање за еден политичар или партија, туку прашање кое длабоко ги засега сите граѓани. Сето ова што премиерот го прави е затоа што тој не сака да се реши ова прашање, убеден е Петковски.
Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средба со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски во Скопје.
Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средба со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски во Скопје.

„Тоа е изјава на неодговорен човек, значи Груевски го држи тоа прашање затворено во еден тесен круг, за да прави политички капитал на изборите. Целата негова политичка стратегија се темели на тезата предавниците кои сакаат да ја продадат Македонија и тој како најголем бранител на таа основа и доби неколку избори.“

Од владејачката ДУИ денеска немаше коментар иако неколкупати досега потенцираа дека најважно од се е сите политички и неполитички чинители во општеството да ја концентрираат енергијата кон наоѓање на решение на прашањето за името.

„Треба да разговараме отворено за прашањето на идентитетот, без да се создава мистерија околу тоа прашање коешто би ги уплашило граѓаните, туку да се разговара директно, да се стават на маса сите прашања и после да се заземе став, водејќи се по примерот на другите народи коишто покажаа зрелост, покажаа храброст и сега се во редот на ЕУ и НАТО, изјави неодамна портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG