Достапни линкови

Владата се задолжува и кога не треба


Архивска фотографија: Собраниска комисија за финансирање и буџет. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Архивска фотографија: Собраниска комисија за финансирање и буџет. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Владата продолжува со задолжувањата. Опозицијата бара ребаланс, владата допрва ќе размислува дали има потреба за кратење на буџетските трошоци.

Политиката на задолжување на владата станува неодржлива и негативно ќе се одрази на македонската економија, реагира потпретседателот на СДСМ, професор Ванчо Узунов, откако пред два дена Владата се задолжи за нови 32,4 милиони евра кај домашните банки и фондови.
Не е идејата да правите ребаланс откако ќе дојдете во ситуација да не можете да исплаќате ништо. Идејата на доброто раководење со финансиите е вие однапред да ги видите работите, а официјалните податоци што ги публикува владата го говорат точно тоа – дека треба да се направи скратување на предвидениот буџет бидејќи не може да се оствари како таков.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.

Иако претходно прескокна неколку аукции, преку кои се прави ваквото задолжување, конечната одлука да позајми нови средства преку издавање на државни записи и обврзници покажува дека буџетот не е во добра финансиска кондиција како што тврди Владата, вели Узунов.

„Не е идејата да правите ребаланс откако ќе дојдете во ситуација да не можете да исплаќате ништо. Идејата на доброто раководење со финансиите е вие однапред да ги видите работите, а официјалните податоци што ги публикува владата го говорат точно тоа – дека треба да се направи скратување на предвидениот буџет бидејќи не може да се оствари како таков“, вели Узунов.
Се приближува времето за исплата на пензиите и платите, буџетот сигурно не е во кондиција за на долг рок, а сега се бара за ликвидност.
Џевдет Хајредини, поранешeн министер за финансии.

Во исто време, Владата врати околу 15 милиони евра стари долгови од претходно издадените хартии од вредност. Економските експерти објаснуваат дека ова покажува дека државата, освен за исплата на стари обврски, имала потреба од пари и за други тековни потреби во буџетот, бидејќи се задолжува за повисока сума отколку што се раздолжува.

„Се приближува времето за исплата на пензиите и платите, буџетот сигурно не е во кондиција за на долг рок, а сега се бара за ликвидност“, изјави поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Узунов предупредува дека доколку ваквиот тренд на зголемување на внатрешниот долг продолжи, последиците ќе бидат негативни и за Владата и за граѓаните. Тоа би можело да доведе до драстично кратење на тековната потрошувачка, вели тој.

„Ако вие трошите повеќе отколку што имате или народски кажано, ако ги пуштите нозете повеќе од чергата, доаѓате во проблем. После тој проблем е тежок за решавање бидејќи ќе значи многу подрастично кратење на тековната потрошувачка, стегање на каишот, во секој случај една непријатна ситуација за кого било“, вели Узунов.

Хајредини вели дека краткорочните осцилации во буџетот може да се толерираат, но на долгорочен план продлабочувањето на внатрешниот долг би можело да предизвика сериозни проблеми кај солвентноста на државната каса.

„Овие краткорочни осцилации може да ги пеглаат со државни обврзници, меѓутоа на долг рок ако постојано расте тој долг, тогаш се раѓа проблем, тогаш не е веќе да се гаси ликвидноста туку солвентноста“, вели Хајредини.

Министерот за финансии Зоран Ставрески неодамна изјави дека допрва ќе се размислува дали има потреба за ребаланс на буџетот и оти засега навремено и без проблеми се исплаќаат сите тековни потреби за плати, за социјална помош и сл. Според Министерството за финансии, најновите податоци за државниот долг во јули покажуваат негово благо намалување, со што тој се сведе на 33,6 отсто од бруто домашниот производ. Намалување има кај надворешниот долг и тоа за 50 милиони евра во однос на претходниот месец, додека кај внатрешниот долг беше регистриран пораст за 4,5 милиони евра, така што заклучно со крајот на седмиот месец изнесува над една милијарда евра.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG