Достапни линкови

За третина година - две третини од буџетскиот дефицит


Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески зборува на собраниска седница за ребаланс на буџетот на 29 мај 2012 година.
Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески зборува на собраниска седница за ребаланс на буџетот на 29 мај 2012 година.

Вклучително податоците за април, буџетскиот дефицит сега е околу 183 милиони евра, што значи дека за една третина од годината се потрошени скоро две третини од дефицитот.

Откако во првите три месеци годинава буџетскиот дефицит достигна 186 милиони евра, полнењето на државната каса минатиот месец се стабилизира. Според податоците на Министерството за финансии, во април државата собрала скоро 2,8 милиони евра повеќе отколку што потрошила. За власта тоа е знак дека буџетот е во добра кондиција и дека до крајот на годинава нема да се надмине предвидениот буџетски дефицит од 287 милиони евра, додека за дел од стручната јавност малку е веројатно да се исполнат владините проекции.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред неколку недели го најави благиот суфицит за април и рече дека рече дека тоа ќе помогне да се изврши нивелација на зголемените расходи од февруари и од март поврзани со исплаќањето на обврските кон стопанството и субвенциите.

„Дефицитот е во рамки на очекувањата за првите четири месеци и таков ќе биде до крајот на годината. Очекуваме да се исполнат проекциите“, рече тогаш Ставрески.
2013 јануари февруари март април вкупно дефицит
приходи 10,647 8,281 11,001 14,657 44,586 11,249
расходи 13,523 11,998 15,829 14,485 55,835
Извор: Министерство за финансии(сумите се во милијарди денари)

Буџетскиот дефицит за годинава беше проектиран на 3,5 отсто од БДП, односно предвидено е да се потрошат 287 милиони евра повеќе отколку што ќе се соберат. Сепак, само во првите три месеци од годинава се потрошија поголем дел од овие пари. Вклучително податоците за април, буџетскиот дефицит сега е околу 183 милиони евра, што значи дека за една третина од годината се потрошени скоро две третини од дефицитот.
Засега нема реални аргументи да се очекува дека проекциите на владата би се оствариле, ниту, пак, вакви благи месечни промени во позитивна насока може да бидат гаранција дека владата лесно ќе го надомести убедливо поголемиот дел од буџетскиот дефицит кој што го потроши.
Петар Гошев, поранешен министер за финансии и поранешен гувернер на НБРМ.

Поранешниот министер за финансии и поранешен гувернер на Народната банка Петар Гошев вели дека би се радувал ако трендот на влошување на економијата прекине и ако се исполнат проекциите на владата. Многу е рано, од случувањата во еден месец да се извлекуваат заклучоци, затоа што следниот месец може да биде поинаку, вели тој.

„Засега нема реални аргументи да се очекува дека проекциите на владата би се оствариле, ниту, пак, вакви благи месечни промени во позитивна насока може да бидат гаранција дека владата лесно ќе го надомести убедливо поголемиот дел од буџетскиот дефицит кој што го потроши“, вели Гошев.

Минатата недела реномираната меѓународна рејтинг агенција Стандард и Пурс го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Македонија за едно ниво, од ББ на ББ-. Министерството за финансии, пак, кое досега се фалеше со оценките од оваа агенција, сега жестоко реагира дека извештајот на Стандард и Пурс е неконзистентен и нелогичен и обвини за грубо мешање во внатрешните работи на земјата. Гошев, пак, вели дека оценката на Стандард и Пурс е очекувана и оти како директна последица од тоа може да се очекува да се зголемат каматите за нови задолжувања на државата. Тоа, пак, ќе го отежне раздолжувањето, затоа што Македонија се задолжува за да ги враќа старите долгови.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG