Достапни линкови

Политичка манипулација зад секоја дебата


Секоја дебата која вклучува различни гледишта е својствена за плурално и демократско општество, но проблемот е што ние немаме минимален консензус околу основниот вредносен систем, вели комуникологот Марко Трошановски.

Тековната расправа за Законот за медиуми во македонското собрание уште еднаш ја покажа поделеноста на македонските граѓани. Како и многупати досега, ја гледаме поддршката на едните за одредено законско решение и противењето на другите за истото. Стручната јавност потсетува дека ваквата слика воопшто не е изненадување за македонското општество, во кое веќе навикнавме да гледаме протести и контрапротести, патриоти и предавници, владини послушници и соработници на опозицијата.
Проблемот во нашето општество е што ние не се согласуваме околу тоа што е факт, немаме минимален консензус околу основниот вредносен систем, било да е тоа во етичка смисла, било да е меѓуетничка смисла или во сфера на медиумски права и сметам дека тоа е дел од еманципацијата на нашето младо демократско општество.
Марко Трошановски, комуниколог.

Според комуникологот Марко Трошановски, секоја дебата која вклучува различни гледишта е својствена за плурално и демократско општество.

„Проблемот во нашето општество е што ние не се согласуваме околу тоа што е факт, немаме минимален консензус околу основниот вредносен систем, било да е тоа во етичка смисла, било да е меѓуетничка смисла или во сфера на медиумски права и сметам дека тоа е дел од еманципацијата на нашето младо демократско општество“, вели Трошановски.

Според публицистот Ибрахим Мехмети, основниот проблем е предизвикан од немањето јавна свест и менталитет кој би се засновале на потребата од меѓусебна доверба и комуникација.

„Доколку некој има амбиција да ја изгради Македонија како модерна европска земја, првото нешто што треба да го направи е да се почне со еден нов начин на размислување којшто мора да се поттикне на некаков интелектуален дискурс“, вели Мехмети.
Нивните вредности кои се далеку од она што претпоставувам граѓаните го посакуваат, тие можат полесно да се задржат. Тие вредности се базираат на инструменти на манипулација, со некакви чувства, некакви вредности коишто во суштина не носат добро на граѓаните.
Ибрахим Мехмети, публицист.

Но наместо тоа, владејачките структури се оние кои ги користат сите алатки за да ја предизвикаат или продлабочат таквата поделеност, велат упатените.

Според Трошановски, секоја власт, но и секоја опозиција манипулира со чувствата на граѓаните, што пак од своја страна создава нејаснотија околу тоа што навистина е проблемот и кое гледиште е вистинито, вели тој.

„Додека претходно секој протест имаше автентичен израз, сега не секој општествен проблем е артикулиран преку некој протест автентично, туку не ретко е создаден како резултат на политичка инструментализација. Се разбира, власта ја има одговорноста, но и двете страни како политичка техника, пропагандна техника, тоа го употребуваат или го зпоупотребуваат“, вели Трошановски.

Од една страна, власта презентира подготвеност за изградба на модерно општество, а од друга страна на секој можен начин ја манипулира јавноста со цел што подолго задржување на стариот модел на јавен дискурс, вели Мехмети.

„Нивните вредности кои се далеку од она што претпоставувам граѓаните го посакуваат, тие можат полесно да се задржат. Тие вредности се базираат на инструменти на манипулација, со некакви чувства, некакви вредности коишто во суштина не носат добро на граѓаните“, вели Мехмети.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG