Достапни линкови

Битолчани шетаат и вежбаат меѓу гробишта


Најновите ископувања на археолозите од битолскиот Завод и музеј покажаа дека Тумбе кафе лежи на гробишта од доцната антика. Се работи за типично христијански гробови од 4 век.

Битолчани кои ја посетуваат познатата рекреативна зона Тумбе кафе во Битола, не ни знаат дека шетаат и вежбаат меѓу гробишта. Освен нив, туку се собираат и вљубени парови, посебно во вечерните часови. Но, најновите ископувања на археолозите од битолскиот Завод и музеј покажаа дека Тумбето лежи на гробишта од доцна антика. Кај местото викано вежбална, каде тренираат повеќемина битолчани, пронајдени се повеќе гробишта со скелети на поранешни жители од Хераклеја.
Може да се претпостави дека фактички цел тој простор од активните Буковски гробишта, па горе до Тумбе кафе е со гробови од доцната антика можеби и од порано.
Аница Ѓоргиевска, Завод и музеј Битола.

„Досега пронајдовме 11 гробови од доцната антика. Гробовите се пронајдени на Тумбе кафе кај местото викано вежбална. Копаме од сите страни околу вежбалната. Пронајдовме за прв пат гробови во кои покојникот бил ставан во малтер. Тој тип на гробови датира од 4 век и се типично христијански“, изјави археологот Аница Ѓоргиевска, вработена во битолскиот Завод и музеј.

Ископувањата ќе бидат проширени. Ова се смета за дел од северната некропола на Хереклеја, по која археолозите трагаа од 2004 година.

„Продолжуваме и понатаму да ископуваме. Сега сме на подолната падина. И таму има гробишта кои ќе се отвораат. Може да се претпостави дека фактички цел тој простор од активните Буковски гробишта, па горе до Тумбе кафе е со гробови од доцната антика можеби и од порано. Тоа е простор со спила и одговара да биде искористен за гробишта. Нема да има конзервација. Просторот го оставаме како што е. Јас не можев да претпоставам дека цела прошетка што ја правиме на Тумбе кафе, односно дека на 80 сантиметри од пешачката патека има гробови“, додаде Ѓоргиевска.

Тука на славното Тумбе кафе во минатото уживале и пиеле кафе турските аги и бегови, не знаејќи дека се опколени со гробишта.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG