Достапни линкови

„Од сон до реалност“ - дебата во Брисел за Македонија


Преговорите за членство во ЕУ треба да почнат со Македонија, а не со ПЈРМ. Ако компромисот значи географска одредница, нека биде така, изјави Јелко Кацин.

Во организација на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, денеска во Брисел се одржа панел дискусија за напредокот на Македонија.

На покана од македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими, на дебатата учествувал и евро-пратеникот Јелко Кацин, кој оценил дека треба да почнат преговорите за членство во ЕУ со Македонија, а не со ПЈРМ. Кацин, во врска со грчкото вето, исткнал дека тоа го искористиле македонските лидери како изговор за неспроведување на болните и тешки реформи кои ги бара ЕУ.

И покрај фактот дека идентитетските прашања и историјата се секогаш чувствителни, особено на Балканот, верувам дека македонските лидери треба да направат се што можат за да ја одблокираат интеграцијата. Ако тоа значи прифаќање на име со географска одредница, тогаш нека биде така, рече Кацин.

Македонските граѓани не можат да просперираат со рефлексии од античкото минато. Она што им треба на Македонците е конкретен план како да ја започнат економската обнова, која е можна само во рамките на поширока регионална и европска интеграција, нагласи Кацин.

Тој се осврна и на настаните од 24-ти декември, оценувајки дека македонските лидери треба да ги унапредат не само демократската култура, туку и ефикасноста и независноста на државните институции, а мора да го унапредат и политичкиот дијалог.

Македонските лидери треба да направат се што можат за да ја одблокираат интеграцијата
Во своето обраќање Кацин се осврна и на локалните избори и случувањата во општината Центар.

Изборите беа оценети како добро администрирани, но не и како фер и демократски, вели Кацин. Во овој контекст тој го наведува примерот на општина Центар каде што дента по победата на Жерновски беа поставени 30 споменици, иако, како што вели Кацин, добро беше познат критичкиот став на Жерновски за новите градби, презентиран во кампањата.

Кацин се осврна и на состојбата со слободата на медиумите.

Според извештаите на Репортери без граници Македонија стана најзагрижувачки пример во Европа во 2013-та година поради арбитрарното одземање лиценци и влошувањето на амбиентот за работа на новинарите, со што во индексите за слобода на медиумите, падна за 22 места, а 82 во споредба со 2009-та, рече Кацин во обраќањето на тркалезната маса во Брисел посветена на европските интеграциски процеси на Македонија.

На крајот, Кацин повика и на унапредување на, како што оцени, разнишаните меѓуетнички односи во земјата.

Вице-премиерот Фатмир Бесими, во дискусијата истакнал дека членството во ЕУ е стратешка определба на земјата и затоа Владата е посветена на имплементација на сите неопходни реформски процеси, особено во областите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво кој овозможи да се воведе дополнителна динамика на целиот процес.

„Позитивниот моментум во имплементацијата на реформите од европската агенда мора да се задржи. Ние очекуваме Европскиот совет соодветно да го валоризира напредокот нотиран во пролетниот Извештај на Европската комисија и во Резолуцијата за напредокот на Република Македонија усвоена од страна на Европскиот парламент на 23 мај 2013 г. Исто така, во заклучоците на Генералниот совет од 11 декември 2012 година, напредокот постигнат во областите тесно поврзани со правдата, слободата и безбедноста беше признат од страна на земјите-членки и земјата беше поттикната да продолжи со реформите во делот на Пристапниот дијалог на високо ниво, унапредувањето на добрососедските односи и изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името. Ние и понатаму остануваме посветени во унапредувањето на дијалогот со претставниците на медиумите и во изнаоѓање заеднички решенија за подобрување на законската рамка во делот на изборите, а лидерите на политичките партии кои постигнаа политички договор на 1 март оваа година, да се фокусираат на неговото спроведување, вклучувајќи и воспоставување и започнување со работа на Анкетната комисија за настаните од 24 декември“, потенцирал Бесими.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG