Достапни линкови

Оер - Потребен е гест од македонска страна


Интервју со Лоренс Оер
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:31 0:00

Интервју со Лоренс Оер

Треба да се покаже дека има напредок пред земјите членки. Вистина е дека се уште сме во исчекување на нешто и не можам да ви кажам дека во европскиот Совет ќе се донесе ваква или онаква одлука . Тоа што го знам е дека чекаме нешто во добрососедските односи и чекаме на целата работа на доверба, клима на доверба која беше побарана во месец декември, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер.

Ваша екселенцио, според сегашниот тек на работите, Грција повторно ќе го блокира почнувањето на преговори на Македонија со ЕУ на јунскиот самит зошто засега нема сигнали дека компромис за името до тогаш може да биде постигнат. Што очекувате од Македонија да направи во ваквата ситуација?

Најнапред, многу ви благодарам за ова прво интервју, многу сум задоволна што зборувам за РСЕ, медиум кој ќе ми даде можност да зборувам детално и да објаснам што се случува со Европската унија и такво нешто е потребно во оваа земја. За да одговорам на вашето прашање, со Самитот од 27 и 28 јуни, вистина е дека прашањето на името е круцијално. Од објавата на извештајот на 16 април ги истакнуваме сите чекори кои може да се направат, но токму тоа прашање е ставено во прв план на Советот во декември и тоа е прашањето на кое може да се напредува и да се одблокира. Што се случува со подготовката? Комплицирано е, не е Европската унија, не е Франција таа која преговара, туку директно медијаторот кој беше назначен од ОН и кој направи предлози кои се сега на маса, и очекуваме двете страни да дадат свои одговори. Во меѓувреме, до Eвропскиот совет, навистина е важно да не се префрлува токата во потрага по виновникот, туку секој да го одработи својот дел. Македонија треба да напредува во прашањето за името пред Советот од 27, 28 јуни.

Гледате ли подготвеност во Македонија да се справи со проблемот кој ги блокира нејзините евроинтеграции?

Гледано од секој аспект, извештајот на ЕК е неутрален, и од секој аспект наша улога е да покажеме дека работите напредуваат. Тешко е да ви одговорам, бидејќи тие преговори се водат во Њујорк и Вашингтон, а посебно за прашања од добрососедските односи, ние, амбасадорите од Европската унија не сме преговарачи. Но тоа што можам да кажам е дека напредокот што се направи со договорот меѓу Србија и Косово докажува дека постои регионална динамика, и таа регионална динамика треба да и служи на Македонија. Европската интеграција не е неодржано ветување. Европската интеграција е движење кое оди напред со напредок врз прашања кои се идентификувани. Ќе ме прашате што можеме да направиме за да помогнеме? Тие преговори се водат тајно, бидејќи доколку беа јавни не знаеме какви потешкотии би се појавиле. Тие се водат тајно, но апсолутно е потребно нештата да напредуваат пред месец јуни.

Треба ли да имаме големи очекувања од јунскиот самит?

Ќе потсетам, бидејќи зборувавме за економија, главната тема денеска на европскиот Совет е како и пред една година, да се излезе од еврокризата, да се изнајде економски раст и истото е во интерес и на земјите кандидатки и на соседството. Приоритет на европскиот Совет во месец јуни се отсекогаш внатрешните прашања и не би сакала да ги насочам погрешно лицата што не слушаат велејќи дека ќе зборуваме за евроатлантската интеграција на Балканот бидејќи дневниот ред нема да се концентрира суштински на тоа. Прашањето редовно се отвора, но главната цел на европскиот Совет е да се иницира, да се совлада, и како што вели нашиот претседател, да се направи офанзива против недостигот од економски раст. Да се најде економскиот мотор на Европа, а тоа мора да помине преку француско–германска дискусија, а на таа тема имаме уште месец ипол за дискусија. Да ви кажам што ќе се случи во европскиот Совет за земјата, не би можела да го измислам тоа. Ќе повторам, условите од тоа што беше побарано во декември се јасни и според тоа што го напиша Комисијата која го држи перото за ова прашање, треба да се покаже пред земјите членки дека има напредок. Вистина е дека се уште сме во исчекување на нешто и не можам да ви кажам дека во европскиот Совет да или не, ваква или онаква одлука ќе се донесе. Тоа што го знам е дека чекаме нешто во добрососедските односи и чекаме на целата работа на доверба, клима на доверба кој беше побарана во месец декември.

Еврокомесарот Филе во интервју за РСЕ неодамна имаше една ваква изјава – ние направивме се за да ве поддржиме, сега топката е во ваши раце. Гледате ли атмосфера во земјава да се земат работите во свои раце и да се направи исчекор?

Се разбира и се надевам. Треба да видиме што прават и земјите членки оти не постои само Комесарот за проширување, тука е и буџетот. Сакам да потсетам дека денес претпристапните фондови се трошат на ваша територија и дека во суштина тоа што се заборава е дека од ден на ден ние градиме нешто. На 9-ти мај , бев со мојата драга германска колешка Гудрун Штајнакер во Кавадарци. Отворивме проект од областа на винарството, Музеј на вкусот и мирисот заедно со градоначалникот и со министерот за локална самоуправа, Тахир Хани. Оттука јасно се гледа дека е важно земјите членки да имаат позитивна перцепција за Македонија, но знаеме исто така кој што треба да одработи. Ќе повторам, потребен ни е гест. Потребно е преговорите за како што ние го нарекуваме во нашиот жаргон „добрососедски односи“, потребно е за прашањето за името да имаме впечаток, сознание дека има движење и дека се напредува. Ќе повторам дека регионалната динамика постои, ќе ја примиме Хрватска, земјите членки не се расположени за блокирање. Треба да знаете дека Франција е земја пријател, многу напори сме вложиле во Македонија, и тоа веќе со години, многу кредити, соработка. Секој пат кога се гради европски проект има тука и дел од билатералната соработка. Таа идеја дека нештата ќе се направат туку така и со надворешна интервенција е погрешна. Волјата на двете земји, волјата за напредок е тоа што го очекуваат земјите членки. Ние не можеме тоа да го направиме наместо двете соседни земји.

Ќе има ли ефект врз македонските евроинтеграции постигнатиот договор меѓу Косово и Србија? Во смисла се сè може кога се има политичка волја?

Ви реков дека тој договор создава во регионот ефект на локомотива. Се надевам и мислам дека тој може да и служи на евроатлантската перспектива на Македонија, бидејќи моделот кој беше дефиниран е модел на интеретничка земја. Бидејќи моделот на мирот и помирување е моделот на Македонија, сакам да потсетам дека го покажа патот. Сакам да потсетам дека најназад тоа е модел којшто е исклучително корисен во регионот. Договорот од 19 април, помеѓу Србија и Косово не ја решава целата ситуација, но сепак е вистина дека тоа е пробив и напредок. Исто така е договор кој беше поздравен едногласно од страна на Министрите за надворешни работи, тука се разбира дека е и францускиот министер за надворешни работи, Лорен Фабиус. Не знам дали ќе биде лесно тој да се реализира и се разбира дека има пречки. Денес ги немам сите елементи кои би ми овозможиле да кажам дали ќе се случи одлучувачки момент и дали сите пречки се поминати но еве ви нешто што за целиот регион на Западен Балкан означува напредок кој треба да и послужи на Македонија.

И покрај сите позитивни извештаи, ние добивме неодамна и остри критики од еврокомесарот, Штефан Филе дека демократските процеси во земјава назадуваат. Како вие ги оценувате?

Има неколку прашања за реформите. Се разбира тука се законите што се носат, а потоа нивното спроведување, и вистина е дека понекогаш носиме закони мислејќи дека добро правиме но чие спроведување во пракса е проблем. Прашањето за слободата на медиуми е нешто што многу не загрижува, и таа точка веќе беше спомната од мојот претходник Жан Клод Шлумберже во интервју што го дал за вас во 2011-та. Бидејќи тоа ќе биде еден тест за јавното мислење, за капацитетот и зрелоста на едно општество во даден момент. Вистина е дека тука се гледа назадување, тука е НВО-то Репортери без граници, Стејт Департментот. На полето на медиумите имаме концентрација на медиуми и потреба кон прашањето да се пристапи со искреност. Ме радува што вашиот вицепремиер г. Фатмир Бесими ја продолжи дискусијата со разни синдикати на новинари за ова прашање, тоа е фундаментално бидејќи денес сликата за земјата поминува преку новинарите.

Гледате ли унапредување на политичкиот дијалог во земјава по преземените обврски со мартовскиот договор?

Сите се надеваме таа Комисија да профункционира и дека ќе се најдат членови и претседател за истата. Но тука е функционирањето што доаѓа отпосле, ќе имаме нови избори, и се надевам и дијалог со значителните новинари од синдикатите за законот за медиуми. Велам дека тоа е целина врз која Комесарот Филе многу инсистираше и се разбира дека ние го подржуваме. Така да може само да кажам дека договор ќе се најде.

Неодамна организиравте економски форум. Постои ли можност да се унапреди економската соработка на релација Франција-Македонија и евентуално да очекуваме зголемен број заинтересирани француски инвеститори за инвестирање во нашата земја?

Прво да истакнам дека цела Европа работи на изнаоѓање економски раст, и тоа е залагање во кое ги вклучуваме земјите кандидати и тоа е мошне позитивно за Македонија бидејќи е земја која има економски резултати кои се релативно здрави резултати со поддршка на ЕБОР и на ИПА фондовите, поддршка која е важна. Сепак тоа е сектор каде соседноста и блискоста се во игра за интересите на сите земји. Тоа значи дека е во интерес на Македонија да има француски инвеститори, но и во интерес на Франција е да има сега економско проширување, оти ние имаме претпријатија кои се светски гиганти. Колку за потсетување, Европската унија е првата светска економска сила како што впрочем и потсети претседателот на Холандија, во неговото излагање за Европа и денеска интервенциите во европскиот Советот, но и во Советот на министри за надворешни работи имаат за цел да го изнајде економскиот раст. Затоа е добро во билатералната работа да работиме и на економскиот сектор, а потоа можеме да го поставиме прашањето зошто организиравме форум. Бидејќи и тука имаме впечаток дека Франција е малку присутна, но всушност Франција денес има голема банка која ја купи во 2007 и која има голем успех, Охридска Банка Сосиете Женерал која го удвои својот удел во македонскиот пазарот на банки. Но од пред две години тука е и Карфур, М. Бриколаж и одреден број на перспективи и интереси на големите француски претпријатија за да ги придружуваат и тука може едноставно да зборувам за енергијата или животната околина, но едно е сигурно француските компании се лидер на сите овие пазари. Тоа е интерес што добро сме го сфатиле, и Франција и Македонија за да напредуваме во овој сектор.
XS
SM
MD
LG