Достапни линкови

Магистратура од Кембриџ за на ѕид


Ана Стојанов, магистар по психологија на универзитетот во Кембриџ.
Ана Стојанов, магистар по психологија на универзитетот во Кембриџ.

Ана Стојанов магистрирала на Кембриџ и се вратила во земјата, но вели дека институциите и ги затвориле вратите. Нејзината приказна се случува во време кога Министерството за образование промовираше стратегија за спречување на одлив на високо образовани кадри.

Магистрирав на Кембриџ и од лојалност кон татковината се вратив тука, а институциите ми ги затворија вратите. Вака ја започнува својата приказна Ана Стојанов.
Постапката можеби е законска, но правдата и правото не се исто. Она за што се залага владата, што се промовира, конкретно таа Стратегија за спречување на одлив на мозоци, еве не се спроведува во конкретниот случај, јас за тоа протестирам.
Ана Стојанов, магистер по психологија.

Таа конкурирала за местото помлад асистент по предмети од областа на психологија на Филозофскиот факултет, но и покрај магистратурата на еден од најпрестижните универзитети во светот, Универзитетот во Кембриџ, и покрај високиот додипломски просек од 9,76, и покрај многуте објавени трудови, бил избран кандидат со понизок просек и со помалку објавени трудови (1 објавени и еден даден во печат). Но, таа вели дека тоа и не е најголемиот проблем, се прашува зошто државата, иако се залага за зголемување на научноистражувачката дејност и има стратегија за спречување на одливот на високо образовани луѓе, не го спроведува тоа.

Јас тука имам семејство, јас сакам тука да се реализирам затоа и се вратив, меѓутоа ако бидам принудена со вакви пораки какви што ми се праќаат и би ја разгледала опцијата да заминам надвор од земјата.
Ана Стојанов, магистер по психологија.
„Постапката можеби е законска, но правдата и правото не се исто. Она за што се залага владата, што се промовира, конкретно таа Стратегија за спречување на одлив на мозоци, еве не се спроведува во конкретниот случај, јас за тоа протестирам.“

Потоа Ана Стојанов се обидела битката да ја води институционално. Прво приговарала на рефератот за избор на помлад асистент, забележувајќи им на непочитување на постапката.
Министерот за образование Панче Кралев и ректорот на универзитетот Св. Кирил и Методиј, Велимир Стојковски.
Министерот за образование Панче Кралев и ректорот на универзитетот Св. Кирил и Методиј, Велимир Стојковски.

Таа забележува и за извештајот од Рецензентската комисија, за кој вели дека отворено се наведува оти квалитетот на објавените трудови не е важен, а како важна се нотира лојалноста на кандидатот кон претпоставените. Потоа побарала средба со министерот за образование, точно на 7 март оваа година кога Министерството промовираше стратегија за спречување на одлив на високо образовани кадри.
Од МОН ни ветија одговор за делот кој се онесува на стратегијата, а што се однесува до конкретниот случај не упатија на Универзитетот. Но до почетокот на емисијата не добивме одговор од Министерството. Се обративме и до Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, но ни тој не беше достапен за одговор.

„Од Министерството ми се јавија телефонски и ми побараа да им испратам CV и ќе виделе што можат да направат, но по еден месец чекање да видам што може да направат, бидејќи немаше никаква реакција, јас повторно се обратив до нив. Тогаш ми одговорија дека ако сметам дека правата ми се повредени, да се обратам до Државниот просветен инспекторат.“

Упативме прашања со Министерството за образование, на кој начин мислат да ја спроведуваат стратегијата ако Универзитетите не се придржуваат до неа? Од МОН ни ветија одговор за делот кој се онесува на стратегијата, а што се однесува до конкретниот случај не упатија на Универзитетот. Но до објавувањето на овој текст не добивме одговор. Се обративме и до Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, но ни тој не беше достапен за одговор.

Ана Стојанов испратила и писмо до премиерот за да му посочи, како што вели, дека не секогаш институциите го спроведуваат она за што Владата се залага. Од Канцеларијата на премиерот ѝ одговориле дека „согласно Законот за високо образование, Канцеларијата на претседателот на Владата нема надлежност да влијае на постапката за избор на помлад асистент, помлад лектор, односно помлад уметнички соработник“.

Владата од учебната 2012/2013-та стипендира студенти кои сакаат да студираат на некој од стоте најдобри универзитети во светот. Според првичната замисла, овие стипендирани студенти од страна на Министерството за образование и наука по завршувањето на образованието требаше да се вратат и да ја вршат својата дејност во Македонија, но подоцна замислата беше применета. Доколку по дипломирањето успеат да се вработат во некоја од 500 светски најдобри компании според ранг-листата на Форбс, стипендираните студенти, нема да бидат обврзани да се вратат дома, барем за неколку години.

Ана Стојанов побарала и средба со ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, но и од негова страна нема одговор. Последниот нејзин обид да допре до Ректорот преку медиумите, исто така не вроди со плод. Таа вели дека ова ѝ е последниот обид и дека ќе запре тука, затоа што нејзината борба ѝ наликува на борба со ветерници.

Откако решила незината приказна да излезе на виделина, ја исконтактирале многу луѓе која ја делат нејзината судбина, и рекле дека ја поддржуваат, но добронамерно ја советуваат да си замине од тука.

„Јас тука имам семејство, јас сакам тука да се реализирам затоа и се вратив, меѓутоа ако бидам принудена со вакви пораки какви што ми се праќаат би ја разгледала опцијата да заминам надвор од земјата“, вели Стојанов.

Во Стратегија за спречување на одлив на високо образувани кадри, еден од четирите приоритети е „привлекување и враќање назад на веќе заминатите високо образовани кадри“. Повод за ваквата стратегија беа податоците дека над 85 отсто од студентите во повисоките години се изјасниле дека по завршувањето на образованието сакаат да ја напуштат земјата, а дури 29 отсто од високо образованите лица живеат надвор од границите на Македонија. Нацрт стратегијата беше промовирана пред 2 месеци. За нејзина имплементација ќе се користат буџетски пари и тоа како што предвидува стратегијата, за оваа година се одвоени 530.000 евра, за идната 1,1 милиони евра и 2,2 милиони за 2015 година.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG