Достапни линкови

Хеншо - Не се договоривме со МТВ за предизборни дебати


Интервју со Крис Хеншо
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:18 0:00

Интервју со Крис Хеншо

Имаше и процес на планирање и ангажиравме претставник на претседателската комисија од Соединетите Американски Држави, извршен директор, кој беше одговорен за последните четири претседателски дебати во САД кој требаше да работи со нас и со МТВ. Направивме испитување во 12 општини со цел да бидеме сигурни кои се кандидатите и на што да се базираат прашањата. Многу работевме и се подготвувавме за ова. На крај не успеавме да се договориме, вели директорот на Националниот демократски институт за Македонија, Крис Хеншо, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Хеншо, во извештаите јасно се наведува дека изборите беа мирни, но се развива дебата околу тоа дали процесот бил фер. Како гледате на гласањето сега, откако сè е завршено?

Ние ги добиваме почетните информации од извештајот на ОДИХР. Април е период кога се издаваат неколку извештаи, значи го имаме извештајот на Европската комисија, како и извештајот за човекови права на Стејт департментот. Сите овие извештаи се осврнуваат на изборите и се издвојуваат две прашања. Првото е за непристрасноста на медиумите во контекст на локалните избори, а другото прашање е неразграничувањето на улогите на државата и политичките партии во рамките на изборниот процес. Сериозни обвинувања се пласираа по основ на овие две прашања и за тоа се известува во извештајот на ОДИХР по првиот и вториот круг, а референци има и во извештаите на Европската комисија и на Стејт департментот.

Од невладиниот сектор забележуваат дека јавната администрација се користи како гласачка машина за владејачката партија. Господине Хеншо, дали центрите на моќ се обидуваат да влијаат врз приватното право на глас?

Кодексот за однесување на НДИ јасно кажува дека изборите треба да се слободни и фер. Тоа значи дека граѓаните одлучуваат како ќе гласаат без каков било притисок од кого било.

Дали тоа беше случај на последните избори?

Повторно се навраќаме на извештајот на ОДИХР и забелешките кои таму се наведени, дека во многу случаи постојат докази оти тоа не се случувало. Тоа треба да се проследи и да биде извршен увид како за конкретните случаи така и за општите прашања.

Ивештаите во јавноста се интерпретиртаат како генерално позитивни. Дали е добро да се генерализира интерпретацијата на извештаите?

Позитивни се за неколку работи. Се забележува на добра излезност и мирни избори со малку инциденти. Но повторно се навраќаме на прашањето за непристрасноста на медиумите. Да ги земеме медиумите како добар пример. Кога станува збор за медиумите, да ги земеме за пример Репортери без граници и нивниот индекс. Во 2009 година Македонија беше рангирана на 34 место во светот и првопласирана меѓу деветте држави во регионов. Во 2010 земјата се најде на 68 место. До 2011 и 2012 година стигна на 94 место. Денес земјата е на 116 место, последна меѓу деветте земји во регионот. Кога луѓето се фокусираат на случувањата во медиумите? За време на избори. Непристрасноста на медиумите за време на избори е добар начин да се сигнализира дека работите се движат во вистинска насока. А сега го имаме извештајот на ОДИХР во кој е наведено дека немаме рамен терен за игра кога станува збор за медиумите.

НДИ за време на својата кампања за кодексот за однесување овој пат се залагаше да обезбеди можност за јавноста да се одлучи за кандидат преку серија градоначалнички дебати. Процесот го отпочнавме во октомври и ноември. Се договоривме со четирите најголеми партии како и со Државната изборна комисија и Советот за радиодифузија и со македонската национална телевизија. Имаше и процес на планирање и ангажиравме претставник на претседателската комисија од Соединетите Американски Држави, извршен директор, кој беше одговорен за последните четири претседателски дебати во САД кој требаше да работи со нас и со МТВ. Направивме испитување во 12 општини со цел да бидеме сигурни кои се кандидатите и на што да се базираат прашањата. Многу работевме и се подготвувавме за ова. На крај не успеавме да се договориме со независниот државен радиодифузер, во основа за општините каде што треба да се одвиваат дебатите. На крај НДИ е задоволен со постигнатиот успех бидејќи имавме три дебати со кандидатите од Тетово, Куманово и Скопје кои се емитуваа на локални ТВ станици и на ТВ 24 вести. Требаше да се емитуваат на државниот медиум.

Бидејки тој медиум се финансира со државни пари?

И независен! Финансиран е со народни пари и е независен. Затоа во услови на избори, кои претставуваат многу јавна декларација, кога електоратот е инволвиран, тоа е главна шанса да се промовира независноста. Три дебати се одржаа. Би му препорачал на било кој што го следи ова интервју да оди на ferizbori.mk и да ги погледне дебатите кои ги има и на youtube за да процени дали тоа е нешто добро за Македонија. Сметам дека одговорот ќе биде „да“. Следната година имаме претседателски избори. Тоа е одлична можност да се решат забелешките на ОДИХР и да се организираат дебати за претседателските избори догодина.

Значи јавниот сервис ве исклучи?

Јавниот сервис не можеше да се договори со нас за кои општини треба да се организира дебатата. На крај ние се обративме кај приватниот сектор и не ги снимавме дебатите во студијата на националната телевизија.

Господине Хеншо, дали од јавниот сервис ви објаснија зошто одредени општини треба да бидат вклучени во дебатата а други не?

Од националниот сервис ни дадоа список кој за нас беше неприфатлив. За причините обратете се кај јавниот сервис и прашајте ги зошто не се одржаа дебатите. Има пасос во извештајот на ОДИХР во кој е сосема јасно наведено тоа, а истото се забележува и во извештајот на Европската комисија. Се забележува дека јавни дебати не се одржаа на МТВ1, а и двете организации знаеја дека ние го планираме тоа, ние не криевме. Сигурно немаше да планираме до таму до каде што стигнавме ако немаше договор во октомври и ноември. Сметам дека сето тоа укажува на кодексот, создава потреба да се напредува и сведочи за бројките за состојбата со медиумите за кои веќе зборував. Таа работа едноставно се менува и на претседателските избори треба да имаме дебати.

Според Вас, како набљудувач, што придонесува кон ваквото влошување на слободата на медиумите и судејќи по Вашиот последен пример, влошениот професионализам во македонските медиуми?

Не знам. Тоа не е нешто на кое ние се осврнуваме. Ние го следиме законодавниот процес, соработуваме со парламентот со цел унапредување на парламентарната пракса. Преку тоа се надеваме на подобрување на легислативите. Законот за медиуми е голем извор на дискусии и во блиска иднина ќе биде во Собранието. Тоа ќе биде одлична можност за релевантната парламентарна комисија да организира целосно јавно разгледување на предлог-законот. Тоа е дел од обврските на парламентот и сметам дека ќе биде од корист за сите. Тоа е и дополнителна можност да се посвети внимание на загриженоста која се создава со многу извештаи за медиумската состојба во Македонија.

Новиот предлог-закон за медиуми е под критика. Се проблематизира одлучноста за наметнување на единствен регулатор од страна на владата. Дали тука станува збор за практично решение кое се имплементира во други земји или станува збор за уникатен закон ?

НДИ не соработува директно со медиумите. Нашите ангажмани моментално се директно со Собранието. Прашањето кое го поставувате е одлично за собраниската комисија за време на дискусијата и би било одличен агол кој треба да се покрива. Долгогодишната работа на НДИ се фокусира на подобрување на работата на собраниските комисии и процесот на разгледување на законите, како и нивна ревизија по имплементацијата. Постојано аргументираме дека законите се подобруваат со нивно квалитетно разгледување и употреба на експертиза. Прашањето кое го покренавте лесно се разгледува, со донесување на експерти кои ги има во Македонија, кои би учествувале на дискусијата во собраниската комисија.

Пред и за време на изборите се проблематизираше гласањето на дијаспората, конкретно гласачите од Пустец. Има обвинувања дека голем број од нив добиле лични документи во еден ден и сите биле регистрирани на иста адреса. Тие, пак, велат дека имаат право да гласаат бидејќи законот им дозволува. Дали ова е нерегуларност?

Тоа може лесно да се провери по изборите. Очекуваме целиот извештај на ОДИХР да биде објавен за 4 до 5 недели. Организацијата не само за последните туку и за претходните избори препорача ревизија на избирачкиот список со цел да се утврди дали тој реално ги претставува гласачите во Македонија. За овој конкретен случај, ако се испостави дека 20, 30 или 40 гласачи, не знам колку беа, се регистрирани на иста адреса, тоа треба да се реши со прочистувањето на избирачкиот список. Ако постојат такви адреси на кои се регистрирани многумина гласачи, треба да се утврди дали овие луѓе гласале на денот на изборите и трагата треба да се проследи до крај. Адресирањето на забелешките кои се наведени не само во извештајот на ОДИХР туку и во извештајот на Европската комисија, треба да доведе до прочистување на избирачкиот список, што беше зацртано и во договорот од први март, со кој опозицијата се врати во процесот. Беше договорено дека тоа ќе се прави по локалните избори. Можно е во рамките на овој процес случајот да се провери до крај и еднаш засекогаш да се расчистат дилемите – дали овие луѓе биле регистрирани гласачи со право на глас или нешто друго се случувало. Ако немале право на глас, тогаш дали личните документи им биле фалсификувани? Во што бил проблемот? Многу од негативните работи кои се случуваат на изборите ги засенуваат позитивните работи и успесите, бидејќи препораките не се проследуваат и не се изнаоѓа решение. Ако има проследување и ако има согласност дека треба да има промени или ако испадне дека обвинувањата не се вистинити, тогаш ќе има јавна афирмација за случувањата.

Многумина гледаат на сево ова како завршена работа – изборите се завршени, имаше забелешки и тоа е тоа. Зошто ова не е добра пракса?

Затоа што секогаш ќе има нови избори. Знаеме дека догодина ќе има претседателски избори. Ако досега не сме ги погодиле работите, дајте да ги средиме за следните избори. Ајде да го оживееме кодексот на НДИ за фер и демократски избори, да го ставиме во пракса како дел од овој процес. Ние сме посветени на тој код за сите избори. Тоа не е законска регулатива туку документ за добра пракса. Во некои делови се опишуваат правни прашања а во други делови се разгледуваат добри практики. Сметам дека сите партии треба да целат кон подобрување на праксата. Земањето на препораките на ОДИХР и нивното практикување за време на избори е сечија придобивка. Затоа и слоганот не го менуваме: „Каков белег ќе оставиме?“. Постои фокус кон Македонија во време на избори. Да оставиме добар белег.

Дали би бил потребен притисок од јавноста со цел да се мотивираат политичките партии во овој контекст со цел да се промени нивното однесување за идните избори?

Сметам дека е потребен притисок од јавноста, но треба да има и посветеност од политичките партии. Мора да се прифати дека на некои избори партијата победува а на други губи. Јас имам искуство во Обединетото кралство, девет години пред да дојдам во Македонија. Досега сум проследил осум избори во земјава. Согласно моето искуство, потребен е рамен терен за игра. Тоа што на едни избори може да ви оди во прилог може да ви наштети на други избори. Станува збор за фер демократски процес. Изборите се клучен столб на демократијата. Ако тие не се спроведуваат правилно тогаш демократијата страда. Многу работи се случуваа на изборите во земјава и има подобрувања, но остануваат предизвици и потребно е да се адресираат.

Дали родовата еднаквост беше едно од тие подобрувања на последниве избори?

Би било тажно да се констатира напредок поради тоа што на овие избори беа избрани 4 градоначалнички, а на претходните немаше ниту една. Тоа е еден вид напредок, но не е нешто за кое треба да се вреска од ќерамиди, дека сега имаме 4 градоначалнички во 80 општини плус Скопје – тоа се 5 проценти.
XS
SM
MD
LG