Достапни линкови

На Блискиот Исток малку се знае за Македонија


Самер Фаза, Јорданец од мајка Македонка.
Самер Фаза, Јорданец од мајка Македонка.

Од мајка Македонка и татко Јорданец, Самер Фаза веќе десет години живее во Јордан и работи во државната авио-компанија. Вели дека Македонија треба да соработува повеќе со земјите од Блискиот Исток, но оти проблем претставува немањето на дипломатско претставништво во Јордан што го прави невозможен пристапот на богатите Јорданци до Македонија.

Самер Фаза е Македонец кој десеттина година живее во далечниот Јордан. Татко му е од Јордан, а мајка му е Македонка од Струмица. Завршил машински факултет во Јордан и работи во тамошната државна авио-компанија. Вели дека е мал бројот на Македонци кои живеат или работат во Јордан и оти во земјите од Блискиот Исток многу малку се знае за Македонија.

Во тој дел од светот многу малку се знае за Македонија и затоа јас чувствувам одговорност да ја презентирам и промовирам Македонија.
Самер Фаза, Јорданец од мајка Македонка.
„Во тој дел од светот многу малку се знае за Македонија и затоа јас чувствувам одговорност да ја презентирам и промовирам Македонија. Поголемиот број од луѓето што ги сретнувам прашуваат која е Македонија, па треба да објаснувам, треба да кажам дека е поранешна југословенска република и да кажам мал историјат. Кажувам дека е северно од Грција, јужно од Србија. Многу малку на вести се слуша за Македонија, бидејќи за нив не е интересна држава на политичката сцена.“

Македонија, според него, треба да атакува многу повеќе на тамошниот пазар, особено да направи сè што може да привлече туристи од тој дел на светот. Проблем е, вели тој, што земјава нема дипломатско претставништво во Јордан што го прави невозможен пристапот на богатите Јорданци до неговата родна земја.
Тие држави имаат пари и не знаат каде да ги инвестираат тие пари и бараат места за инвестиција. Тоа е одлична можност да дојдат во Македонија и да инвестираат кај нас. Има луѓе кои имаат пари кои сакаат да ги вложат некаде.
Самер Фаза, Јорданец од мајка Македонка.

„На Блискиот Исток има многу луѓе кои сакаат да ја откриваат Европа и имаат пари за да патуваат. Таму има неколку дестинации кои се истрошени, како што се Турција, Грција, Бугарија, Купар и Египет. Луѓето бараат нешто ново да откријат и мислам дека Македонија ја има таа шанса. Имаме проблем што немаме дипломатско претставништво таму. На Блискиот Исток единствено имаме амбасада во Катар и конзулат во Египет и затоа тешко се дознава за Македонија и туристички тешко може да дојде група во Македонија“, вели Фаза.

Македонија треба да обрне економски и политички повеќе внимание кон овој дел на светот Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Бахреин.

„Тие држави имаат пари и не знаат каде да ги инвестираат тие пари и бараат места за инвестиција. Тоа е одлична можност да дојдат во Македонија и да инвестираат кај нас. Има луѓе кои имаат пари кои сакаат да ги вложат некаде“, додава Фаза.

Тој вели дека има неколку авио-компании со кои може да се стигне до Македонија, но оти е неопходно да има директна авионска линија од главниот град Аман до Скопје.
XS
SM
MD
LG