Достапни линкови

Изборите ја разгореа непрофесионалноста на медиумите


Правото на политичарите да пристапат до медиумите не треба да ја ограничи слободата на изразување на новинарите, вели холандската амбасадорка Мариет Схурман.

Потпалувачки говор, стереотипизација, политичка пристрасност и демонизација на политичките актери, еднострано известување или пак неизвестување за настани, кршење на професионалните новинарски стандарди. Сето ова било нотирано во еднонеделниот мониторинг на медиумите во земјата во рамки на проектот „Набљудување на известувањето на медиумите за партиско-политичките и меѓуетничките прашања во текот на предизборниот процес“, спроведено од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, поддржан од Холандската амбасада и ОБСЕ.
Со истакнување на овие резултати не сакаме да се изрекуваат етички санкции на посочените медиуми, туку да се поттикнат да размислат на негативната улога што може да ја имаат медиумите во дезинтеграцијата на општеството преку известување кое предизвикува стереотипи, предрасуди, поделби, нетолеранција.
Весна Шопар, универзитетски професор.

Во текот на една недела мониторинг, аналитичарите алармирале за 257 текстови и прилози, а во квалитативната анализа се опфатени 83.

„Со истакнување на овие резултати не сакаме да се изрекуваат етички санкции на посочените медиуми, туку да се поттикнат да размислат на негативната улога што може да ја имаат медиумите во дезинтеграцијата на општеството преку известување кое предизвикува стереотипи, предрасуди, поделби, нетолеранција“, рече професор Весна Шопар, презентирајќи го извештајот.

Амбасадорката на Холандија во Македонија, Мариет Схурман вели дека за време на избори важно е граѓаните да можат да бидат информирани за ставовите и програмите на партиите и политичарите, партиите да имаат право на еднаков и правичен пристап до медиумите, а новинарите да имаат право на слобода на изразување.
Правото на политичарите да пристапат до медиумите не треба да ја ограничи слободата на изразување на новинарите. Политичарите не треба да се мешаат во уредувачките политики на медиумските куќи, ниту директно, ниту индиректно.
Мариет Схурман, амбасадорка на Холандија во Македонија.

„Правото на политичарите да пристапат до медиумите не треба да ја ограничи слободата на изразување на новинарите. Политичарите не треба да се мешаат во уредувачките политики на медиумските куќи, ниту директно, ниту индиректно.“

Амбасадорот на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет вели дека медиумите играат суштинска улога во демократскиот процес, а нивната улога добива на значење особено во предизборниот процес.

„Независните медиуми прават јавноста да ги знае сите факти од различни агли и да се слушнат различни ставови. Придонесуваат да се оформи јавното мислење преку конструктивна дебата со која се гарантира слободата на изразување и се спречува нетолерантноста и говорот на омраза.“

Професорката Снежана Трпевска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста вели дека новинарството сè повеќе паѓа на испитот за тоа какви професионални стандарди применува во практика и токму затоа решиле како институција да дадат свој придонес во јавноста.

„Ги учиме студентите на највисоките стандарди, но во практиката се соочуваат навистина со нешто сосема спротивно.“

Новинарката Катерина Блажевска вели дека деновиве ќе се соочиме со дефицит во професионалниот квалитет во покривање на изборниот циклус.

„Сè ќе се сведе на папагалски извештаи, со строго селектирани извештаи во кои ќе доминира говорот на омраза и навредата кон политичкиот опонент, изјави кои најчесто ќе бидат извадени од контекст.“

Таа додава дека не гледа надеж дека овој пат ќе има објективни анализи и вистински дебати.

Мониторингот ќе трае до крајот на изборниот процес.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG