Достапни линкови

Кучи - И централната и локалните власти ги рекетираат фирмите


Интервју со Мендерес Кучи
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:14 0:00
Директен линк

Интервју со Мендерес Кучи

Ние не се соочуваме само со притисоци од централната власт, туку и од локалната, на некој начин си го јадеме стапот од сите страни, вели претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Кучи со кои економски предизвици се соочува бизнис-секторот годинава?

Вие знаете дека ние од минатата година наследивме една многу тешка економска состојба на којашто сè уште не ѝ се гледа завршницата. За жал и некои работи, конкретни мерки за излез од кризата не гледаме ние како деловна заедница. Зборувам воопшто, тука ги опфаќам сите фактори што го чинат бизнис-секторот. Тоа се поткрепува и со бројките кои колку и да сакаме да ги штелуваме, сепак покажуваат нешто, а тоа е надолниот тренд на движењата во стопанството. Значи сам по себе тоа е голем предизвик, особено ако му се додаде и елементот политичка клима во земјата, која што воопшто не оди во прилог на стопанството. Имаме една опозиција којашто долго време беше на власт и ништо не докажа и со истите сили наводно се труди нешто да смени. Од друга страна имаме една движечка политичка сила во власта која требаше да биде хомогенизирана со доскорешниот елемент што тие го сметаа за непријателски, да речеме. Требаше да има еден вид на помирување, односно еден вид на заедничка платформа во која требаше да се отфрли сè што е политичко и да се фокусираат на она што значи економија и да почне народот да ги чувствува бенефитите од тоа. Но, за жал тоа не се случува и затоа ние мислиме дека оваа агонија на стопанството во земјава продолжува.

Често оправдување за надолниот тренд во стопанството е економската криза која што е насекаде, па и во нашата земја. Господине Кучи, во што го гледате излезот од кризата во која е западнато македонското стопанство?

Прво, тоа не смее да ни биде оправдување. Вистина е дека во светот и во нашето опкружување има криза, меѓутоа нешто поразлична од оваа нашата. Нашата има свои специфики и свој начин на излез од кризата. Ние не можеме да влијаеме да ја поправиме кризата во светот, па откако светот ќе излезе после ќе испаднеме ние. Не, ние треба да водиме грижа за нашето стопанство, кои се нашите приоритети, кои се нашите можности и што ние можеме да направиме за излез од кризата. Зборуваме за излез од економската криза, а не ние да додадеме уште и политичка криза за да биде пак алиби или оправдување дека еве, имаме и политичка криза, еве опозицијата не е конструктивна или не знам што и секогаш да ја префрламе вината на нешто имагинарно, наместо да гледаме на она што е реално, она што навистина можеме, а јас мислам дека такво нешто не може да се води или да се санира со една дневно-политичка мерка. За ова треба државна стратегија, стратегија на ниво на држава. Притоа не самостојна, не политички мотивирана, туку треба да биде неутрално водена од страна на експерти, и да речеме членови на МАНУ, но не МАНУ од типот на енциклопедијата којашто вроди со таков плод како што вроди затоа што и таму се вмеша политиката, туку неутрална, реална, а не тие академици да ги користиме само за дневни изјави по медиумите. Притоа ние мислиме дека треба тоа уште одма да се направи и на долги патеки да се види кои се потенцијалите на нашата земја, кои се ресурсите на нашата земја, затоа што ние знаеме дека сите институции ни се политизирани. Основа за што било пак е Заводот за статистика. Од тука се почнува. Прво, не знаеме колку луѓе живеат во Македонија, дали резидентни или нерезидентни. Не знаеме ни кои се спецификите на тоа население, затоа што имаме политички предрасуди, а со тоа ќе им помогнеме и на компаниите, затоа што и странските инвеститори коишто ќе дојдат тука ќе знаат - за ова население треба да се применува овој вид на стандард. Имајќи ја таа политичка бариера ние се плашиме да оперираме со реалните бројки. Затоа велиме - Деполитизација на сите релевантни институции, политиката нека биде само во склоп на парламентот и таму да се одвива според правилата.

Господине Кучи, колку од досегашните анти-кризни мерки коишто владата ги промовираше и најавуваше минатата година навистина вродија со плод и им помогнаа на бизнисмените?

Вие знаете дека нашата стопанска комора излезе со став во септември минатата година кога најавивме дека земјата е во рецесија. За наше добро, два дена подоцна тоа беше потврдено и од владата. Ние по тој повод со една симболика во 5 до 12 предложивме некои анти-кризни мерки, некои од нив беа интервентни, а некои на кои што владата требаше да биде насочена и да размислува за во иднина. За жал, ние не ги гледаме, не ги чувствуваме сè уште тие анти-кризни мерки што ги предложивме и што на некој начин беа опфатени и од страна на владата, но тие мерки не се чувствуваат во доволна мерка, односно можеби веќе не се ни доволни, но во другиот аспект каде што ние велиме дека треба да има стратегија, односно да се третираат како долгорочни мерки, а тоа се капиталните инвестиции, не се случуваат. За жал и тука сè уште се политизира, дали тоа ќе биде Коридорот 8, дали ќе биде Коридорот 10, дали ќе биде некоја уличка каде што ние имаме вакви или онакви припадници на одредени политички партии или нешто друго што се врзува за политиката. Таквото делување е штетно за нас.

Со оглед на тоа што напролет не очекуваат избори, има ли навестување, господине Кучи, дека економијата предизборно ќе се размрда, ќе влезат повеќе пари во бизнис-секторот?

Тоа се веќе видени шеми кај нас, не можеме ни да ги заборавиме бидејќи ни се случуваат речиси секоја година. Тие сценарија ние ги знаеме, од тоа не се очекува ништо посебно, освен одредените политички субјекти да се задолжат уште повеќе кај компаниите, притоа да не можат да ги исплатат нивните долгови. Од политиката не може да се очекува нешто да даде, таа може само да зема. Народот се залажува или можеби сака лажно да се надева дека нешто ќе се смени на добро. Нема ништо битно да се смени ако немаме стратегија поткрепена од владата.

Каков е третманот од владата кон економијата, кон фирмите во земјава?

Декларативно таа се нуди како партнер, но ние знаеме дека партнер не значи нешто еднонасочно, тогаш кога треба нешто да се зема, туку партнерство е во двата правци, да нудиш и да очекуваш да земеш. Во дадениот случај нашиот партнер ја игра улогата спротивно од што треба. Треба да се слуша нашиот збор и политиките треба да се прилагодуваат според домаќинот, а домаќинот во случајов сме ние кои што создаваме, затоа што ние знаеме како се создава и политиките треба да се креираат според тоа, а не обратно – Ние сме политичари и ние знаеме што е добро за вас и вие ќе ја играте оваа игра што ние ви ја наметнуваме и притоа ќе бидеме партнери. Значи дека е еден вид на брак којшто нема да функционира. Прашање на ден е кога ќе се појавиме пред суд, а ние секојдневно се среќаваме и по судови, затоа што некогаш некој некого не слуша и ајде да го дисциплинираме и ајде ќе го дадеме на суд.

Постојат ли притисоци од власта кон непослушните компании?

Тоа не е некоја новина, така било и порано, а веројатно така ќе биде и во иднина, затоа што слухот на политиката е слаб и тие мислат дека на тој начин ќе може да бидат покомотни во нивното владеење. Не, напротив, вредностите треба да бидат тие што нас ќе не спојуваат и нема причина ние да се гледаме низ таа призма на, како што рековте, закани. Не смее да му се заканува на тој што создава на никој начин, затоа што ако не денеска, утре тоа ќе биде контра-продуктивно.

Господине Кучи, споменавте дека притисоците кон непослушните компании не се нови. Во каков облик се тие притисоци?

На теренот ние имаме случаи каде што не мора да значи дека тоа го прави централната власт, тоа го прават и локалните власти. Ние знаеме дека се случува на локално ниво да биде еден политички субјект, а на централно друг. И сега ако некој прејудицира дека ти си припадник на една или на друга политичка опција, тогаш него ќе го третираат поинаку или ќе го „рекетираат“. Ние имаме еден соодветен збор за тоа „рекет“, нешто што морам да ти го дадам јас на тебе ако сакам да придобијам некоја работа за која сум способен и која навистина само јас можам најквалитетно да ја работам. Не се доволни само тендерските постапки, туку тука игра и клучна улога и тоа кој каде припаѓа политички. Ние не се соочуваме само со притисоци од централната власт, туку и од локалната власт, на некој начин си го јадеме стапот од сите страни. Затоа велам дека тоа треба прво да се регулира на централно ниво, таквите работи да се елиминираат во целост и на стопанството навистина да се гледа како на партнер, а не како на некој што цело време ќе биде под лупа како непослушен или неспособен или непотребен.

Владата соопшти дека започна со отплаќање на долговите кон стопанството. Со каква динамика оди раздолжувањето, дали сте задоволни, дали веќе си ги повративте парите што ви ги должеше државата?

Нашите членки не се задоволни од динамиката, не е дека не се плаќа воопшто, туку според динамиката, ако се сеќавате, во излагањето на премиерот имаше и еден краен рок по кој државата воопшто нема да има долг кон стопанството, тој рок се приближува, се споменуваше февруари како датум, но за жал ние не гледаме дека има некои ефекти, затоа што би се чувствувале тие ефекти и во она што денеска важи како беспарица воопшто. Тоа е алка која што е скината и која што сè уште тера кон уште поголема економска криза во земјата.

Последните податоци на Заводот за статистика за 2012 година покажуваат разлика меѓу увозот и извозот од 2,5 милијарди долари. Господине Кучи, зошто високиот трговски дефицит стана препознатлив знак за македонската економија?

Ние немаме стратегија и сè ова е последица на тоа и ако нешто добро ни се случува, тоа е случајно. Ние се погодуваме во одреден момент стриктно по заслуга на умешни менаџери во стопанството. Флексибилноста може да не извади од оваа кал. Ние имаме дефицит и тоа е јасна работа, но ние никогаш не можеме да се пофалиме со извозот. Да видиме кои гранки извезуваат. Извезуваат буквално тие што најмногу увезуваат. И која е тука разликата во цена што останува во нашата економија? Ништо, само тие плати што ги зеле и барањата на тие извозници коишто се бесконечни. Почнуваат од барања за субвенции за струја, за горива и разни субвенции затоа што извезуваат. Треба да гледаме навистина да котираме како земја во регионот, не мора да котираме во светот, затоа што сме толку народ. Но, тоа што ќе биде, да биде врз здрави економски основи.

Како гледате на последните најави дека оваа година ќе дојдат големи странски инвестиции?

Честопати тоа се врзува со беспарицата во нашата земја. Ние мислиме дека тие ќе ни донесат пари и со тоа ние ќе можеме нешто да инвестираме во нашата земја и ќе почне тој синџир на некој начин да почне да се движи. Тоа е прво градежништвото, затоа што таа гранка највеќе апсорбира работна сила, на некој начин и неквалификувана, не бара којзнае какви квалификации, и со самото апсорбирање на таа работна сила кај нас на некој начин ќе имаме социјален мир, затоа што ќе може некој да однесе нешто дома. Меѓутоа пак не може да се каже дека е тоа што навистина нам ни треба. Не дека треба да бидеме затворени за странските инвестиции, но треба да гледаме навистина како и со кого да работиме и притоа да не се надеваме премногу и да не се насочуваме само на странските инвеститори, затоа што ние не правиме баш многу за нив. Што ако утре и задутре имаме еден таков револтиран инвеститор и ќе си оди во неговата земја со такво мнение? А имаме такви примери, затоа што сум сретнал, луѓе коишто дошле, инвестирале, ќе бидам и конкретен – инвестирале во Бунарџик, и не биле задоволни затоа што не било тоа што го очекувале на почетокот. Тие тоа го кријат и го кажуваат само во затворен круг, но ако го кажуваат во затворен круг во Македонија, тие надвор од земјава нема да ни користат како добри примамувачи за следни инвестиции.

Од што биле незадоволни?

Почнувајќи од постапките коишто морале да ги поминат за добивање одредени дозволи во земјата. Па и од самиот третман на државата, затоа што и тие се извозно ориентирани, па при извоз треба и ним да им се врати ДДВ-то, па им се доцни со враќањето. Тоа е нешто што не било планирано според нив и не е разумно во нивните глави. Ако јас нешто сум увезувал денеска и сум платил за увозот и потоа задутре сум извезол, а моите пари да седат некаде шест месеци е нешто што е дестимулирачки.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG