Достапни линкови

Белград подготвен да попушти за северот на Косово


Откако владата на Србија едногласно ја усвои Платформата за Косово што ја предложи српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ изјави дека Белград е подготвен да ја намали контролата врз српското население во северниот дел на Косово. Тоа се оценува како извесна отстапка во српските напори да издејствува преговори за влез во Европската унија.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, по усвојувањето на Платформата за Косово, изјави дека Србите на северот на Косово би требало да бидат раководени од нивни автономни институции, а не директно од властите во Белград.
Ивица Дачиќ, премиер на Србија
Ивица Дачиќ, премиер на Србија

Дачиќ кој на 17 овој месец во Брисел по четврти пат ќе се сретне со косовскиот премиер Хашим Тачи додаде дека Платформата нема да биде објавена се додека претходно не и биде претставена на косовската страна.

Според него, црвената линија на тие преговори е преамбулата на српскиот устав, односно дека Србија нема да го признае Косово.

Јас лично никогаш нема да прифатам за дваесет години нашите деца, кога ќе одат во земјите во регионот, вклучувајќи ја и Албанија, да велат дека одат во Европската унија. А, во истовреме да се гордееме со тоа што не сакаме да влеземе во Унијата.
Ивица Дачиќ, премиер на Србија
Но, исто така тој додаде дека единствена цел е Србија да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.

„Јас лично никогаш нема да прифатам за дваесет години нашите деца, кога ќе одат во земјите во регионот, вклучувајќи ја и Албанија, да велат дека одат во Европската унија. А, во истовреме да се гордееме со тоа што не сакаме да влеземе во Унијата“, изјави Дачиќ, додавајќи дека Србија во иднина ќе настапува со сопствени предлози, вклучувајќи го и оној за, како што рече, решавање на процесот на паралелизам на институциите на Косово.

На новата Платформа, според некои аналитичари на Косово и во Србија, би требало да се гледа како на обид на српската влада да ги испочитува заклучоците на Европскиот совет од минатиот месец.

Таа српска платформа, е непостоечка работа за Косово, бидејќи од неа се гледа дека и оваа власт во Србија како да живее во времето на Милошевиќ. Си дава за право да одредува како ќе биде уредено Косово.
Азем Власи, аналитичар од Косово.
„Србија ќе ја држи линијата да не го признава Косово како независна држава, но тоа не го бара ниедна страна. Се бара нормализација на односите. На 17 јануари двајцата премиери треба да отворат нови теми, како например расформирање на безбедносните сили на Србија на северот на Косово“, оценува приштинскиот аналитичар Илир Деда. За белградскиот аналитичар Огнен Прибичевиќ,пак, клучно останува прашањето за паралелизмот на власта на северот на Косово.

„Тоа би можело да биде некаков двоен, условно речено, суверенитет. Паралелен суверенитет каде што и Белград и Приштина би имале дел на своите надлежности. Секако во овој момент тоа за албанската страна е незамисливо.“

Како што е познато, косовските власти инсистираат на тоа дека единствено решение за северот на земјата е планот на Ахтисари, што дијаметрално е спротивно од Платформата врз основа на која Косово е составен дел на Србија.

Затоа косовските аналитичари ја отфрлаат можноста двете страни да се договорат околу внатрешното уредување на Косово.

„Таа српска платформа, е непостоечка работа за Косово, бидејќи од неа се гледа дека и оваа власт во Србија како да живее во времето на Милошевиќ. Си дава за право да одредува како ќе биде уредено Косово“, вели косовскиот аналитичар Азем Власи, додавајќи дека нема да има никаква нормализација на односите се додека Србија не го исфрли Косово од нејзиниот Устав.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG