Достапни линкови

Груевски и Ахмети се за соживот и почитување на законите


Средба Груевски-Ахмети во владата
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:31 0:00

Средба Груевски-Ахмети во владата

Во Владата на РМ денеска се состанаа Груевски и Ахмети. Во заедничкото соопштение, очигледна е нивната намера за смирување на меѓуетничките страсти и заложбата за почитување на законите.

Секоја заедница треба да го почитува идентитетот на останатите кои живеат во Македонија. Заедниците имаат право да го изразуваат својот идентитет без да ги вознемират или пак повредат чувствата на припадниците на другите етнички заедници или пак државниот интерес, согласно Уставот и законите. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија се неприкосновени и се гарантирани од државата, се согласија на денешната средба владините коалициски партнери Никола Груевски и Али Ахмети.

Тие, осврнувајќи се на настаните поврзани со прославата на албанското знаме, на кои во повеќе наврати во јавноста се гледаше како на провокација, истакнаа дека мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот се од значење за развојот на општеството, поради што, како што посочија, заедниците треба да се почитуваат, уважуваат и да соработуваат.

„Двајцата се обврзаа да ги искористат своите авторитети и можности да влијаат во надминување на овие предизвици, во духот на почитување, толеранција и меѓусебно разбирање. Република Македонија е правна држава и Законите и Уставот мора да се почитуваат доследно и од сите. Груевски и Ахмети апелираат за воздржување од провокации, при искористување на меѓуетничките и меѓурелигиските односи во функција на дневно политички цели, од страна на било кој субјект или поединец. Иднината на нашата земја е во голема обединета Европа и пораките кои одат во друга насока од оваа, не ја отсликуваат позицијата на двете партии и правецот на развој на нашата земја“, се вели во заедничкото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Груевски и Ахмети се свесни дека најголемата одговорност во делот на меѓуетничките односи лежи во рацете на политичките елити, а особено на политичарите кои ја имаат добиено поголемата доверба од граѓаните, поради што се обврзале дека ќе сторат максимум за спречување на какви било обиди од злоупотреба и погрешно интерпретирање на постапки, кои се од сферата на меѓуетничките односи.

„Идентитетските прашања не треба да се доведуваат во корелација со ништо друго освен со идентитетот, кој е избор на самите заедници. Поединци или субјекти, не треба да создаваат тензија или пак разгоруваат недоверба преку работите кои се од емоционално значење за некоја заедница, како ословување на јазикот, нацијата, името, употребата на симболите и се бара разбирање за значајните идентитетски работи за секоја заедница, како и безусловно почитување на законите“, се вели во соопштението.

Соговорниците на средбата истакнале дека реализацијата на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО е стратешка определба кон чие исполнување се пристапува со максимална посветеност, одговорен пристап и иницијативност, во духот на европските вредности.

„Во пресрет на Самитот на Европскиот совет на кој се очекува дискусија за перспективата на нашата земја, двајцата лидери ја потврдија посветеноста за реформи и прогрес, согласно приоритетите превземени од Високиот дијалог, а кои досега успешно се реализираа, истовремено и истакнувајќи ја идејата за интегрирање на Република Македонија во Европската унија, како силен општествен, кохезивен фактор. Владините партнери се посветени на спроведување на реформите и проектите содржани во програмата на Владата, кои се од интерес за граѓаните на Република Македонија и се од интерес за европската и евроатлантската интеграција на земјата, владеењето на правото и основните човекови права и слободи“, се вели во заедничкото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

На средбата било истакнато оти градењето добрососедски односи е од интерес на земјата и оти треба да продолжи со несмален интензитет, врз основа на принципите на меѓусебно уважување и почитување со сите наши соседи.

„Владините партнери остануваат посветени и даваат бескомпромисна поддршка на борбата против организираниот криминал и корупцијата, на борбата против тероризмот и учеството во меѓународни мисии и се против прекршувањето на законите. Секое противправно однесување, однесување кое нема законски основ, или однесување кое е во спротивност со законите и со домашното и меѓународното право, ја нема поддршката од владините партнери и треба да биде третирано во соодветна процедура и санкционирано“, се посочува во соопштението.

Граѓаните на Македонија, се додава во него, се соочуваат со доста проблеми од најразлична социо-економска природа и оваа коалиција, свесна за овие предизвици, чии што интензитет е дополнително засилен заради големата европска должничка криза, ќе стори се да продолжи фокусирано да се справува со нив, испорачувајќи ги најдобрите можни решенија, мерки и реформи
XS
SM
MD
LG