Достапни линкови

Величествениот го насекира Ердоган


Отомански дворски интигри, бајки за харемски раскоши и освојувачки походи прават неодолив коктел, како што впрочем веќе открија продуцентите на турската телевизиска серија „Величествениот“, пишува весникот „Вол стрит џурнал“, додавајќи дека и покрај доминантните рејтинзи дома и во светот, серијата не е по вкусот на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Серијата го прикажува 46-годишното владеење на Сулејман Величествениот кое заврши во 1566 година и кое се смета за врв на Отоманската империја.
Тоа не е оној султан Сулејман што го знаеме, тој не е Законодавецот што го знаеме. Триесет години тој мина на коњско седло, а не во палатата што ја гледате на телевизија.
Реџеп Таип Ердоган, премеир на Турција.

Секоја вечер најуспешната турска телевизиска серија во изминативе неколку децении привлекува една третина од турските гледачи во најатрактивниот телевизиски термин, но и 150 милиони луѓе во 22 земји од Чешката Република до Јапонија.

Меѓутоа, декадентното претставување на животот на Сулејман, при што се алудира дека султанот, кој е познат и како Законодавецот, бил оддаден на алкохолизам и промискуитет, поттикна остри критики од конзервативците.
Премиерот не сака втор султан на екраните. Тој е љубоморен на рејтингот. Верувам дека нашиот премиер е единствен во светот кој се бори со една телевизиска серија.
Мухарем Инче, заменик претседател на најголемата опозициска Републиканска народна партија.

Деновиве тоа го направи и премиерот Ердоган. До ова дојде во неговиот одговор на критиките од опозицијата дека интенцијата на владејачката партија на Правдата и развојот надворешната политика да ја сврти кон Истокот ја направи земјата многу понебезбедна.

Ердоган изјави дека под негово водство Турците ќе одат секаде каде што нивните предци јавале на коњ за време на Отоманската империја. Притоа тој се осврна и врз претставувањето на Сулејман.

„Тоа не е оној султан Сулејман што го знаеме, тој не е Законодавецот што го знаеме. Триесет години тој мина на коњско седло, а не во палатата што ја гледате на телевизија“, изјави Ердоган, кој јавно ги осуди режисерите и сопствениците на телевизијата.

„Ги предупредивме авторите и чекаме судска одлука“, додаде тој.

Ваквото негово мешање во социјалните работи не е за прв пат. Тој претходно изјави дека абортусот е убиство, но сепак, владата досега не презеде некои мерки против ова право на турските жени. Неговата изјава за „Величествениот“ ја подели јавноста во земјата. Критичарите шпекулираат дека ударот на Ердоган е само обид да го сврти вниманието од постојните проблеми.

„Не разбирам зошто сега се појави тоа кога има толку многу други проблеми во оваа земја“, вели Небахат Чехре која ја играше улога на мајката на Сулејман во првата сезона, додавајќи:

„Сценариото е базирано врз историски настани, но со извесна фикција.“

Опозицијата оцени дека е симптоматично и самото тоа што владата ги интензивира обидите да се меша во секојденвиот живот на граѓаните.

„Премиерот не сака втор султан на екраните. Тој е љубоморен на рејтингот. Верувам дека нашиот премиер е единствен во светот кој се бори со една телевизиска серија“, наведува Мухарем Инче, заменик претседател на најголемата опозициска Републиканска народна партија, за весникот „Вол стрит џурнал“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG