Достапни линкови

Напори за прекин на огнот во Газа


Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун во Каиро
Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун во Каиро

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун е во Египет, земја која ги предводи напорите за запирање на насилствата во Газа во кои од минатата среда досега загинаа најмалку стотина Палестинци и тројца Израелци. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за конфликтот.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун во Каиро повика на итен прекин на непријателствата.

„Семејства и деца умираат како резултат на бесчувствително насилство. Уште еднаш, Палестинците и Израелците живеат во страв од воздушни напади. Ова мора да престане. Потребни се итни чекори од сите страни за да се избегне натамошна ескалација.“

Во регионот се очекува и американскиот државен секретар Хилари Клинтон, а претседателот Барак Обама телефонски веќе разговарал со египетскиот претседател Мухамад Морси и притоа, како што е соопштено, ја потенцирал потребата Хамас да го запре гранатирањето на територијата на Израел.

Портпаролот на Стејт департемнтот Викторија Нуланд изјави дека Вашингтон работи со регионалните лидери за деескализација на насилството.
Семејства и деца умираат како резултат на бесчувствително насилство. Уште еднаш, Палестинците и Израелците живеат во страв од воздушни напади. Ова мора да престане. Потребни се итни чекори од сите страни за да се избегне натамошна ескалација.

„Нема да ја коментирам специфичната ситуација на теренот. Само ќе го повторам она што го кажавме и претходно дека сме загрижени за цивилните жртви на двете страни и сакаме ситуацијата да се смири. Работиме со сите страни, како и со регионалните лидери.“

Во Брисел, шефовите на дипломатиите на Европската унија повикаа на прекин на огнот, односно запирање на ракетните напади од Газа, а Израел да дејствува сразмерно и да води грижа за заштита на цивилите за време на контранападите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху телефонски разговарал со Барак Обама по што одржал и состанок на најтесниот круг на неговиот кабинет.

Израел претходно ги обелодени условите за примирје, меѓу нив и целосен прекин на огнот од Газа и меѓународна асистенција за да се обезбеди дека Хамас нема повторно да се вооружува.

Лидерот на Хамас во егзил Калед Мешал, пак, изјави дека примирјето зависи од Израел.

„Нашите резговори со египетските лидери се во тек. Се среќаваме секој ден. Нема да прифатиме ниту едно барање на Израелците. Тие ја нападнаа Газа. Примирјето ќе настапи кога ќе бидат исполнети нашите барања.“

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчера, поради бомбардирањето на Газа, го нарече Израел терористичка држава.

„Можат ли оние што масакрираат деца да имаат место на овој свет? Можеме ли да кажеме дека тие ја почитуваат хуманоста? Токму затоа велам дека Израел е терористичка држава.“

Во Обединетите нации, пак, Русија изрази разочараност поради тоа што Советот за безбедност не успеа навремено да реагираа на кризата.

Како и да е, мароканскиот амабасадор во Светската организација Мухамед Лулички изјави дека бил постигнат извесен напредок околу текстот за ситуцаијата во Газа.

„Сега имаме нов текст на кој работиме со сите делегации. Некои формулации се додадени и се обидуваме наскоро да го имаме нивното одобрување.“

Во меѓувреме, Израел ги продолжи нападите врз Газа, при што, како што е соопштено во Ерусалим, биле погодени стотина цели, пред се тунели и командни центри на лидерите на Хамас.

Израелската полиција соопшти дека во текот на изминатата ноќ милитантите од Газа истрерале неколку десетици гранати на израелска територија, но притоа немало жртви.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG