Достапни линкови

Црковни одговори за црковните прашања


Средба на претседателите на Македонија и Србија Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ во Скопје.
Средба на претседателите на Македонија и Србија Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ во Скопје.

Ние сме тука да помогнеме да се воспостави дијалог меѓу црквите. Ние не сме тие што носат решенија за такви прашања, рече претседателот Иванов по средбата со неговиот српски колега Томислав Николиќ во Скопје. ​​

Црковните прашања бараат црковни одговори, а ние како лидери помагаме тој дијалог да се одвива полесно и поинтензивно, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата со неговиот српски колега Томислав Николиќ.
Ние сме тука да помогнеме да се воспостави дијалог, да почне комуникација меѓу свештените лица, меѓу црквите. Ние не сме тие што носат решенија за такви прашања.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.

„Ние сме тука да помогнеме да се воспостави дијалог, да почне комуникација меѓу свештените лица, меѓу црквите. Ние не сме тие што носат решенија за такви прашања. Сепак ја почитуваме сета онаа наша надлежност што ни е дадена со Уставите на нашите држави и да знаеме до каде може ние како државници да одиме“, рече Иванов.

Двајцата претседатели истакнаа дека средбата поминала во духот на добрососедските односи и прашањата за кои двете земји имаат заеднички интереси. Српскиот претседател Николиќ изјави дека меѓу двете земји има отворени прашања, но дека тие не се нерешливи. Посетата на Македонија како прва земја од неговата турнеја ја оцени како гест кој треба да покаже дека на Србија и се драги пријатели и земјите кои ја признале независноста на Косово.
Србија со овој гест покажува дека драги пријатели се и оние држави што го признаа Косово, но и оние што тоа не го направија. Ние не го оспоруваме правото на државното раководство на една држава да ја води политиката така за народот да живее подобро.
Томислав Николиќ, претседател на Србија.

„Србија сака да соработува со сите земји во светот, а особено со земјите од Балканот. Србија со овој гест покажува дека драги пријатели се и оние држави што го признаа Косово, но и оние што тоа не го направија. Ние не го оспоруваме правото на државното раководство на една држава да ја води политиката така за народот да живее подобро“, рече Николиќ.

Двајцата претседатели разговарале за евроинтеграциите, за препреките кои овие две земји ги имаат на тој пат. Притоа се согласиле дека само преку дијалог и заедничка соработка може меѓусебно да си помогнат кон остварување на таа цел.

„Имаме препреки, и Македонија и Србија. Поаѓаме од тоа дека сите проблеми што постојат може да се решат само со дијалог. Мора да се разговара, а кога се разговара се доаѓа и до решенија и затоа од интерес на Македонија е да има интензивни разговори со нашиот јужен сосед кој претставува препрека за нашиот пат. Се надевам дека ќе се најде решение ако има желба да се дојде до решение“, изјави Иванов.

Иако порано од позиција на опозиционер, Николиќ имаше изјавено дека Србија ќе го промени ставот кон уставното име на Македонија, сега вети дека тоа нема да се случи. Рече дека изјавата била емотивна и дадена непосредно откако Македонија ја призна независноста на Косово.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG