Достапни линкови

Црна Гора - Изборна победа на власта


Лидерот на црногорската владејачка партија Мило Ѓукановиќ прогласи победа на парламентарните избори. Демократската партија на социјалистите, иако без доволно гласови сама да формира влада, се очекува да остане на власт што ја освои пред 23 години. На Ѓукановиќ, пак, кој повеќето од тие години ги мина како премиер и шеф на државата, му се отвора можност да се врати на премиерското место.

Новата влада на Црна Гора, земја која годинава ги почна пристапните преговори со Европската унија, ќе се соочи со стагнирачка економија и со растечка невработеност, а ќе треба добро да се заангажира и во борбата против корупцијата, еден од главните услови на Брисел.

„Драги пријатели. Како што ветивме, ние победивме. Црна Гора оди напред. Ги имаме сите услови за тоа и од утре ќе работиме на формирање влада која ќе ја води земјата на патот до НАТО и Европската унија и ќе работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните“, им порача Мило Ѓукановиќ на стотиците приврзаници во седиштето на партијата по соопштувањето на изборните резултати.

Сепак тој не рече ништо во врска со тоа дали планира да биде и иден премиер.

Според неофицијалните резултати, коалицијата на неговата партија со социјалдемократите и либералите освои скоро 46 насто од гласовите, осносно 39 од 81 место во парламентот.
Црногорската владејачка коалиција е можеби единствената во Европа која во услови на криза успеа да ја зачува довербата.


За да формира влада, коалицијата „За европска Црна Гора“ ќе мора да побара поддршка од пратениците на етничките малцинства. Најверојатно тоа ќе биде Бошњачката партија која доби три мандати во парламентот.

Опозицискиот Демократски фронт освои само 23 насто од гласовите, а лидерот Миодраг Лекиќ изјави дека фактот што партијата на Ѓукановиќ не освоила апсолутно мнозинство го означил почетокот на крајот на нејзиното владеење.

Како и да е, резултатите покажаа дека Демократската партија на социјалистите и Ѓукановиќ остануваат популарни и покрај економските проблеми и постојаните обвинувања за корупција.

Експертите тоа го објаснуваат со успешниот процес на одвојување на земјата од Србија пред шест години.

„Црногорската владејачка коалиција е можеби единствената во Европа која во услови на криза успеа да ја зачува довербата“, изјави Ѓукановиќ по изборите кои се одржаа шест месеци пред редовниот термин.
Лидерот на опозицискиот Демократски фронт Миодраг Лекиќ
Лидерот на опозицискиот Демократски фронт Миодраг Лекиќ

Демократската партија на социјалистите стави јасно до знаење дека нејзина стратегиска цел е влез во НАТО и Европската унија и, според некои очекувања, по Хрватска, единствената балканска земја која во оваа декада ќе и се приклучи на Унијата ќе биде Црна Гора.

Ѓукановиќ, како премиер или како претседател остана доминантна политичка фигура во земјата која има скоро 700 илјади жители. Тој пред две години поднесе оставка, а палката му ја предаде на неговиот избраник Игор Лукшиќ, но сепак остана на врвот на партијата.

Италијанското обвинителство своевремено го обвини за вклученост во шверц на цигари за време на меѓународната изолација на Југославија во 90 години од минатиот век, но тој успеа да ги отфрли.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG