Достапни линкови

Црна Гора - Пробивање кон Европа


Ловќен
Ловќен

Мала балканска земја чука на европската врата. Под ваков наслов весникот Економист објавува текст во врска со напорите на Црна Гора да влезе во Европската унија.

Лидерите на Европската унија на состанокот на 28 и 29 овој месец главно ќе разговараат за кризата во еврозоната. Можеби изненадувачки, но на агендата ќе биде и Црна Гора, но не затоа што оваа земја го користи еврото иако не е во еврозоната, наведува Економист, забележувајќи дека некои сметаат оти токму црногорскиот случај би можело да биде применлив и за Грција.

Корупцијата главен проблем

Повеќето земји се за отворање на разговорите за членство со оваа балканска земја која има над 600 илјади жители и која стана независна само пред шест години. Бугарите велат дека држењето на Црна Гора во сегашната позиција би било нефер, но Шведска не е осамена во чекањето дополнителни докази за вистинска борба против организираниот криминал и корупцијата.

Судовите во таа земја малку помогнаа во тоа. На 5 јуни поранешниот градоначалник на Будва беше затворен за корупција, а заедно со него и Драган Маровиќ, брат на политичкиот непријател на Мило Ѓукановиќ кој доминира во црногорската политика повеќе од две децении. Кога поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, беше уапсен во декември 2010 година, импресионираните евролидери веднаш ја прифатија Хрватска да стане 28 членка на клубот.
Премиерот Игор Лукшиќ
Премиерот Игор Лукшиќ

Обвинувањата за корупција на високо ниво во дослух со официјални лица, банкари и хероински барони во Црна Гора се многу дебели. Тешко е да се одвојат фактите од политичкото клеветење.

Премиерот Игор Лукшиќ инсистира дека корупцијата мора да биде истражена докрај. Но, активистката во борбата против корупцијата Вања Чаловиќ сугерира дека Лукшиќ е премиер само за да ги извршува одлуките на Ѓукановиќ и оти борбата против организираниот криминал е шарада. Чаловиќ организираше протести со барање за оставка на Лукшиќ. Веднаш по нивниот старт во јануари, имаше наводи дека станува збор за Црногорска пролет. Сега бројот на оние што протетираат е намален, а Лукшиќ се уште е на власт. Доколку Црна Гора обезбеди отворање на разговорите за членство, а тоа ќе биде пред Македонија, Србија и Босна, тогаш владата би можело да побара предвремени избори.

Страв од промени?

Колумнистката Далиборка Уљаревиќ вели дека постоеше голем ентузијазам кога пред две години Лукшиќ стана премиер. Сега, многумина мислат дека тој не успеа да ги оправада очекувањата. Сепак, засега никој не изгледа поспособен да ја извршува таа работа. Економијата поткривува, бруто домашниот производ лани порасна за 2,2 насто, но тоа не се очекува и годинава. Просечната нето плата е околу 490 евра. Опозицијата не успеа да се обнови уште од разводот со Србија во 2006 година. Затоа можеби многумина надеж гледаат во Чаловиќ. Но, таа се соочува со големи тешкотии. Во изминативе шест години ниту една влада не била отфрлена на избори.

Активистот за граѓански права Игор Милошевиќ вели дека станува збор за психолошка бариера. Сите сакаат промени, но повеќето се плашат од нив исто така. Тешко е да се најде работа, а јавниот сектор е поврзан со партиското члентсво. Лукшиќ тврди дека црногорците веруваат оти неговата партија е единствениот разумен избор. „Опозицијата не може да се пробие“, наведува тој.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG