Достапни линкови

Кризата во Сирија се влошува


Медијаторот на Обединетите нации и Арапската лига Лахдар Брахими.
Медијаторот на Обединетите нации и Арапската лига Лахдар Брахими.

Медијаторот на Обединетите нации и на Арапската лига Лахдар Брахими оцени дека кризата во Сирија се влошува и се заканува да го дестабилизира целиот регион. Еден од најалармaнтните елементи на конфликтот, според оценките, е присуството на исламистички милитанти кои не се бореле за исти цели како и бунтовниците.

Посредникот на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија Лахдар Брахими по посетата на еден бегалски камп во Јордан изјави дека кризата во Сирија му се заканува на целиот регион.
Ситуацијата станува сè полоша и претставува огромна закана за регионот. Ваквите видови на конфликти не може да бидат ограничени само на една земја. Тие секогаш се прелеваат.
Лахдар Брахими, посредник на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија.

„Ситуацијата станува сè полоша и претставува огромна закана за регионот. Ваквите видови на конфликти не може да бидат ограничени само на една земја. Тие секогаш се прелеваат.“

Според Брахими, токму тоа се случува и со сиријскиот конфликт на што покажуваат стотиците илјади бегалци кои претставуваат проблем за соседните земји.

Тој уште еднаш ги повика двете страни во конфликтот да работат заедно во изнаоѓање решение на кризата.

„Ситуацијата е многу лоша и се влошува. Таа не се подобрува. Сиријците на двете страни од време на време велат дека ќе победат наскоро или за два месеца. Мислам дека тоа не е вистина. Мислам дека ниту една страна не победува сега, ниту пак ќе победи во иднина“, изјави Брахими, чиј конвој при заминувањето од бегалскиот камп во кој се сместени над 32 илјади Сиријци, беше нападнат со камења од страна на бегалците.
Сиријците на двете страни од време на време велат дека ќе победат наскоро или за два месеца. Мислам дека тоа не е вистина. Мислам дека ниту една страна не победува сега, ниту пак ќе победи во иднина.
Лахдар Брахими, посредник на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија.


Претходно, шефот на Комисијата на Обединетите нации за истрага на кршењето на човековите права во Сирија Пауло Сержо Пињеиро изјави дека еден од најалармантните елементи на сиријскиот конфликт е присуството на исламистички милитанти кои не се бореле за исти цели како и бунтовниците.

„Комисијата потврди зголемено и алармантно присуството на странски елементи, вклучувајќи и џихад милитанти во Сирија. Некои им се приклучуваат на антивладините сили, додека други создаваат свои групи и работат самостојно.“

Инаку, според податоците на Обединетите нации, од почетокот на конфликтот во Сирија во март минатата година досега во соседните земји избегале над 250 илјади луѓе.

Брахими деновиве имаше средба и со сиријскиот претседател Башар ал Асад, за прв пат откако тој го замени поранешниот претставник на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан.

Во меѓувреме, новинските агенции јавија дека бунтовничките и владините сили се судриле во близина на турската граница. Властите во Анкара соопштија дека притоа едно лице било рането од заскитан куршум. Бунтовниците држат два премина на северната граница со Турција.

Амнести интернејшнал ги обвини сиријските владини сили за немилосрдни напади врз цивилите.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG