Достапни линкови

Арифи - Мора да ја одвоиме државата од партијата


Интервју со Теута Арифи
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:14 0:00

Интервју со Теута Арифи

Проблем е да се одговори со „да“ или со „не“ на прашањето дали државата е доволно одвоена од партијата, но мислам дека имаме направено добар исчекор во овој правец, вели вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Гoспоѓо Арифи, на средбата со еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе му ги презентирате резултатите од спроведеното со пристапниот дијалог на високо ниво. Колку од наведените задачи во патоказот се исполнети?

Јас мислам и очекувам да имаме една добра и успешна средба и трета рунда од дијалогот на високо ниво. Мислам дека имаме позитивни резултати и добри информации во однос на три големи прашања кои се во взаемен интерес меѓу нас и ЕУ.

Едното е сетот на закони кои се однесува на изборите од кои ние добивме мислење од ОБСЕ и ОДИХР, каде што во голема мера се усогласивме. Вториот е законот за декриминализација на клеветата и навредата, во рамки на кој закон се усогласивме со Советот на Европа и експертското мислење од страна на Советот на Европа. И, третиот е извештајот кој се однесува на прашањата од реализација на Охридскиот рамковен договор.

Секако дека предмет на тој дијалог е целиот патоказ и низ целиот патоказ обврските до кои сме се придржувале, но мислам дека главното оценување ќе биде дадено по тие три точки каде што јас мислам дека имаме добра реализација. Затоа очекувам да имаме една успешна рунда што е многу битна и многу клучна имајќи го предвид фактот дека се одржува пред извештајот за прогрес и секако пред декември кога ќе се одржи состанокот на Советот на Европската унија.

Има ли пробиени рокови за некои задачи?

Не мислам дека има проблеми кои би биле од типот на големи пробивања на рокови, во принцип сме во рамки на тоа што го преземавме како обврска.

Превод на пресуди, развој на софтвер за судска статистика, измени во закони и обуки... Се добива впечаток дека станува збор за технички постапки кои во себе не носат суштински реформи. Зошто има потреба за технички работи да водат дијалог еврокомесар и примиер?

Јас сметам и токму затоа ги подвлеков овие три битни елементи кои носат дефинитивно успех, затоа тој документ е патоказ, фактички се дава до детали, процесот на реализација на тие обврски е детализиран, така што во рамките на патоказот има и обврски од тој тип кои не се такви сами по себе, туку се во функција на реализација на некои од големите политички договори кои ги имаме со Европската унија.

На пример, преведувањето на пресудите на Судот за човекови права се однесуваат на пресуди кои се донесени во врска со разни случаи за навреда и клевета кои се воделе, кои ќе им служат многу во праксата на нашите судови да бидат во кохеренција со членот 10 од Конвенцијата за човекови права.

Во делот за слобода на медиуми е наведено дека Работната група сочинета од СЕП и ЗНМ ќе дискутира за зајакнувањето на етиката и професионалните стандарди во новинарството. Нели е контрадикторно владини претставници да утврдуваат што е етика и професионални стандарди и нели со тоа се задира директно во независноста на новинарството?

Значи секако дека претензијата не е Владата да им укаже на новинарите во однос на нивните стандарди и во однос на етиката и нивниот кодекс на однесување. Мислам дека тоа е една од петте теми кои биле тема на разговорот со новинарите и тоа е една взаемна договорена тема, заедно со декриминализацијата, правата, работните права на новинарите како тема на разговор. Секако, доколку би се имало големи дилеми од другата страна по однос на ова прашање, секако дека тенденцијата, најмалку моја, но и на моите колеги, би било некого да подучуваме како да биде новинар, затоа што мислам дека тоа ниту е тенденција, а најмалку е благодарно.

До каде е реализацијата на задачата со која СРД треба да ја примени законската одредба за сопственичката структура во медиуми со оглед на тоа што постојано се одложува?

Значи според обврските кои СРД ги има преземено тоа треба да биде заклучно со 30 септември. Очекуваме до крај на месецот да бидеме информирани од таа институција во однос на реализацијата на законските обврски што ги имаат.

Тој член во законот е таму со години, но зошто беше потребно ЕУ да не советува да го спроведеме, па да се фатиме за работа?

Јас мислам дека во принцип многу работи кај земјите кандидати се дел од нивните закони, додека атмосферата за активирање на многу прашања кои се демократски важни за стандардите во тие земји доаѓа по некој процес кој е поврзан со Европската унија. Затоа ЕУ е еден голем катализатор кој преку својот процес помага во воспоставањето и подигнувањето на демократските стандарди на сите земји кои се кандидати или го водат предпристапниот дијалог. Затоа мислам дека тоа е една ситуација каде што многу е очекувано овој процес што го водиме со ЕУ да даде придонес кон отворање и интензивирање на теми кои се поврзани со нашите домашни демократски стандарди. Впрочем ние треба да бидеме коректни и да признаеме дека целиот овој процес на дијалог на високо ниво нас ни помогна да отвораме, да дискутирам и да напредуваме во теми кои секако можеби без овој процес со ЕУ само со наши сили или волја потешко ќе напредувавме.

Според патоказот, до 15 јуни требаше да биде изработена анализата за сегашната состојба на вработување на членови на заедниците. Колку административци во моментов седат дома и земаат плата?

Владата даде до ЕУ сеопфатен извештај за реализацијата на Охридскиот договор каде што влегува и прашањето на правичната застапеност и како тој процес понатаму низ реформата во администрацијата треба да се адресира. Јас нема да можам да дадам бројки за административци колку се ефикасни или не се ефикасни. Но сметам дека ориентација на секоја земја која се стреми кон Европската унија е да има ефикасна, добро спремна администрација и најмалку да има административци кој не се активирани во тој процес. Јас мислам дека и од тој аспект е поправена сликата на администрацијата, има уште многу да се работи, но текот низ кој се движиме со овој процес, кој оди заедно со дијалогот на високо ниво мислам дека влијаено на подобрување на тој процес. Еден од приоритетите е и реформа во изборното законодавство, односно, како што е наведено во патоказот - целосно одвојување на државата од партија.

Постигната ли е оваа цел со оглед на тоа што во блиска иднина не очекуваат избори?

Јас мислам дека ние исто така покажавме добра динамичност и во однос на ова прашање, имајќи го предвид фактот дека е големо прашање што се следи со голема заинтересираност до ЕУ. Значи изборниот законик се работеше во рамките на работната група во Министерство за правда, истиот беше испратен за ревизија во ОБСЕ и ОДИХР. Тука го имаме и законот за финансирање на политичките партии и сет други прашања кои се однесуваат на изборите. Мислам дека ние како земја треба да го одржиме позитивниот тренд на оценување од минатите избори па натака. Да ги зголемиме стандардите, тоа е наша цел и на ЕУ, исто така и мислам дека тука оценките ќе бидат позитивни. Во однос на принципот на одвојување на партијата и државата како дефиниција што стои во патоказот, тоа е еден политички оптимум што сите ние како претенденти на европски стандарди мора да го расчистиме како волја и како ориентација.

Може ли да заклучиме дека е одвоена државата од партијата?

За да заклучите со „да„ или „не“, тоа е проблем, но во принцип како напредување или како напредок во оваа фаза од тоа што сме го исцртале мислам дека имаме направено добар исчекор.

Една од забелешките на ОДИХР е финансирањето на партиите. Имаше случаи кога поединци давале илјада евра за кампања, а во изјави за медиумите тврдеа дека не се сеќаваат, со што се создаде сомнеж. Може ли да се надеваме дека оваа причина за сомневање ќе биде исклучена на следните избори?

Значи тоа е и дилема која е останата отворена како таква. Секако дека во рамки на консултации на политичките партии и од опозицијата и од власта, ќе се види како тоа да се надмине како забелешка од страна на ОДИХР и ОБСЕ и на претходните избори што повеќе пати беше кажана. За тоа прашање очигледно ќе ни треба пошироко договарање како тоа би го решиле, дали да го вратиме старото законско решение или засега ќе останеме на ова. Ова е прашање што треба да се реши.

Честопати аналитичарите тврдат дека во Македонија има добри закони само што проблемот е во нивното спроведување. Што ќе гарантира дека овој пат законите кои се однесуваат на изборите и општо кои ги има во патоказот дека ќе се спроведат?

Јас мислам дека законите се носат за да се спроведат. Има процеси кои фактички го следат неспроведувањето. Нас ни е укажано многу пати и во разните билатерални состаноци што ги имаме во Брисел, дека е многу битно освен да изработиме добри закони, да останеме ориентирани на нивна имплементација.

Дали е реално очекувањето на претседателот Иванов дека во декември Македонија ќе добие датум за преговори?

Јас мислам дека ние апсолутно имаме право да очекуваме да добиеме датум за преговори, особено доколку го финишираме со успех третиот дијалог на високо ниво и овој извештај за прогрес. Јас сметам дека после овој едногодишен процес ЕК ќе биде еден многу силен партнер и лобист за Македонија и затоа мислам дека ние таа работа на Европската Комисија треба да им ја олесниме со реализирање на обврските кои сме ги преземале. Мое чувство е дека ние политички добро одговараме на обврските и според тоа имаме право да очекуваме ЕК да се заложи за нас најсилно што може за да има процес кој дефинитивно ќе го деблокира отворањето на преговорите со ЕУ.

Како ќе влијае кризата врз евроинтеграцискиот процес доколку се распишат предвремени избори. Има ли на повидок некакво договорено решение за кризата?

Процесот со Европската унија е еден висок политички приоритет и ние остануваме ориентирани кон тој висок политички приоритет. Додека секако за другите прашања, како и секоја политичка партија спремни сме да водиме политичка битка и да водиме разговор, и да договориме и тие договори секако да бидат за доброто на граѓаните, но исто така да го помагаат тој процес што е многу значаен за сите нас, а тоа се евроатланските интеграции.

Во дел од медиумите се врти шпекулација дека може да се кандидирате за градоначалник на Тетово, има ли вистина во тие информации?

Целиот мој фокус и целиот мој ангажман во изминатава година беше ставен во прашањето и подобрувањето на процесите со Европската унија и Европската комисија особено. Мојот политички фокус и мојата базична најголема работа се однесува значи на тоа, на тоа работам, тоа е мој највисок приоритет, додека како и секој политичар сум спремна за секакви предизвици, под услов тие предизвици да бидат сериозни како што сум јас сериозна кон работата што ја вршам.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG