Достапни линкови

Надлежните смируваат - пожарите се под контрола


Архивска фотографија: Пожарникари во акција.
Архивска фотографија: Пожарникари во акција.

Надлежните велат дека во моментов има 13 активни пожари во Македонија, но оти ситуацијата се држи под контрола и дека нема причина за паника.

На територијата на земјава се активни 13 пожари. Упатените посочуваат дека причина за пожарите е човечкиот фактор. Од надлежните институции велат дека ситуацијата се држи под контрола и додаваат дека нема причина за паника. Тихомир Каранфилов од Центарот за управување со кризи вели дека состојбата во Македонија целосно се следи.
Кренат е степенот на внимание на висок степен, така што веднаш се активираат сите органи задолжени за справување со пожари. Нема причина за паника, се користат сите технички и човечки ресурси во справувањето со пожарите, се користат и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, значи пожарите засега се држат под контрола.
Тихомир Каранфилов, Центар за управување со кризи.

„Кренат е степенот на внимание на висок степен, така што веднаш се активираат сите органи задолжени за справување со пожари. Нема причина за паника, се користат сите технички и човечки ресурси во справувањето со пожарите, се користат и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, значи пожарите засега се држат под контрола.“
Илустрација: Пожар.
Илустрација: Пожар.

Конкретна проценка на штетите може да се направи откако ќе се изгаснат пожарите, вели Каранфилов.

„Сè уште се пожарите во процес. По завршувањето на пожарите се прави инспекција, се прави надзор колкава површина е зафатена. Ова не може да биде направено во првиот момент, тоа е приближна бројка, првиот поглед на настанот на теренот е од прилика, според одредени коти, позиции што ги имаат шумските стопанства итн., но вистинската бројка е по гаснењето на пожарот.“

Началникот на бригадата за заштита од пожари Благоја Менковски вели дека освен високите температури и сушното време, пожарите ги предизвикуваат и луѓето.

„Единствен фактор во причинување и настанување на пожар е човекот. Многу пати е од невнимание, се случува некој пат и она што не би требало јас да го кажувам, тука се истражните органи при МВР да ги откријат тие причинители. Во секој случај, Бригадата за заштита од пожари на град Скопје активно работи во совладување на огнената стихија.“

Во околината на Скопје нема поголеми пожари, вели Менковски.

„Во овој сегмент моментално бригадата нема некој таков поголем пожар. Што било да се случи ние сме подготвени оперативно веднаш да делуваме.“

Инаку, на територијата на Македонија од вчера избија пожари во атарот на селото Рудник, во атарот на селото Војница и во околината на селото Дрен. Нови пожари има и помеѓу браната Водоча и село Попчево и во близина на Негорци.
XS
SM
MD
LG