Достапни линкови

Пировска - Се занемаруваат принципите на правна држава


Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет на Македонија.
Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Како да се занемарува фактот дека постојат одредени принципи коишто се иманентни на една правна држава и коишто е неопходно потребно да се почитуваат. Менаџирањето на системот на правната држава како да излегува од рамките на она што е предвидено со закон, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Зборуваме по објавувањето на извештаите на Стејт департментот и на Амнести интрнеjшнaл. Пировска, кои човекови права особено се кршат во последните неколку години и дали тоа е резултат на однесувањето на власта на одделни нивоа или станува збор за системски загрозени права?

Со оглед дека во сите извештаи на Меѓународните организации секогаш во фокусот се постапувањето на полицијата, состојбите во затворите и секако судството, јас би рекла дека освен што недостасува политичка волја да се сменат работите, воедно зборуваме за системски проблеми коишто продираат до најнискотo ниво во кои било од овие системи што ги споменавме. За тоа говори и фактот што со години наназад едни исти препораки се даваат во извештаите на меѓународните организации, меѓутоа Република Македонија многу малку од тоа што е дадено како препорака го има имплементирано. Од тие причини, последниот извештај на Стејт департментот, иако ги зафаќаше истите области што ги зафаќа и секоја година, сепак имаше сосема поинаква дикција.

Што е сменето во оценките од минатата година? Велите дека повторно се исти забелешките - судство, медиуми, полиција.

Не еден многу покатегоричен начин беа опишувани состојбите и за првпат во извештајот на Стејт департментот беа посочени лица, кога стануваше нели збор за избор на судии, кои на некој начин се во роднински врски со политичарите, односно со јавните личности од политичката владејачка структура. Со тоа, мислам дека се стави до знаење дека на некој начин понатаму нема да се толерираат веќе ваквите состојби, бидејќи истите се провлекуваат, како што реков, со години наназад.

Индиректно кажувате дека практично се согласувате со оценката во извештајот дека владата не успела целосно да го одржи владеењето на правото, па што треба да очекуваме во наредниот период со едни такви сериозни посочувања?

Јас не би можела да дадам оценка што би требало да очекуваме, бидејќи оценките на Хелсиншкиот комитет, на Народниот правобранител и на сите други организации и институции во земјава, главно се движат во иста насока, дека на некој начин како да се занемарува фактот дека постојат одредени принципи коишто се иманентни на една правна држава и коишто е неопходно потребно да се почитуваат. Не зборуваме тука само за права на осудени лица, права на граѓаните во полициска постапка или права на граѓаните во судските постапки, зборуваме едноставно за менаџирање на системот на правната држава кој некако како да ни се провлекува и излегува од рамките на она што е предвидено со закон.

Каква е вашата перцепција, во каков амбиент делува судството? Во неколку наврати вашата организација исто така критикуваше дека се злоупотребува мерката притвор. Како вие сте задоволни од соработката со правосудството?

Јас би можела да кажам дека сме задоволни од фактот дека ние сосема слободно и во соработка со судовите вршиме мониторинг на судските постапки за кои граѓаните искажале потреба, односно се обратиле до Хелсиншкиот комитет. Значи не сме одбиени или не ни е попречено да вршиме мониторинг на судските постапки, секако се разбира за оние постапки за кои судот ќе реши да ја исклучи јавноста. Меѓутоа главно забелешките на граѓаните и поплаките на граѓаните сè уште се однесуваат на непочитување на принципот судење во разумен рок, од друга страна Хелсиншкиот комитет и понатаму категорично тврди дека на судиите им е најлесно да утврдат мерка притвор иако во принцип таа би требало да се одредува само во краен случај кога другите мерки за гаранција не би ја исполниле целта. Значи не се применуваат алтернативните мерки и мислам дека за тоа е сведок целата јавност.

Обврска на невладиниот сектор е борба за рамноправно општество. Колку сте задоволни од нивниот ангажман на тој план?

Основна функција на невладиниот сектор е да го одржи оној баланс меѓу државната управа, дравата во целина и граѓаните. Секако знаете дека сега во моментов во Република Македонија многу е скусен просторот во кој невладиниот сектор може да делува, да не зборуваме дека медиумски пред сè невладините организации имаат многу малку шанси да се промовираат. Останаа неколку невладини организации коишто имаат поголем кредибилитет и до којшто граѓаните сè уште се обраќаат за правна помош. Генерално сметам дека целата атмосфера во државата го стеснува просторот во кој невладините организации можат да го направат тоа што се очекува од нив.

На што особено се должи тоа?

Се должи пред сè, како што реков, на фактот дека медиумскиот простор генерално е загаден од политички влијанија, ни остануваат неколку медиуми кои сè уште се спремни и сакаат да го пренесат она што ние, невладинот сектор сакаме да го кажеме. Од друга страна, постојат и такви индиции дека одредени невладини организации се приклонуваат кон одредени политички опции што секако не доведува до тоа граѓаните да имаат доверба во невладинот сектор. Пак ќе речам, останавме малкумина којшто сè уште независно и непристрасно делуваме во насока на тоа да обезбедиме одреден баланс во општеството.

Што вие како Комитет планиравте да направите, а можеби не ви успеа?

Основна фнкција на Хелсиншкиот комитет е да ги следи состојбите со човековите права во земјата и да им пружа правна заштита на граѓаните. Хелсиншкиот комитет, освен што ги мониторира судските постапки, по правило би требало да ги посетува и сите оние установи коишто се од затворен вид во кои луѓето се лишуваат од слобода. Меѓутоа во последните две години Хелсиншкиот комитет е оневозможен да влегува во затворските установи. И покрај тоа што јас, откако дојдов на местото Извршен директор, направив обид и побарав да се воспостави таа соработка со Управата за извршување санкции, некако нема позитивен одговор од таа институција, сè уште сме оневозможени да влегуваме и во затворот Шутка и во затворот Идризово, единствено што успеавме да направиме како Комитет е да ги посетиме сите психијатриски установи во земјава во текот на 2011 година. Меѓутоа мислам дека Хелсиншкиот комитет во моментов фигурира како една невладина организација во којашто граѓаните можат во секое време да побараат и да добијат правна заштита, па и кога станува збор за постапка пред Европскиот суд за човекови права.

Кога ги гледате граѓаните на оваа земја, сметате ли дека има јавност што е одговорна и упорна да го изрази незадоволсттвото од одредени состојби? Има ли јавност која е критички расположена или преовладува страв кај јавноста?

Би рекла дека зачетоците на некое потранспарентно искажување на незадоволството го почнаа младите луѓе со убиството на Мартин Нешкоски, коешто сметам дека е многу важно во едно општество, а недостасуваше долго време во Република Македонија. Меѓутоа генерално нашата оценка е дека постои страв, страв кој пред сè се должи од егзистенцијални причини. Во голем дел државните службеници, сите оние кои работат во јавната администрација, едноставно се лимитирани да го искажат она што го мислат плашејќи се од тоа дека утре ќе останат без работа.

Власта вели дека Хелсиншкиот комитет е непосточека организација. Како го коментирате тоа?

Знаете како, најлесно е да ја минимизирате важноста на оној којшто ве кртикува, со тоа го деградирате и го ставате на едно ниво со коешто сметате дека ќе ја покриете неговата важност. Јас апсолутно не се согласувам со таквата оценка бидејќи сметам дека Хелсиншкиот комитет е една од малкуте невладини организации во земјата којашто критички, непристрасно и објективно ги прикажува состојбите. Па веројатно и тоа е причината зошто власта на таков начин се однесува кон Хелсиншкиот комитет. Знаете дека на последната комисија во Собранието за надзор на следење на комуникациите, Хелсиншкиот комитет од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ беше спречен да присуствува на таа седница, односно овие две политчки опции го истакаа своето мислење дека Хелсинкиот комитет не би требало да биде присутен на тие седници.

Што од остарувањата на Хелсиншкиот комитет во изминативе години од постоењето би издвоиле?

Би истакнала дека Хелсиншкиот комитет успеа да продре во судскиот систем со тоа што воспостави пракса на мониторинг на судските случаи. Граѓаните веќе знаат дека може да се обратат до Хелсиншкиот комитет и дека присуството на Хелсиншкиот комитет им дава одредена сигурност дека судот ќе постапува понепристрасно, односно во поголем дел ќе ги почитува нивните права во судската постапка. Исто така би сакала да потенцирам дека Хелсиншкиот комитет во 2011 година подготви апликација за приведените лица од случајот „Змиско око“ пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таа апликација беше прифатена и Европскиот суд за човекови права тука утврди повреда на членот 5 од Европската конвенција. Сметам дека тоа зборува за тоа дека Хелсиншкиот комитет ги има капацитетите да им помогне на граѓаните кога станува збор за постапките пред Европскиот суд за човекови права.

Што мислите за меѓуетничките односи, има ли случај кога Комитетот регирал со цел заштита на одредена заедница?

Хелсиншкиот комитет генерално реагира кога смета дека се нарушени етничките односи, а претежно се нарушени нели поради политичките влијанија и поради несоодветното прикажување на состојбите од страна на одредени медиуми, коишто не само што не ја потикнуваат кохабитацијата во општеството, туку напротив ги подгреваат националните страсти и ги подгреваат етничките тензии. Не сметам дека етничките однси се доведени до степен на апсолутна нетолеранција, повеќе сметам дека тоа е тенденција на одредени чинители во општеството така да се прикажат тие состојби. Инаку сметам дека во секојдневниот живот припадниците на различните етнички заедници сосема нормално го остваруваат тој соживот во земјата.

Оваа година се донесе стратегија за борба против дискриминацијата. Што таа смени во оценката на тој план од минатата година?

Хелсиншкиот комитет го поздрави донесувањето на стратегијата за борба против дискриминација особено што процесот на донесување на стратегијата беше навистина транспарентен, вклучуваше учество на повеќе институции и организации, беше поддржана од страна на ОБСЕ и секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика. Меѓутоа тука повеќе е применет редукивниот пристап во борбата со дискриминација, бидејќи се опфатени само дискриминацијата по однос на пол, возраст, етничка припадност и инвалидитет. Но токму тие четири основи, мислам дека е познато, дека се најприфатени од мнозинството граѓани во земјата. Што останува за сите оние други маргинализирани групи на граѓани?! На пример граѓаните кои се дискриминирани по основ на сексуалната ориентација. Сметам дека стратегијата ќе постигне одредени резултати меѓутоа не сметам дека претставува добро конципирана афирмативна мерка на државата.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG