Достапни линкови

Градот Замка


Македонка Макаровска, студент на Архитектонскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Македонка Макаровска, студент на Архитектонскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Едноличноста и копијата се всушност изум на човекот. И вршат работа, ама се и екстремно тажни. И во меѓувреме создаваат потреба од екстремна различност. Пример да ја смениш сопствената агрегатна состојба. Без потреба. Од чиста досада. Замка, замка, градот е замка, пишува студентката Македонка Макаровска во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Многу ретко се оди на екскурзија во Мариово. Еден предел отсечен во меморијата на учениците и се чини никој не знае каде е, какво е и како се оди до таму. И не само географски, ами и временски е оддалечено како спомен.
За да се доживее суштината на зборот миграција и неговото онтолошко животинско значење, мора да се почувствува преку ваква акција. Акција на истражување на група луѓе кои по одење долг пат од едно место на друго постигнуваат цел за која се дојдени. Да истражат нови растителни и животински видови кои не ги познаваат. Да најдат друг живот. За на крај да сфатат дека е сличен на претходниот и повторно да се воодушевени, од сличноста, но сепак различноста.

Над Прилеп, над Битола и над Кавадарци, по ридиштата угоре, преку реки и гори, на местото на некогашното езеро се наоѓаат свиткани живописните села и ледини на Мариово(Крпен Живот). И навистина се гледаат траги од езерото.

Треба да се оди на екскурзија во Мариово кога шетате низ Македонија. Самиот збор Мариово свири една македонска мелодија. Како кавал благо и наредено. Старото некогашно езеро се чини како пред некоја година да се исушило и открило ледини, влажни ливади, седименти и хранливи станишта и пасишта. Погодно место за истражување на старата македонска селска архитектура и плодно за истражување на флората и фауната на еден карактеристичен предел. А да, и за пишување песни – Свирци из Кавадарци - ако не сте го преслушале новиот албум сега е периодот за тоа.

Во оваа колумна сакам да напишам нешто што не е толку поврзано со архитектурата како тесен поим на станување во стан, туку општо за домот кој се проширува и во даден момент го опфаќа цело Мариово. Верувам дека така се чувстува секој кој живее на село. Дека има широк дом колку цела ледина, колку цела висорамнина.

И конечно запознав луѓе кои се стремат кон проширување на својата енергија низ цела ливада и планина. ИДСБ(Истражувачко друштво на студенти биолози) кога ќе ставам во текстов звучи како канцеларија на техничари, а всушност тоа се студенти возбудени од различноста на формите на живот. Друштво во тесна врска со природата. И прават друштво на природата, ако може и така да се каже.

За време на еден викенд изведоа „мала акција“ обиколувајќи ги Бешишка Скрка, село Витолиште и Витолишка Скрка. Тоа е всушнст терен припрема за „големата акција“ која ќе биде повторно во Мариово со повеќе остварувања и вистинско преслушување на теренот. Малата акција се изведе во две дневни миграции. И двете миграции вклучија качување на планина, минување низ ледини, симнување низ борова непроодна шума каде нама пат и премин низ река, пеш. Миграции е збор кој се употребува и кога луѓето мигрираат од град во село или други урбани нивоа. Но за да се доживее суштината на зборот миграција и неговото онтолошко животинско значење, мора да се почувствува преку ваква акција. Акција на истражување на група луѓе кои по одење долг пат од едно место на друго постигнуваат цел за која се дојдени. Да истражат нови растителни и животински видови кои не ги познаваат. Да најдат друг живот. За на крај да сфатат дека е сличен на претходниот и повторно да се воодушевени, од сличноста, но сепак различноста.

Јас по набљудување на нивното детерминирање на видови од флора и фауна, сум воодушевена како е сè слично, а различно и нема копии. И на крај и ти и сите се слични со секој и со сè што гледаш околу себе. И чувството на дом се шири од една точка во тебе до бескрајно многу.

Едноличноста и копијата се всушност изум на човекот. И вршат работа, ама се и екстремно тажни. И во меѓувреме создаваат потреба од екстремна различност. Пример да ја смениш сопствената агрегатна состојба. Без потреба. Од чиста досада. Замка, замка, градот е замка.

Мариово и биолозите ви ги препорачувам топло за да го проширите мирот и точката во себе. Навистина е Мариово еден предел отсечен и подигнат од другите пејзажи во Македонија, а истото важи и за биолозите. Заминете на реално место на одмор оти градот ќе ве стесни како со бленда.
XS
SM
MD
LG