Достапни линкови

Куќата на Бектешовци ќе си го врати некогашниот сјај


Куќата на Бектешовци во Прилеп.
Куќата на Бектешовци во Прилеп.

Државата одвоила 3 милиона денари за конзервација и реставрација на куќата на Бектешовци во Прилеп, која говори дека градот на тутунот имал и стара урбана култура.

Во центарот на Прилеп, крај градската река се наоѓа куќата на Бектешовци, гордост на семејството, но и споменик на културата заштитен со закон, кој што говори дека градот на тутунот имал и стара урбана култура.
Куќата на Бектешовци во Прилеп некогаш.
Куќата на Бектешовци во Прилеп некогаш.
Во оваа куќа сум откако сум роден, 85 години. Ја изгради Ило Дарков со неговата тајфа од Битола. Ние сме живееле под кирија, кај Јово Ношпал, ама овој предузимачот со татко ми голем пријател и му рекол, „абе Петре, не ти е срам со толку пари дојден од Америка да седиш под кирија?“, и тогаш татко ми се усрамил, му дал 2.000 наполеони и „прави, што ќе правиш“, и по негова иницијатива е куќава изградена.
Трајко Бектешоски.

Изградена во далечната 1923 година со прекрасна фасада, со соби со долапи, со украсени тавани и ѕидови, со столбови со украсна градба и ограда од ковано железо, досега никогаш не е реставрирана. Бектешоски немале пари тоа да го сторат, а досега не добиле средства од државата за таа намена, иако велат со неколку наврати побарале.

„Во оваа куќа сум откако сум роден, 85 години. Ја изгради Ило Дарков со неговата тајфа од Битола. Ние сме живееле под кирија, кај Јово Ношпал, ама овој предузимачот со татко ми голем пријател и му рекол, „абе Петре, не ти е срам со толку пари дојден од Америка да седиш под кирија?“, и тогаш татко ми се усрамил, му дал 2.000 наполеони и „прави, што ќе правиш“, и по негова иницијатива е куќава изградена“, се сеќава Трајко Бектешоски, синот на Петре првиот наследник на оваа велелепна градба.
Семејството Бектешовци во Прилеп.
Семејството Бектешовци во Прилеп.

Освен таткото, денес на горниот спрат живее синот Љупчо со семејството. А, многу често доаѓаат во посета ќерките Донка која живее во Прилеп, и Лидија во Скопје.
Целата дограма ќе се смени заедно со керамичката декорација, ќе се освежи и оградата на дворот од ковано железо, поточно целата куќа ќе го добие оној сјај кој го имала кога била изградена.
Гордана Данилоска Спироска, Завод и Музеј, Прилеп.

„И ова богатство и ова наследство што сме го добиле од дедо ми Петре и татко ми Трајче и еве го саатот како аманет останува од дедо ми што го купил од Америка, не потсеќа на тоа да остане драгоцено богатство на Прилеп, без разлика на тоа кој ќе седи овде“,вели Донка Илиоска, ќерка на Трајко, една од тројцата наследници од третата генерација сопственици на овој споменик на културата.

Помладата ќерка Лидија која живее во Скопје се носи со идеја овој велелепен објект во Прилеп да стане антикварница, галерија или пак музеј во кој што би се зачувало во сегашна форма се што се наоѓа во куќата. Но, што ќе биде натаму ќе одлучат заедно со Донка и братот Љупчо.

Од прилепскиот Завод и Музеј, истакнуваат дека државата оддвоила веќе 3 милиона денари за конзервација и реставрација на објектот.

„Целата дограма ќе се смени заедно со керамичката декорација, ќе се освежи и оградата на дворот од ковано железо, поточно целата куќа ќе го добие оној сјај кој го имала кога била изградена“, истакнува Гордана Данилоска Спироска, директор на прилепскиот Завод и Музеј.

А, за локалните власти инвестицијата во вакви градби е многу значајна за развој на туризмот.

„Куќата на Бектешовци им покажа на граѓаните, случајни или намерници дека Прилеп секогаш бил со урбана култура и традиција“,вели градоначалникот Марјан Ристески.

Куќата на Бектешоски е градена во европски стил, таа е компилација на стиловите кои првиот газда, ги затекнал шетајќи низ европските земји и Америка. Целата радост велат Бектешоски им е во куќата, таа е доказ за културата, материјалното и духовно богатство на оваа фамилија, но и постоењето на прилепската култура и аристократија пред еден век.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG