Достапни линкови

Изумира потпелистерската архитектура


Традиционалната потпелистерска архитектура изумира. Старите градби, дела на македонски мајстори изградени во 19 век се незаштитени.

Изумира традиционалната потпелистерска архитектура. Старите градби во потпелистерските села се во очајна состојба, повеќето разрушени, оставени на забот на времето и незаштитени. Се работи за врвни дела на македонски мајстори изградени во 19 век и порано. Фотографии од
преостанатите објекти во 39 потпелистерски села и информации за овие ретки градби деновиве беа изложени во Битола од страна на етнологот и конзерватор Викторија Момева Алтипармаковска.

„Не станува збор за некаква заштита, туку за документација на културното наследство, на традиционалната архитектура, а тоа е првиот чекор во заштитата. Точно мојата порака од оваа изложба е да се иницира практична заштита, инвестирање во заштитата не само од Министерството за култура туку и на локално ниво“, вели Момева Алтипармаковска.
Не станува збор за некаква заштита, туку за документација на културното наследство, на традиционалната архитектура, а тоа е првиот чекор во заштитата.

Експертите сметаат дека моменталната состојба е последица на тоа што со години нема стратегија за заштита на селската архитектура и за економски развој на руралните средини. Поради ова, многу малку традиционални куќи се сочувани во оригиналната стостојба. Во селата типични биле градбите со сложени основи, бројни еркери, функционален распоред со необични содржини, куќи на спрат, чардаклии, камени градби со видливо градско влијание , балкони со огради од ковано железо.

„Како да им се даде втор живот на тие стари куќи, тоа можно е со практична употреба и пренамена. Пред се да се подигне свеста за значењето на тоа културно наследство, потоа да се инвестира во практичната заштита и да се употребат во развојот на алтернативниот туризам кој ќе помогне за одржлив економски развој на селата“, додава етнологот.

Куќите се дела на познати македонски ѕидари, дограмаџии, каменорезачи кои граделе на секаде низ Балканот и подалеку, мајстори од струшко, дебарско и смилевско кои врз градбите оставиле како белези одредени орнаменти и симболи.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG