Достапни линкови

Културно „Јадро“ за демократизација на општеството


Со цел да прерасне во про-активен учесник во социо-културните процеси и да придонесе во пошироката развојна динамика на демократизација на општеството и на јавната сфера, денеска, симболично, во чекалницата на Железничката станица во Скопје, беше промовирана првата Асоцијација на независната културна сцена „Јадро“.

По 20-години самостојност на Македонија конечно и се случи формално здружување на актерите на независната културна сцена. Иницијаторите Контрапункт, Прес то егзит проџект спејс, Буден театар, Локомотива, Факултет за работи што не се учат, Центар за современи уметности, Медија Артес, Институт за слободна мисла НИСМА, Младински културен центар Битола, Стотројка, Ф.Р.И.К, Лајн, Плоштад Слобода и Центар за Драмски уметности Т-хаус, се обединија во „Јадро“ како прва Асоцијација на независната културна сцена.
Токму сега е вриежната точка кога мораме конечно, експлицитно и формално, буквално формално да покажеме дека постои тело, јадро, затоа и се нарековме „Јадро“, кое точно го знае своето место во општеството, своите потреби и знае што може да му даде на општеството.
Искра Гешоска, претседателка на „Јадро“.

Станува збор за непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа која се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и, пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.
Промоција на „Јадро“, Асоцијација на независната културна сцена. Елена Василевска, Искра Гешоска и Христина Ивановска.
Промоција на „Јадро“, Асоцијација на независната културна сцена. Елена Василевска, Искра Гешоска и Христина Ивановска.

„Токму сега е вриежната точка кога мораме конечно, експлицитно и формално, буквално формално да покажеме дека постои тело, јадро, затоа и се нарековме „Јадро“, кое точно го знае своето место во општеството, своите потреби и знае што може да му даде на општеството“, вели Искра Гешоска, претседателка на „Јадро“.
Ќе се обидеме да укажеме на тоа дека културата не е само движење по црвен тепих и елитен ексклузивитет, туку таа е работа, борба и протест сфатен во најблагородната смисла на зборот.
Искра Гешоска, претседателка на „Јадро“.

Таа дополнува дека платформата ќе застане цврсто наспрема стандардизираните, летаргични и некритични досегашни облици на културни практики кои ја претставуваат културата фрагментирано и како декорација на националниот етно-центричен код на општествено промислување. Од таму, од „Јадро“ најавуваат дека ќе се залагаат за преиспитување на ретроградното „читање“ на културата како нешто ексклузивно, нешто што им припаѓа на „одбраните“, на „елитите“ и нешто што е раководено и креирано исклучиво од институциите на моќ, чии критериуми често се непознати и дизајнирани според лични интереси на една мала група на луѓе кои владеат.

Од Асоцијацијата велат дека во изминатата декада независната културна сцена придонела за развој на критичката општествена клима и била иницијална каписла која отворила не само важни прашања во однос на културата и во однос на нужноста на нови форми на културната продукција која е поврзана со секојдневниот урбан идентитет, туку и пошироко во однос на јавниот простор и помогнала во процесите на разјаснување на општествените, политичките и културните феномени и правци на развој.

Во перидов што следува, од 23 до 30 мај, ќе биде објавен повик за вклучување на нови членови – поединци и неформални групи во Асоцијацијата, а потем во „Јадро“ ќе бидат формирани истражувачки тела за решавање на некои од основните прашања како надминување на просторните проблеми, легислативата, соработката на независниот со граѓанскиот сектор и друго.

„Ќе се обидеме да укажеме на тоа дека културата не е само движење по црвен тепих и елитен ексклузивитет, туку таа е работа, борба и протест сфатен во најблагородната смисла на зборот“, заклучува Гешоска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG