Достапни линкови

Нова театарска сцена


Од почетокот на октомври, во Универзална сала започна да делува новата Независна театарска сцена. Зад овој проект стојат ТЕАТАР 007, пантомимичарот Војо Цветановски и режисерот Ристе Алексовски.

Со претставата Отпушоци работена според романот Последната нова година од италијанскиот автор Николо Аманити, во режија на Игор Ивковиќ и во изведба на ТЕАТАР 007, во Универзална сала во Скопје е означено делувањето на новата Независна театарска сцена. Покрај оваа претстава на редовниот репертоар на оваа сцена се и Ќелавата пејачка од Ежен Јонеско и Игра работена според култните раскази на Данил Хармс, а деновиве се очекува да биде обновен и проектот на режисерот Ристе Алексовски - Последната лента на Крап работен според текст на Семјел Бекет. Целта на оваа нова Независна театарска сцена е да се спротивстави на клишираните театарски форми и естетики специфични за професионалните театри, а нејзиното формирање доаѓа по неславната епизода што овие творци ја имаа со Младинскиот културен центар на чија сцена до летото се играа сите овие претстави.

,,Новото раководство не покажа интерес за продолжување на независна, алтернативна театарска сцена. Има некоја своја идеаја за создавање на некаков поинаков концепт на МКЦ."

истакнува Игор Ивковиќ од ТЕТАР 007.
Режисерот и првиот дипломиран пантомимичар во Македонија Војо Цветановски, пак, говорејќи за идејата и сензибилитетот што нив ги врзува околу концептот забележува:

,,Оваа година, некаде од месец мај, решивме да почнеме да пробаме да оформиме една независна театарска сцена. Тоа е тоа, авангардноста која сеуште тлее во нас и можеме да ја поставиме на сцената на која што ќе работиме, а тоа е Универзалната сала."

Цветановски за себе истакнува дека тој на оваа сцена ќе делува повеќе како режисер и дека деновиве започнува со нов проект.

,,Ја знам пантомимата и ќе ја имплементирам многу интензивно, но повеќе ќе се бавам со драмски авангардни претстави во кои што ќе изобилува пантомима. ,,ММЕ кој прв почна" од понеделник почнувам да работам на тоа."

Покрај оваа поставка до крајот на оваа година во план се и неколку премиери за што Ивковиќ дополнува:

,,Почнавме со работа на ,,Сината птица" тоа е угледна претстава за деца, потоа следи уште еден проект според текстот ,,Балканот не е мртов" на Дејан Дуковски."

Инаку, оваа нова Независна алтернативна сцена, покрај малиот битолски театар на Благој Стефановски е втората ваква продукција во Македонија која заговара свежина во театарскиот израз.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG