Достапни линкови

Машина за авионски делови на Микросам за Русија


Прилепски „Микросам“ започна производство на машина за руска компанија, која ќе произведува делови за комерцијални авиони.

Прилепски „Микросам“ започна производство на машина која што ја дизајнираше за потребите на руска компанија, која пак ќе произведува делови за новиот руски комерцијален авион. Од „Микросам“ одбиваат да соопштат детали, како што велат, се додека не се испорача машината.

И за нафтената индустрија сме во преговори со некои компании, за продажба на композитни цевки за транспорт на нафтата. Тоа планираме да го реализираме до средината на оваа година.
Димитар Богаданоски, менаџер за продажба во „Микросам“.
„Договори како што се со дел добавувачи во авионската индустрија во Русија, поспецифично две многу познати фирми“, соопшти Самоил Самакоски, потпретседател на „Микросам“.
Самоил Самаковски.
Самоил Самаковски.

Од друга страна, во моментов се работи и на реализација на договор со германски партнер за испорачување на новата технолошка линија, најсофистицираната автоматска линија за производство на резервоари за складирање на гас. Преку германските партнери оваа машина треба да биде извезена во Индија. А, во зависност од капацитетот на пазарот, машината што ќе биде испорачана во 24 камиони ќе чини меѓу 6 и 20 милиони евра.

Работниците, исто така и инженерите, тие покажуваат потенцијал во можноста да се справат со светските фирми и да можат да конкурираат со своето знаење и искуство што го развиваат, значи не мора да се сведуваме на пониски технологии што имаат можеби пониска вредност, можеме да влеземе и на пазари каде што има поголем прилив и придонес во државата.
Самоил Самакоски, потпретседател на „Микросам“.
„И за нафтената индустрија сме во преговори со некои компании, за продажба на композитни цевки за транспорт на нафтата. Тоа планираме да го реализираме до средината на оваа година, да ги потпишеме тие договори со што би обезбедиле долгорочна работа за сите вработени“, најави Димитар Богаданоски, менаџер за продажба во „Микросам“.

Микросам во моментов преговара со „Боинг“ и некои други американски фирми, па според плановите и очекувањата на менаџерите, конечно оваа прилепска компанија, единствена на Балканот наменета за производство на композитни материјали, ќе ги освои пазарите на сите континенти. За да одговори на потребите на пазарот се планира отворање на нов производствен погон за машини. А, ќе има нови 30-ина вработувања. Од нив секако половината би биле високостручен кадар“.

„Работниците, исто така и инженерите, тие покажуваат потенцијал во можноста да се справат со светските фирми и да можат да конкурираат со своето знаење и искуство што го развиваат, значи не мора да се сведуваме на пониски технологии што имаат можеби пониска вредност, можеме да влеземе и на пазари каде што има поголем прилив и придонес во државата“, додава Самакоски.

Тој смета дека „Микросам“, дополнително ќе ги користи непресушните потенцијали на Македонија, а особено на прилепскиот регион, којшто е расадник на високостручни кадри. Затоа и од Институтот за роботика и композитни материјали и од „Микросам академијата“ се ангажираат сите квалитетни кадри.

Оваа компанија во текот на својата речиси 2,5 децениска успешна работа има испорачано над 140 производни линии, во повеќе од 35 земји. Пазарите на кои „Микросам“ ги продава своите машини се земјите од Европската унија, Русија, Кина, Индија, а од неодамна почна и со промотивни активности на американскиот пазар.

Инаку, во светски рамки во индустријата за композитни материјали има само четири земји – САД, Шпанија, Франција и Македонија, каде има компании што произведуваат машини за автоматско полагање на композитен материјал кои се користат за производство на делови за авионската и вселенската индустрија. Но, сепак, „Микросам“ е единствена компанија во светот што ги покрива сите три клучни технологии за производство на композитни материјали, како што потенцираат надлежните.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG