Достапни линкови

Сиромаштијата ја избриша насмевката


Ценовните шокови секогаш се проследени со депресија, страв од неизвесност и со загриженост за иднината, велат социолозите.

Дури и тогаш кога се надеваме дека ќе има крај на бранот поскапувања, денеска повторно се возиме со поскап бензин. Во пресрет на Велигденските празници веќе се најавени повисоки цени на јајцата и месото. Сметките за струја и парно веќе подолго време се неподносливо високи, а стандардот низок.
Да крпиш едвај, дали за вода, дали за струја, дали за јадење.
Анкетиран граѓанин.

Вака граѓаните го опишуваат секојдневието кое го живеат. Оптоварени со егзистенцијалните проблеми и во потрага по решение како полесно да се помине месецот, граѓаните заборавија да се смеат.

„Ние преживуваме, нема правда за сите.“

„Многу тешко поминуваме.“

„Да крпиш едвај, дали за вода, дали за струја, дали за јадење.“
Ценовните шокови секогаш биле проследени со депресија, со страв од неизвесност, што е тоа што натаму ќе се случува и секогаш се проследени со коментарот дека веројатно ќе биде и полошо, а не и подобро.
Ѓорги Тоновски, универзитетски професор.

„Не знам со ваков стандард како ќе се преживува.“

Нашите соговорници велат дека се потешко се живее. Во услови на голема сиромаштија, висок процент на невработеност, а скап живот, принудени сме да штедиме. Анкетираните велат дека во недостиг на финансии, па и расположение,
не ни размислуваат за други задоволства.

„Ќе мора од нешто друго да се скрати за да се дополни тоа.“

„Помолку ќе трошиме за да ги платиме сметките.“

„Па мора да се скрати од нешто, оти примањата се фиксни.“

Социолозите предупредуваат дека оваа појава во земјава е загрижувачка. Сиромаштијата не е поврзана со насмевката, стандардот е се понизок, а неизвесноста се поголема, вели професорот Ѓорги Тоновски.

„Ценовните шокови секогаш биле проследени со депресија, со страв од неизвесност, што е тоа што натаму ќе се случува и секогаш се проследени со коментарот дека веројатно ќе биде и полошо, а не и подобро.“

Ваквата атмосфера, според Тоновски, раѓа депресија и очај кај луѓето, а во таква ситуација граѓаните се опасни. Но, има ли начин да се надмине таквиот психолошки притисок и да се врати насмевката кај граѓаните?

„Сигурно, тоа треба да го понудат надлежните фактори, оние коишто се занимаваат со развојот на Република Македонија. Без промени во сферата на економијата, во отварањето на Макеоднија кон светскиот пазар, без додатни инвестиции, без сосздавање на една поволна бизнис клима, дека тешко ќе можеме да излеземе од оваа ситуација.“

Во моментот кога на граѓаните ќе им биде дозволено сами да управуваат со своите животи и ќе им биде овозможено да ги користат своите капацитети и идеи за излез од сиромаштијата, тогаш ќе можеме да се надеваме дека работите одат во нагорна линија и дека народната „по дождот светнува сонце“, конечно ќе стане реалност, заклучува социологот Тоновски.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG