Достапни линкови

Неделен печат - Нимиц, криза со струја и бенифициите на ТАВ


Фокус ги анализира пораките на Нимиц, Глобус се занимава со недостигот на струја, а Капитал прашува зошто се крие концесискиот договор меѓу Владата и ТАВ.

Фокус - Нимиц ни се заканува со војна?!

Актуелизирањето на загинувањето на претседателот Трајковски можеби е прекрасен вовед во финалната пресметка на Груевци со Западот, кој, тука, ни глуми пријател, а над Босна ни убива претседател?
Фокус.
Најновиот Фокус ја заокружува расходката, како што вели, на Нимиц по Скопје и Атина, со уводник чиј наслов има прашалник и извичник: „Нимиц ни се заканува со војна?!“. Уводничарот иронично ја цитира тезата на актуелната власт дека нема причина за брзо влегување во НАТО. Од сите страни сме опкружени со нејзини членки, а на север ни е старата пријателка Србија и западниот чадор над Косово. Така велеа Груевци, пишува уводничарот, со намера да спечалат уште некој мандат како божемни патриоти во битката за името. Денес, пак, после изјавата на Нимиц, дека спорот со Грција ја засега светската безбедност - тие молчат. Веројатно до моментот кога ќе се охрабрат за да го отераат медијаторот во мајчината. Па, да, од кај знае тој дека ние не би победиле и во евентуална војна?! - цинично прашува Фокус.

Неделникот дава и интересна теза дека актуелизирањето на загинувањето на претседателот Трајковски можеби е прекрасен вовед во финалната пресметка на Груевци со Западот, кој, тука, ни глуми пријател, а над Босна ни убива претседател? Кој тогаш ќе гледа во компромитирачките материјали за Груевци што секој момент можат да излезат на бело-видело.

Глобус - Власта не' носи во нова криза како хроничен зависник од увозот на струја

Глобус го третира најактуелниот проблем деновиве - струјата и нејзиниот недостиг: „Власта не' носи во нова криза како хроничен зависник од увозот на струја“ - е насловот на подолгата анализа во неделникот, при што констатира дека пропуштените прилики за изградба на нови енергетски проекти (од 2006 не е изграден ниту еден), ќе не' потсетуваат најмалку еднаш годишно дека ориентацијата да се увезува струја и некој притоа дебело да се омрсува ја плаќаме сите: со поскапи енергенси, со рестрикции и ладни станови, а на овој план, секоја година ќе биде полоша, тврди Глобус. А во последниве шест години Македонија потроши една милијарда долари за увоз на струја преку фирма ќерка на ЕЛЕМ!

Капитал - Веќе две години се крие концесискиот договор помеѓу Владата и ТАВ

Неделниот Капитал се занимава со необјавениот таинствен договор помеѓу Владата и концесионерот на двата македонски аеродрома, турскиот ТАВ, и со одлуката на Владата на Груевски во следните три години со 5 милиони и 100 илјади евра да му помага на ТАВ во земјава да донесе повеќе нискобуџетни авиокомпании, затоа што турскиот концесионер немал толку пари за тоа! А тоа би требало да е негова обврска со договорот за концесија, пишува Капитал и прашува зошто веќе две години се крие концесискиот договор помеѓу Владата и ТАВ? Ете затоа, одговара неделникот: можеби во него кристално јасно е напишано на што се обврзале обата потписника. Ако е се јасно и правно издржано Договорот за концесија од 2010 година треба веднаш да се објави зашто во спротивно секоја изјава е залажување на јавноста, која воопшто не е лесноверна, предупредува Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG